Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 12 февруари 2003 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на член 35 став 2 и 3 и член 126 став 3 алинеја 5, во делот “и колективен договор” од Колективниот договор за уредување, односно доуредување на правата, обврските и одговорностите од работен однос во Министерството за одбрана бр. 01-92/1 склучен на 15 април 2002 година, а објавен во “Службен весник на Република Македонија” бр.78/02.
2. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на член 151 од Колективниот договор означен во точката 1 од ова решение.
3. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на одредбите од колективниот договор означени во точките 1 и 2 од ова решение, со тоа што уставноста и законитоста на членот 151 со оваа иницијатива се оспорува само во делот ‘’до министерот доколку за тоа решавал овластен работник од министерот’’.
Според наводите во иницијативата со оспорениот член 35 став 2 и 3 од Колективниот договор се повредувале: член 79 став 2 од Уставот и член 18 став 1 точка 9; член 25 став 1; член 26 точките 2, 3, 4, 8, 9, 10, 11, 12, 13, 14, 15, и 20; и член 28 став 1, 3 и 4 од Законот за одбрана, како и членот 84 од Законот за работните односи бидејќи од овие уставни и законски одредби според подносителот произлегувало дека прашањата што се уредени во оспорените одредби на членот 35 од Колективниот договор се во надлежност на претседателот на Републиката, началникот на Генералштабот на АРМ и командантите на воените единици и установи, а не на министерот за одбрана.
Членот 126 став 3 алинеја 5 во оспорениот дел не бил во согласност со членот 108 став 1 точка 5 од Законот за работните односи, затоа што според толкувањето на подносителот според овој член од Законот работодавачот можел да одлучи работникот да остане во работен однос во согласност со условите утврдени со закон и општ колективен договор, а не со колективен договор, како што било предвидено во оспорениот дел.
Поради тоа, овој дел од членот 126 од Колективниот договор, освен со членот 108 став 1 точката 5 од Законот за работните односи, не бил во согласност и со членовите 8 алинеја 3, 32 став 5 и 51 од Уставот.
Со оспорениот дел на членот 151 од Колективниот договор се повредувал членот 15 од Уставот и членот 135 став 2 од Законот за работните односи бидејќи во случајот не била обезбедена двостепеност, со оглед дека за решавање по приговорот било утврдено да одлучува министерот за одбрана кој одлучувал и во прв степен по барањето, а не Комисијата од членот 51 од Колективниот договор. Освен тоа, оспоренот дел на членот 151 од Колективниот договор бил дискутабилен и поради тоа што како второстепен орган не бил предвиден претседателот на Републиката, како врховен командант на Армијата, кој според хиерархиската поставеност требало да одлучува по приговорите за поставување, унапредување и разрешување на професионални војници и воени старешини заклучно со чин капетан, со оглед дека за овие прашања согласно член 26 точките 18 и 19 од Законот за одбрана бил надлежен Генералштабот на АРМ.
4. Судот на седницата утврди дека членот 35 во целина гласи: ‘’Во зависност од природата и карактерот на работата и задачите во оделни организациони единици на Министерството, работата може да се врши во смени со траење во континуитет од 24 часа работно време.
Работи кои се вршат според ставот еден на овој член во Министерството се особено работите во оперативните центри на Генералштабот на Армијата, на Министерството, одредените армиски единици, дел од вработените во врските и криптозаштитата и другите организациони единици. (оспорен став)
Министерот одлучува кои организационии единици од ставот два на овој член работат во смени и во континуитет од 24 часа, како и го определува распоредот на работното време. (оспорен став)
Како работа во смени не се смета дежурство кое се организира во организационите единици на Министерството, врз основа на акт на министерот’’.
Оспорениот член 126 став 3 алинеја 5 гласи: ‘’Работниот однос на работникот во Министерството му престанува по сила на закон ако работникот ги исполнил условите утврдени со закон за пензионирање, а министерот согласно условите утврдени со закон и колективен договор (оспорен дел) не одлучи работникот да остане на работа” .
Член 151 гласи: “Заради остварување на правата од работен однос работникот има право да поднесе барање односно приговор до министерот доколку за тоа решавал овластен работник од министерот (оспорен дел), а до комисијата од член 51 на овој колективен договор доколку за истото решавал министерот”.
5. При оценување на уставноста и законитоста на оспорениот член 35 став 2 и 3 од Колективниот договор Судот ги имаше предвид следните уставни и законски одредби:
Според член79 став 2 од Уставот, претседателот на Републиката е врховен командат на вооружените сили на Република Македонија.
Во остварувањето на одбраната, претседателот на Републиката и врховен командат на Армијата, покрај другите работи, според член 18 став 1 точката 9 од Законот за одбрана, го пропишува командувањето во Армијата, а согласно прописите за командување донесени од претседателот на Републиката, според член 28 од Законот, со единиците на Армијата непосредно командуваат началникот на Генералштабот и командантите на воените единици и установи.
