Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 19 февруари 2003 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 24 став 6 во делот ‘’а Министерството за одбрана нивната намена и специјалност’’ од Законот за одбрана (‘’Службен весник на Република Македонија’’бр.42/2001, 5/2003).
2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на делот од член 24 став 6 од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според подносителот на иницијативата Министерството за одбрана не можело да биде надлежно да ја определува намената и специјалноста на родовите и службите во Армијата, но тоа било во надлежност на претседателот на Републиката, со оглед дека претседателот, според член 79 став 2 од Уставот е врховен командант на вооружените сили на Македонија, или евентуално на Генералштабот на Армијата, како највисоко стручно тело во состав на Министерството за одбрана за прашањата кои се однесуваат на Армијата (член 25 став 1 од Законот).
Имено, подносителот смета дека со оспорениот дел на членот 24 став 6 од Законот се вршело мешање на Министерството за одбрана во функцијата, односно ингеренциите на претседателот на Републиката, како врховен командант на вооружените сили на Република Македонија што не било во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 51, член 79 став 2, член 96 и член 122 став 1 од Уставот.
3. Судот на седницата утврди дека според ставот 1 на член 24 од Законот, Армијата се организира во единици, команди, штабови и установи.
Организацијата на единиците, командите, штабовите и установите, како и нивната големина, структура, број, состав и намена се пропишуваат со организацијата и формацијата на Армијата (став 2).
Армијата се состои од видови, родови и служби (став 3).
Видовите се: копнена војска и противоздушна одбрана и воено воздухопловство (став 4).
Видовите се состојат од родови и служби (став 5).
Претседателот на Републиката ги определува родовите и службите во Армијата, а Министерството за одбрана нивната намена и специјалност (оспорен дел на ставот 6).
4. Според член 79 став 2 од Уставот, претседателот на Републиката е врховен командант на вооружените сили на Македонија, а според ставот 3, претседателот своите права и должности ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите.
Според член 122 став 1 од Уставот, вооружените сили на Република Македонија го штитат територијалниот интегритет и независноста на Републиката, а според ставот 2 на истиот овој член, одбраната на Републиката се уредува со Закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Врз основа на наведените уставни одредби, одбраната на Република Македонија, како организиран систем за одбрана на независноста и територијалниот интегритет на Републиката е уредена со Законот за одбрана.
Според Законот за одбрана, одбраната на Републиката ја остваруваат граѓаните, органите на државната власт и вооружените сили, како Армија на Република Македонија.
Во рамките на правата и должностите, односно надлежностите на органите на државната власт во остварување на одбраната на Републиката од аспект на причините поради кои се оспорува наведениот дел на член 24 став 6 од посебно значење се одредбите на Законот за одбраната со кои меѓудругото се операционализираат напред цитираните уставни решенија за местото, улогата и функциите на претседателот на Републиката и вооружените сили на Република Македонија.
Најдиректен член во напред наведената смисла секако е членот 28 од Законот за одбрана, во кој не само што се потврдува уставната улога на претседателот на Републиката дека тој е и врховен командант на Армијата, но во овој член истовремено се утврдени начинот и принципите на кои се заснова командувањето во Армијата.
Така, според овој член од Законот, со единиците на Армијата непосредно командуваат началникот на Генералштабот на Армијата и командантите на воените единици и установи, во согласност со прописите за командување донесени од претседателот на Републиката, а командувањето во Армијата се заснова врз принципите на едностарешинство, субординација и единство во командувањето при употреба на силите и средствата.
Освен командната функција со Армијата, претседателот на Републиката во остварување на одбраната има и други функции, односно надлежности што се утврдени во самиот Закон за одбрана. Така, тој согласно член 18 од Законот ја донесува стратегијата за одбрана на Републиката, ги пропишува мерките на приправност и наредува нивно спроведување, ја пропишува организацијата и формацијата на Армијата, донесува документи за употреба на Армијата и наредува нејзина употреба, наредува мобилизација на Армијата и друго.
Од наведените уставни и законски одредби јасно произлегува дека претседателот на Републиката и според Уставот и според Законот за одбрана е врховен командант на вооружените сили на Републиката и дека оваа функција тој ја остварува на начин утврден во членот 28 од Законот, а не во членот 24 став 6 чиј дел се оспорува со оваа иницијатива.
Со оглед дека со оспорениот дел на членот 24 став 6 не се уредуваат прашања во врска со командувањето на претседателот на Републиката со Армијата, но тие прашања се уредени со други членови од Законот, Судот утврди дека овој дел на членот 24 не може да се посматра во корелација со членот 79 став 2 од Уставот, поради што и не може да се констатира дека со утврденото овластување на министерството за одбрана тоа да ја определува намената и специјалноста на родовите и службите во Армијата се повредува или ограничува уставно утврденото право и позиција на претседателот на Републиката како врховен командант на вооружените сили на Републиката.
Оваа констатација соодветно се однесува и во однос на членот 122 став 1 од Уставот, од чиј аспект исто така се оспорува уставноста на овој дел од членот 24 став 6 од Законот.
Имено, имајќи предвид дека во членот 24 од Законот се утврдува организацијата на Армијата, која според дефиницијата од членот 22 е вооружена сила на сите граѓани на Републиката, а според ставот 1 на член 24 таа се организира во единици, команди, штабови и установи, а чија, пак, организација, големина, структура, состав и намена, се пропишуваат со организацијата и формацијата на Армијата од страна на претседателот на Републиката, како нејзин врховен командант, кој што истовремено е овластен да ги определува и родовите и службите во Армијата, произлегува дека овластувањето на Министерството за одбрана да ја определува намената и специјалноста на родовите и службите во Армијата се однесува само на еден сегмент од организацијата на Армијата, кој што заедно со сите други напред наведени е во функција на организирање, подготвување и оспособување на Армијата за остварување на нејзината уставна позиција утврдена во членот 122 став 1 од Уставот.
Поради наведените причини Судот оцени дека оспорениот дел на членот 24 став 6 од Законот не е во несогласност со член 79 став2, член 122 став 1, како и со другите членови од Уставот наведени во иницијативата.
5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од п ретседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р ЈосифТалевски.
У.бр. 147/2002
19 февруари 2003 год.
С к о п ј е
дб
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов