У.бр.56/2002

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 став 1 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 12 март 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Сашо Незировски од Крива Паланка, поднесено преку полномошникот Шпенд Деваја адвокат од Скопје, за заштита на слободите и правата од член 110 став 1 алинеја 3 од Уставот, што се однесуваат на забрана на дискриминација по основ на слобода на уверувањето, совеста, мислата и вероисповеста.

2. Сашо Незировски од Крива Паланка, преку полномошникот Шпенд Деваја адвокат од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за поведување постапка за заштита на слободите и правата од член 110 став 1 алинеја 3 од Уставот, што се однесуваат на забрана на дискриминација по основ на слобода на уверувањето, совеста, мислата и вероиспвоеста, а кои му биле повредени со Решението на Министерството за одбрана бр.14-786/2 од 21 декември 2001 година со кое барањето за цивилно служење на воениот рок поднесено од Сашо Незировски е одбиено како неосновано и со Решение на Комисијата за решавање во управна постапка во втор степен од областа на одбраната на Владата на Република Македонија бр.28/ И -8/2 од 13 февруари 2002 година со кое жалбата изјавена од регрутот Сашо Незировски против решението на Министерството за одбрана, Подрачна едница за одбрана Крива Паланка бр.14-786/2 од 2 1.12.2001 година, се одбива како неоснована.

3. Во текот на постапката по предметот, Уставниот суд на Република Македонија постапувајќи по предметот У.бр.37/2002, со Одлука од 12 септември 2002 година го укина член 10 став 1 од Законот за одбрана (Одлуката е објавена во “Службен весник на Република Македонија” бр.73/02), кој претставуваше основ за донесување на оспореното решение и е во директна зависност со предметното барање.

Судот на седницата утврди дека во одговорот на Министерството за одбрана бр.0 3-940/3 од 19 февруари 2003 година, е наведено дека ова министерство постапува согласно наведената одлука на Уставниот суд, со што се обезбедува остварување на правото на приговор на совеста согласно одредбите на Законот за одбрана. Во однос на барателот Сашо Незировски од Крива Паланка, Комисијата за решавање по барањата на регрутите за сл ужење на воен рок во Армијата без оружје, односно во цивилна служба на Министерството за одбрана, донела решение со кое се усвојува барањето за служење на воениот рок во цивилна служба и регрутот Сашо Незировски е упатен на служење на воениот рок во цивилна служба во декември односно јануари 2003 година.

Според тоа, јасно произлегува дека поединечниот акт кој бил повод за поднесување на барањето за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот веќе не постои и е заменет со нов поединечен акт со кој се усвојува барањето на Сашо Незировски од Крива Паланка, со што настанале процесни пречки за одлучување на Судот по барањето.

4. Според член 28 став 1 алинеја 3 а во врска со член 68 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување на Судот.

Врз основа на наведената одредба од Деловникот на Уставниот суд, а имајќи предвид дека постојат процесни пречки за одлучување по барањето, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.56/2002
12 март 2003 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Д-р Тодор Џунов