Во членовите 25 и 26 од Законот за одбрана во однос на кои, исто така, се оспорува законитоста на членот 35 став 2 и 3 од Колективниот договор, се утврдени работите од одбраната за кои е надлежен Генералштабот на Армијата, како највисоко стручно тело во состав на Министерството за одбрана за прашањата кои се однесуваат на Армијата. Така, според овие членови Генералштабот ги врши оперативните и стручните работи за организирање и командување со Армијата и во функција на извршување на овие работи тој на Министерството за одбрана му предлага организација и формација на Армијата, план за упот реба на Армијата, годишен финансиски план и годишна програма за опремување на Армијата и други, а Генералштабот непосредно го спроведува годишниот финансиски план на Армијата одобрен од Министерството, ја следи борбената готовност на Армијата, извршува мобилизација, планира, организира и спроведува обука на припадниците на Армијата и друго.
Имајќи ја предвид содржината на наведените уставни и законски одредби, од една страна, и содржината на оспорените ставови 2 и 3 на членот 35 од Колективниот договор, од друга страна, јасно прозлегува дека ингеренциите на министерот за одбрана што се однесуваат за тоа тој да одлучува кои организациони единици во Министерството за одбрана ќе работат во смени и во континуитет од 24 часа, како и да го определува распоредот на работното време, не навлегуваат во уставните и законските надлежности и овластувања на претседателот на Републиката, што тој ги има како врховен командант на Армијата, ниту на Генералштабот на Армијата и командантите на воените единици и устаниови утврдени во наведените членови од Законот за одбрана. Односно, во конкретниот случај овластувањето на министерот за одбрана се однесува за сосема различни работи и прашања од оние за кои според наведените уставни и законски одредби се надлежни претседателот на Републиката, Генералштабот на Армијата и командантите на воените единици и установ.
Поради тоа, Судот оцени дека оспрениот член 35 став 2 и 3 од Колективниот договор не е во несогласност со наведените уставни и законски одредби.
Законитоста на овој член од Колективниот договор не може да се доведе во прашање ни од аспект на член 84 од Законот за работните односи, во однос на кој, исто така, се оспорува во иницијативата. Ова од причини што во овој член од Законот се утврдени субјектите меѓу кои се склучува и на кои се применува колективниот договор, а овие прашања во предметниот колективен договор се уредени во неговите членови од 1 до 5, а не во оспорениот член 35.
6. Бидејќи членот 126 став 3 алинејата 6 од Колективниот договор директно се оспорува во однос на членот 108 став 1 точката 5 од Законот за работните односи, Судот при оценување на неговата законитост ја имаше предвид содржината на наведениот член од Законот.
Имено, с поред член 108 став 1 точката 5 од Законот за работните односи, на работникот му престанува работниот однос по сила на законот ако: наполни 40 години пензиски стаж или 65 години живот и најмалку 15 години стаж на осигурување, ако работодавецот, во согласност со условите утврдени со закон и општ колективен договор не одлучи работникот да остане во работен однос.
Од наведеното произлегува дека во овој член од Законот за работните оноси е утврдено дека работодавецот може да одлучи работникот на кој поради исполнување на условите утврдени во став 1 точката 5, треба да му престане работниот однос по сила на закон и понатаму да остане во работен однос согласно условите утврдени освен со закон и со општ колективен договор.
Понатаму, Судот во врска со оспорениот дел на членот 126 став 3 алинеја 5 од Колективниот договор ја имаше предвид и следната правна и фактичка состојба која, исто така, е од значење за одлучување.
Имено, Законот за работните односи познава три вида на колективни договори и тоа: општ колективен договор кој се склучува на ниво на Републиката, грански колективен договор на ниво на гранка и колективен договор на ниво на работодавец.
На ниво на Републиката се склучени два општи колективни договори од кои едниот е Општиот колективен договор за јавните слуѓби, јавните претпријатија, државните органи и органите на локалната самоуправа и други лица кои вршат нестопанска дејност (ОКДЈС), врз чиј член 5, а на ниво на работодавец, е склучен и предметниот колективен договор, чии одредби се оспоруваат со оваа иницијатива.
Во членот 67 од наведениот Општ колективен договор, а согласно членот 108 став 1 точката 5 од Законот за работните односи е утврдено дека работодавецот може да одлучи работникот кој наполнил 40 години стаж на осигурување или 65 години живот да остане во работен однос под услов ако со огласувањето на потребата од работник, односно конкурс не може да се обезбеди работник кој ги исполнува потребните услови (став 1).
Во случај од став 1 на овој член работодавецот е должен потребата од работник јавно да ја огласува секои 6 месеци, а според ставот 3 на овој член, на работникот од ставот 1 му престанува работниот однос ако на распишаниот јавен оглас се јави кандидат кој ги исполнува условите за работа, како и ако работодавецот не распише оглас според ставот 2 на овој член.
Идентични одредби на членот 67 од наведениот општ колективен договор содржи и членот 94 од гранскиот Колективен договор за државните, правосудните и органите на локалната самоуправа на Република Македонија.
Од наведената правна и фактичка состојба произлегува дека условите под кои работодавецот може да одлучи работникот и по исполнување на условите од членот 108 став 1 точката 5 од Законот за работните односи да остане во работен однос подеднакво се уредени и во Општиот и во гранскиот колективен договор кои се однесуваат на работниците и работодавачите во нестопанството, на која област им припаѓаат и потписниците на овој колективен договор, иако наведениот член од Законот упатува овие услови да се предмет на уредување на оштиот, а не и на гранскиот колективен договор.
При ваква состојба на работите Судот смета дека разликата во поимите употребени во член 108 став 1 точката 5 од Законот и во оспорениот член 126 став 3 алинеја 5 од предметниот колективен договор е само од терминолошко, односно формално – правно, но не и од суштинско значење со оглед дека и во Општиот и во гранскиот колективен договор се утврдени исти услови под кои работникот може и понатаму да остане во работен однос.
Поради наведеното пред Судот не се постави прашањето за согласноста на оспорениот дел на член 126 став 3 алинеја 5 од Колективниот договор со членот 108 став 1 точката 5 од Законот за работните односи, ниту со одредбите од Уставот во однос на кои се оспорува неговата уставност.
7. Со оглед дека оспорениот дел на членот 151 од Колективниот договор се оспорува од аспект на член 15 од Уставот и член 135 став 2 од Законот за работните односи, Судот ја имаше предвид содржнита и смислата на наведените уставни и законски одредби.
Според член 15 од Уставот се гарантира правото на жалба против поединечните правни акти донесени во постапка во прв степен пред суд, управен орган или организација или други институции што вршат јавни овластувања.
Од наведената уставна одредба произлегува дека граѓаните имаат право на жалба против поединечните правни акти донесени, меѓу другите, и од органите на државната управа, а смислата на оваа уставна одредба е да обезбеди двостепеност во одлучувањето под што се подразбира по жалбата поднесена по поединечните акти на наведените органи да одлучува друг орган кој не учествувал во првостепената постапка.
Според ставот 1 на член 135 од Законот за работните односи, работникот има право да поднесува барање за остварување на своите права од работен однос, како и право на приговор против одлука донесена во врска со неговите права, обврски и одговорности.
Според ставот 2 на наведениот член од Законот, барањето односно приговорот работникот го поднесува до органот утврден со колективен договор во рок од 15 дена од денот на врачувањето на одлуката со која е повредено неговото право, однносно од денот за кога дознал за повредата на правото.
Од наведените законски одредби произлегува дека правото на приговор, како правно средство за заштита на правата на работниците е утврдено во самиот закон, а додека органот кој ќе одлучува по приговорот според Законот е предмет на уредување со колективен договор, при што Законот не прецизирал со кој вид колктивен договор треба да се уреди ова прашање.
Во наведената смисла, соодветни решенија содржат и Општиот и гранскиот колективен договор. Така, според член 82 од Општиот колективен договор за јавни служби, работникот има право да поднесе приговор до органот утврден со колективен договор на ниво на гранка, односно на ниво на работодавец, а според член 115 од гранскиот колективен договор кој се однесува за државните органи, работникот има право да поднесе приговор до органот утврден со колективен договор на ниво на работодавец.
Од наведените одредби на двата колективни договори произлегува дека право е на работодавецот со колективниот договор да утврди кој орган ќе одлучува по приговорот на работникот, така што гледано од овој аспект не може да се постави прашањето за согласност на оспорениот дел на членот 151 од Колективниот договор со членот 135 од Законот за работните односи.
Меѓутоа,имајќи предвид дека приговорот на работниците во органите на државната управа има карактер и значење на жалба предвидена во членот 15 од Уставот, Судот утврди дека во конкретниот случај, со оспорениот дел на членот 151 од Колективниот договор, а со оглед на организацијата на органите на државната управа, не се обезбедува начелото на двостепеност во одлучувањето по приговорот во смисла на член 15 од Уставот.
Освен тоа, со оглед дека овој колективен договор е склучен во време на важење на Законот за државните службеници, а во овој закон, меѓу другото, како второстепен орган кој одлучува по жалба, односно приговор е утврдена Агенцијата за државните службеници, Судот утврди дека потписниците на овој договор при утврдувањето на решението во членот 151 не ги имале предвид соодветните одредби од Законот за државните службеници бидејќи овој член, според неговата формулација генерално се однесува за сите вработени во Министерството за одбрана, независно дали некои од нив имаат или не статус на државен службеник.
Од тие причини, Судот одлучи по сопствена иницијатива да го постави прашањето за уставноста и законитоста на целиот член 151 од Колективниот договор, а не само за оспорениот дел.
8. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
9. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски, со тоа што во делот што се однесува за членовите 35 став 2 и 3 и член 151 од Колективниот договор го донесе едногласно, а во делот за членот 126 став 3 алинеја 5, со мнозинство гласови.
У. бр. 111/2002
12 февруари 2003 год.
Скопје
дб
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов