140/2002-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 5 февруари 2003 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА членот 52 став1, во делот ‘’до влегувањето во сила на овој закон’’, од Законот за изменување и дополнување на Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал(‘’Службен весник на Република Македонија’’број 25/99).
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во ‘’Службен весник на Република Македонија’’.
3. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесената иницијатива на Фершпед – АД Скопје, со Решение У.бр. 140/2002 од 4 декември 2002 година поведе постапка за оценување уставноста на членот 52 став 1, во делот ‘’до влегувањето во сила на овој закон’’, од Законот за изменување и дополнување на Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал (‘’Службен весник на Република Македонија’’бр.25/99).
Постапката беше поведена затоа што пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на делот од наведената одредба од Законот со Уставот.
4. Судот на седницата утврди дека Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал ( “ Службен весник на Република Македонија ” бр.38/93) е влезен во сила осмиот ден од денот на објавувањето, односно на 29 јуни 1993 година, а Законот за изменување и дополнување на Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал ( “ Службен весник на Република Македонија ” бр.25/99) е влезен во сила со денот на неговото објавување, односно на 30 април 1999 година.

Со оваа измена на Законот, како нов е предвиден членот 52, и од неговата содржина произлегува дека третира настанати правни состојби за периодот од 29 јуни 1993 година до 30 април 1999 година.
Со членот 52 од Законот е предвидено дека доколку постои основано сомневање д ека во постапката по трансформација на општествениот капитал се извршени битни повреди на овој закон што резултира со оштетување на општествениот капитал во претпријатијата или од нив зависни или поврзани претпријатија, кои за времето од 29 јуни1993 година до влегувањето во сила на овој закон на кој и да било начин се трансформирале или реорганизирале или извршиле статусна промена (спојување, припојување или поделба), при што е пренесуван општествен капитал или основале или па к вложувале во нови претпријатија или на друг начин пренесувале, или отуѓувале општествен капитал или одделни деловни функции на други претпријатија, се врши финансиска, сметководствена и правна контрола на законитоста и правилноста на спроведувањето на постапката.
Контролата од став 1 на овој член се врши и во случај и кога постои сомневање дека е оштетен општествениот капитал со кои управува Агенцијата и трајниот влог на Република Македонија.
Контролата од ставовите 1 и 2 на овој член ја вршат Министерството за финансии-Управата за јавни приходи и овластени правни и физички лица од Министерството за финансии.
Контролата се врши по барање на јавниот правобранител, јавниот обвинител, инспекциски орган и Агенцијата.
Барањето од став 4 на овој член Агенцијата го доставува до Министерството за финансии – Управата за јавни приходи и овластени правни и физички лица од Министерството за финансии.
Претпријатијата од став 1 на овој член должни се во текот на контролата да им поднесат на надлежните органи извештај со приказ на постапките и документите за располагање со општествениот капитал.
По извршената контрола се составува записник со наод и мислење и истиот се доставува до Агенцијата, јавниот правобранител и јавниот обвинител на нивна надлежност.
Агенцијата, јавниот правобранител и јавниот обвинител по добиениот извештај од извршената контрола можат да побараат и дополнителна контрола за недоволно јасни состојби.
Ако со контролата се оцени дека е оштетен општестве-ниот капитал јавниот правобранител покренува соодветна постапка за поништување или за утврдување на неважноста на одделни акти или договори склучени на штета на општествениот капитал.
5. Уставот на Република Македонија во членот 8 став 1 алинеја 3 утврдил дека владеењето на правото е една од темелните вредности на Уставниот поредок на Република Македонија.
Според членот 32 од Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал договорот за продажба на општествениот капитал склучен спротивно на одредбите на овој закон е ништавен.
Според членот 99 од Законот, заштитата на претпријатијата во процесот на трансформацијата, како и на општествениот капитал во нив, ја врши јавниот правобранител на Република Македонија и тој ги презема сите мерки и правни средства и врши други со закон утврдени права и должности заради заштита на претпријатијата и општествениот капитал во процесот на трансформацијата. Јавниот правобранител поведува пред Уставниот суд на Република Македонија или пред судовите постапка за укинување или поништување на одлуки или други акти со кои се оштетува општествениот капитал.
Имајќи го во предвид изнесеното, Судот оцени дека заштитата на општествениот капитал од одделни акти и договори склучени на негова штета, не може ниту да се ограничи, како што е тоа предвидено во членот 52 став 1 од Законот, за односите настанати во периодот само до влегување во сила на овој закон, со оглед на јасната законска определба дека договорите за продажба на општествениот капитал склучени спротивно на одредбите на овој закон се ништавни.
Имено, контролата и преземањето на правни средства на државните органи, како што е предвидено во оспорениот член 52 од Законот, со исклучок на временскиот лимит со кој се ограничува периодот за кој ќе се врши контролата утврден во ставот 1 од овој член, според Судот, не претставува нова надлежност и право кои со измените на Законот се востановуваат, туку тие имаат смисла на прецизирање на самата постапка за утврдување дали правилно е спроведен Законот.
Со оглед на тоа, Судот утврди дека пропишаната контрола во одредбите од членот 52 од Законот, исклучиво во делот од ставот 1 на овој член каде се определува дека таа се однесува за периодот “до влегување во сила на овој закон”, има повреда на уставниот принцип на владеење на правото кој е предвиден како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија во членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.
6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав на претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами,
д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.140/2002
5 февруари 2003 год.
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов