Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 5 март 2003 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 8 став 2 од Законот за објавување на законите и другите прописи и акти во “Службен весник на Република Македонија” објавен во (“Службен весник на Република Македонија” бр.56/99 и 43/02).
2. М-р Ѓорѓи Наумов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 8 став 2 од Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со оспорената одредба се предвидувало законите да се објавуваат во “Службен весник на Република Македонија” и на друг службен јазик и писмо, а не само на македонски јазик и неговото кирилско писмо како службен јазик на целата територија во Република Македонија и во нејзините меѓународни односи, што не било во согласност со член 7 став 1 од Уставот.
3. Судот на седницата утврди дека според член 8 став 2 од Законот, законите се објавуваат и на друг службен јазик и писмо што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните кои припаѓаат на заедниците во Република Македонија.
4. Според Амандман В точка 1 став 1 од Уставот, на целата територија на Република Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, а според ставот 2 од оваа точка, друг јазик што го зборуват најмалку 20% од граѓаните, исто така, е службен јазик и неговото писмо, како што е определено со овој член.
Согласно став 5 точка 1 од овој амандман на Уставот, во органите на државната власт во Република Македонија службен јазик различен од македонскиот јазик, може да се користи во согласност со закон.
Според точката 2 од Амандманот В на Уставот, со овој амандман се заменува членот 7 од Уставот на Република Македонија.
Со Законот за објавување на законите и другите прописи и акти во “Службен весник на Република Македонија”, се уредува објавувањето на законите, другите прописи и акти во “Службен весник на Република Македонија”, како и издавањето на службеното гласило “Службен весник на Република Македонија”. Со член 8 став 1 од овој закон се уредува дека “Службен весник на Република Македонија” се издава на македонски јазик и на неговото кирилско писмо.
Согласно ставот 2 на член 8 од Законот, кој е дополнување на членот 8, направено со Законот за дополнување на Законот за објавување на законите и другите прописи и акти во “Службен весник на Република Македонија” кој влегол во сила на 5 јули 2002 година, се определува дека законите се објавуваат и на друг службен јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните кои припаѓаат на заедниците во Република Македонија, што во конкретниот случај е и предмет на оспорување.
Тргнувајќи од анализа на наведените одредби јасно произлегува дека службен јазик во Република Македонија е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и дека тоа се однесува на целата територија на Република Македонија и во нејзините меѓународни односи. Во Република Македонија, исто така, службен јазик и неговото писмо е и друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните, во рамки на определбите со Амандман В на Уставот. Во таа смисла, со став 3 на точка 1 од овој амандман е уредено дека личните документи на граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик, се издаваат на македонски јазик и неговото писмо, како и на тој јазик и неговото писмо во согласност со закон. Со ставот 4 на оваа точка, се уредуваат прашањата на употребата на тој јазик во комуникацијата помеѓу граѓаните и подрачните единици на министерствата и министерствата и обратно, а со ставот 6 на оваа точка се уредува дека во единиците на локалната самоуправа јазикот и писмото што го користат најмалку 20% од граѓаните е службен јазик, покрај македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. За употребата на јазиците и писмата на кои зборуваат помалку од 20% од граѓаните во единиците на локалната самоуправа, одлучуваат органите на единиците на локалната самоуправа.
За одбележување е дека во рамките на определбите за користењето на службен јазик различен од македонскиот јазик, со ставот 5 од точка 1 на Амандман В на Уставот е утврдено дека во органите на државната власт во Република Македонија службен јазик различен од македонскиот јазик, може да се користи во согласност со закон. Поаѓајќи од таквата уставна определба, законодавецот во функција на нејзината операционализација, со дополнувањето на Законот за објавување на законите и другите прописи и акти во “Службен весник на Република Македонија”, утврдил дека законите се објавуваат и на друг службен јазик и писмо што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните кои припаѓаат на заедниците во Република Македонија.
Врз горенаведените основи, од 15 јули 2002 година, законите во “Службен весник на Република Македонија” се објавуваат и на албански јазик и неговото писмо.
Тргнувајќи од наведеното, според мислењето на Судот, право е на законодавецот, во рамките на определбите утврдени со Уставот, да утврди користење на друг службен јазик различен од македонскиот јазик, како што е во конкретниот случај со оспорената одредба во однос на објавувањето на законите и дека на тој начин не се повредуваат уставните принципи за употреба на службениот јазик. Притоа, Судот оцени дека на одредбите за употребата на службениот јазик треба да се приоѓа на целовит и конзистентен начин, а не фрагментарно како што е постапено од стрна на подносителот на иницијативата, според кој оспорената одредба од Законот не била во согласност со член 7 став 1 од Уставот (веројатно мисли на став 1 точка 1 од Амандман В на Уставот).
Со оглед на наведеното, пред Судот не се постави прашањето за согласноста на член 8 став 2 од Законот со одредбите од Амандман В на Уставот.
5. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У.бр.27/2003
5 март 2003 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов