У.бр.172/2002

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 25 декември 2002 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на ПП “Ротекс”-Битола и Пеце Ристевски од Битола, за заштита на слободите и правата утврдени во членот 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.

2. ПП “Ротекс”-Битола и Пеце Ристевски од Битола, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа барање за заштита на слободите и правата утврдени во членот 110 алинеја 3 од Уставот и заштита на правата утврдени во членот 6 од Европската Конвенција за заштита на човековите права и основните слободи и членот 1 од Протоколот број 1 кон Конвенцијата, кои биле повредени со неправилно постапување и одлучување од страна на редовните судови. Имено, подносителите на барањето сметаат дека со решението на Основниот суд во Битола ПС.бр.432/2000 од 7.12.2001 година и решението на Апелациониот суд во Битола, ССЖ.бр.485/2002 од 11.09.2002 година неправилно бил применет законот на нивна штета од причини што барателот Пеце Ристевски бил политички неопределен а во судскиот предмет спротивна страна му било Јавното претпријатие ” Пазари”-Битола, кое било управувано од Либерално-демократската партија, што се гледало од изјавата на претседателот на општинската организација на оваа партија во Битола, која била дадена во “Битолски весник” од 27 декември 2000 годин а. Со оглед на тоа што надлежните судови биле под влијание на членовите од наведената политичка партија, оттука нивното постапување и одлучување претставувало дирекна повреда на слободите и правата со дисркиминација по основ на социјална и политичка припадност на барателите. Од овие причини се предлага Уставниот суд во заштита на слободите и правата утврдени во членот 110 алинеја 3 од Уставот, да ги поништи наведените судски решенија.

3. Разгледувајќи го барањето, Судот утврди дека според членот 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија, според членот 8 став 1 алинеја 11 од Уставот, е и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право.

Имајќи ја во предвид фактичката состојба и барањето на подносителите на иницијативата, Судот оцени дека во случајов со начелното повикување на заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот со барање за поништување на посочените одлуки на Основниот суд во Битола и Апелациониот суд во Битола, всушност е изразена намерата на подносителите на иницијативата Уставниот суд едноставно да пресуди во конкретна работа на редовните судови од позиција на надреден орган, што не е негова надлежност ниту позиција. Ова особено и поради тоа што подносителите на иницијативата како елемент на постоење на социјалната и политичка дискриминација во одлуките на редовните судови по конкретниот предмет, посочуваат новинарски текст во кој била дадена изјава на политички определено лице дека извесна политичка партија управувала со конкретното Јавно претпријатие “Пазари”, па оттука редовните судови во Битола одлучувале против интересите на подносителите на иницијативата што воопшто не може да се смета за релевантен факт за постоење на повреда на слободите и правата на човекот и граѓанинот.

Имајќи ги во предвид наведените уставни одредби како и одредбите од членот 6 од Европската Конвенција за заштита на човековите права и основните слободи и членот 1 од Протоколот кон Конвенцијата, со кои е обезбедено правото на правична судска постапка и заштитата на сопственоста, на кои норми се повикуваат подносителите на иницијативата, Судот утврди дека барањето во иницијативата по својата суштина не претставува барање за уставна заштита на слободите и правата на граѓанинот, туку тоа е исклучиво конкретно барање Уставниот суд да врши контрола на законитоста на поединечните акти на судовите, по кое овој Суд не е надлежен да одлучува.

4. Со оглед на тоа што барањето не се однесува на заштитата на наведените слободи и права, Судот оцени дека не е надлежен да одлучува по него и одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодо р Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.172/2002
25 декември 2002 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов