180/2002-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 12 февруари 2003 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА точка II став 1 алинеја 2 и став 2 алинеја 3 и 4 и точка III од Одлуката бр.02-1002, со која се утврдуваат цени на комунални услуги, донесена од Управниот одбор на Јавното претпријатие “Чистота и зеленило” од Куманово, на 17 јуни 2002 година.
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во ” Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија по иницијатива на Душан Димитријевиќ од Куманово, со Решение У.бр.180/2002 од 15 јануари 2003 година, поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на точка II став 1 алинеја 2 и став 2 алинеја 3 и 4 и точка III од Одлуката означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби од Одлуката со одредбите на член 9 и член 52 став 1 од Уставот и член 29 став 1 алинеја 6 од Законот за комуналните дејности.
4. Судот на седницата утврди дека според точка II став 1 од Одлуката, надоместокот за изнесување на смет од правни субјекти за површина на деловен простор од 15 м2 изнесува 24,00 денари од м2, а за дворно место 0,80 ден./м2. Според оспорената алинеја 2 на став 1 од оваа точка од Одлуката, надоместокот од правните субјекти за површина на деловен простор над и под 15 м2 изнесува 1,90 денари од метар квадратен.
Со точка ИИ став 2 алинеја 1 и 2 од Одлуката се уредува дека надоместокот за изнесување на смет од граѓани за станбен простор изнесува 3,50 ден./м2, а за дворно место 0,30 ден./м2. Според оспорените алинеи 3 и 4 од овој став, минималната квадратура на станбен простор за пресметување на ѓубрарина е 40 м2, а максималната квадратура на станбен простор за пресметување на ѓубрарина е 100 м2.
Според точка ИИИ од Одлуката, оваа одлука стапува во сила од денот на донесувањето.
5. Според член 9 од Уставот граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Со член 52 став 1 од Уставот се уредува дека законите и другите прописи се објавуваат пред да велзат во сила.
Според член 27 од Законот за комунални дејности (“Службен весник на Република Македонија” бр.45/97, 23/99 и 45/02) висината на цената и начинот на плаќање на комуналните услуги, ја определува управниот одбор на јавното претпријатие, по претходна согласност на основачот, а според член 29 алинеја 6 од овој закон, плаќањето на комунални услуги за одржување на хигиена во градски и други населби се врши во мерна единица – ден./м2 (денари на метар квадратен).
Тргнувајќи од содржината на наведените уставни и законски одредби, а имајќи ја предвид содржината на оспорените одредби од Одлуката, според која цените на комуналните услуги за одржување на хигиената во градските и други населби, односно за изнесување на смет од правните и физичките лица на подрачјето на општина Куманово се определуваат според групирање на корисниците на услугите по просечна минимална и максимална површина, а не по цена на метар квадратен за реално извршена комунална услуга на изнесување на сметот, според мислењето на Судот, со таквиот начин се повредува принципот на еднаквост на граѓаните со оглед на тоа што едни плаќаат надоместок за одржување на хигиена за површини што ги немаат, а други не плаќаат за површини што ги имаат. Исто така, начинот на утврдување на надоместокот за комуналните услуги, содржан во оспорените одредби не е во согл асност со законската одредба да тој се врши според мерна единица на метар квадратен. Покрај тоа, Одлуката е утврдено да влезе во сила со нејзиното донесување, а не со нејзиното објавување, со што се повредува уставниот принцип за објавување на прописите пред нивното влегување во сила.
Со оглед на наведеното, Судот оцени дека оспорените одредби од Одлуката со која се определуваат цените на комуналните услуги не е во согласност со член 9 и член 52 став 1 од Уставот и член 29 алинеја 6 од Законот за комуналните дејности..
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.180/2002
12 февруари 2003 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов