104/2002-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 12 февруари 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста на член 17-а став 4 од Законот за трансформација на Заводот за платен промет (“Службен весник на РМ” бр.32/01, 50/01, 103/01 и 37/02).
2. Пешевски Витомир од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста на Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата, ставот 4 на член 17 од Законот бил несогласен со член 30 став 3, член 58 став 1 и член 55 став 1 и став 3 од Уставот на Република Македонија.
Исто така, оспорената законска одредба била несогласна и со член 46 став 2 од Законот за стечај, затоа што покрај доверителите кои биле единствено овластени да поднесуваат предлог за отварање на стечајна постапка, предвидувала ваков предлог да поднесува и Агенцијата за работа со блокирани жиро сметки.
3. Судот на седницата утврди дека оспорената одредба од Законот била предмет на оценка пред Судот и дека со Решение У.бр. 140/2002 од 29 јануари 2003 година, не повел постапка за оценување на нејзината уставност.
4. Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
Со оглед на тоа што Судот се произнел дека оспорената одредба е согласна со Уставот, а нема основи за поинакво одлучување, одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседа телот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.104/2002
12 февруари 2003 година
С к о п ј е
л.а
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов