14/2003-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 19 февруари 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 17-а став 2 и став 5 од Законот за дополнување на Законот за трансформација на Заводот за платен промет (“Службен весник на РМ”бр.50/2001).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста на Одлуката за основање на Агенција за работа со блокирани сметки на учесниците во платниот промет на Република Македонија “Службен весник на РМ” бр.64/2001).
3. Агенцијата за работа со блокирани сметки на учесниците во платниот промет од Скопје, преку в.д. директорот Александар Поповски, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста на актите означени во точките 1 и 2 од ова решение.
Според наводите во иницијативата Владата на Република Македонија немала правен основ за формирање на овој вид агенција.
Оспорените одредби од ставовите 2 и 5 од член 17-а од Законот биле спротивни на член 91 од Уставот кој, при утврдувањето на надлежноста на Владата, не предвидувал нејзино овластување за формирање агенции од овој вид. Исто така оспорените одредби од Законот биле спротивни и со членот 95 од Уставот во кој, како органи на државната управа, не биле предвидени агенциите.
Оспорените одредби од членот 17-а биле спротивни и на Законот за Владата на Република Македонија и на Законот за организација и работата на органите на државната управа.
Притоа, подносителот не ги наведува причините поради кои ја оспорува меѓусебната согласност на овие два закони наспроти оспорениот закон.
Одлуката за основање на Агенцијата за работа со блокирани сметки, се оспорува поради нејзина несогласност со членот 5 став 3 и членот 7 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, затоа што во нив Агенција од овој вид не била предвидена како орган на државната управа.
Одлуката се оспорува и поради нејзина несогласност со членовите 8, 9 и 36 став 3 од Законот за Владата на Република Македонија, затоа што истите при опредлувањето на надлежноста на Владата, не предввидле истата да формира агенции од овој вид.
На крај, Одлуката се оспорува и наспроти одредбите од членовите 91 и 95 од Уставот кои при определувањето на надлежностите на Владата не предвиделе овластување за формирање на Агенција од овој вид.
4. Судот на седницата утврди дека ставовите 2 и 5 на член 17-а од Законот се еден вид упатна норма што ја овластува Владата со свој акт да го утврди делокругот и надлежностите за работа на Агенцијата.
Согласно член 91 алинеја 13 од Уставот (покрај таксативно наброените надлежности на Владата), Владата врши и други работи утврдени со Уставот и со закон.
Согласно со оваа уставна одредба, Законот за трансформација на Заводот за платен промет ја овластува Владата да го утврди делокругот на работа и надлежностите за работа на Агенцијата.
Значи, во функција на операционализација на овој закон, Владата донела свој акт (во случајов оспорената одлука).
Согласно член 35 од Законот за Владата на Република Македонија, за извршување на законите Владата, меѓу другото, донесува одлуки. Таков е случајов со оспорената одлука.
Имајќи го предвид изнесеното, Судот смета дека Владата била овластена да ја донесе оспорената одлука, односно дека не може основано да се постави прашањето за уставноста на ставовите 2 и 5 на членот 17-а од Законот за трансформација на Заводот за платен промет.
5. Судот на седницата, исто така, утврди дека Одлуката е донесена врз основа на член 17-а од Законот за трансформација на Заводот за платен промет, на седницата на Владата на Република Македонија, одржана на 1 август 2001 година.
Со неа се предвидува да се основа Агенција за работа со блокираните сметки на учесниците во платниот промет чии жиро сметки (блокирани сметки) нема да се пренесат на носителите на платниот промет најдоцна до 31 декември 2001 година.
Агенцијата има својство на правно лице и со неа раководи директор, кој го именува Владата на Република Македонија.
Со членовите 4, 5, 6 и 7 од Одлуката се определува делокругот на работата и надлежностите на Агенцијата.
Одредбата од членот 8 од Одлуката предвидува дека Агенцијата ќе отпочне со работа на 1 јануари 2002 година, а ќе престане со работа на 31 декември 2003 година.
Последната одредба од Одлуката (член 9) предвидува истата да влезе во сила наредниот ден од денот на објавувањето.
Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот, односно за согласноста на другите прописи со Уставот и законите.
Со оглед на тоа што оспорената одлука претставува акт на основање, односно не претставува пропис во смисла на член 110 од Уставот, таа, како таква, излегува надвор од доменот на надлежноста на Судот, поради што Судот ја отфрли иницијативата за оценување на нејзината уставност.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.14/2003
19 февруари 2003 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов