115/2002-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 18 декември 2002 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВААТ член 20 став 5, член 21 и член 40 став 1 во делот “освен во случаите кога тој надомест согласно со член 20 став 5 од овој закон веќе е депониран во судот или кај нотар” од Законот за експропријација (“Службен весник на Република Македонија” бр.33/95, 20/98 и 40/99).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по иницијатива на Стамен Филипов од Скопје, со решение У.бр.115/2002 од 30 октомври 2002 година поведе постапка за оценување уставноста на одредбите од законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нивната согласност со Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека според член 20 став 5 од Законот за експропријација, доколку сопственикот одбие да го прими надоместокот од став 4 на овој член корисникот на експропријацијата паричниот надомест го депонира во суд или кај нотар. На овој вид депонирање соодветно се применуваат одредбите од Законот за облигациони односи и Законот за вршење на нотарски работи.

Според членот 21 од овој закон, ако корисникот на експропријацијата влезе во владение врз основа на ставовите 2 и 3 од член 20 на овој закон, а предлогот за експропријација во натамошната постапка биде позитивно решен сопственикот на експроприраната недвижност има право да ја бара разликата до полниот износ на надоместот ако утврдениот приближен износ на надоместот од став 4 на член 20 е помал од износот што согласно со овој закон му припаѓа. Во овој случај на разликата до полниот износ на сопственикот му припаѓа и камата во висина на есконтната каматна стапка на Народна банка на Република Македонија.

Ако предлогот за експропријација на корисникот од став 1 на овој член во натамошната постапка е правосилно одбиен тој со тоа го губи правото на владение врз експроприраната недвижност и истото му се враќа на поранешниот владетел.

Во случајот од став 2 на овој член имотно-правните односи меѓу корисникот на експропријацијата и сопственикот на недвижноста на која му е вратено владението или друг носител на имотно право се решават согласно со прописите за имотното право.

Одредбата од став 1 на овој член соодветно се применува и на случаите кога надоместот се состои во друга недвижност која по својата вредност е помала од експроприраната.

Според членот 40 на овој закон, корисникот на експропријацијата е должен во рокот утврден во спогодбата од член 17 став 2 односно член 38 став 1 од овој закон, односно во рок од 30 дена од денот на правосилноста на одлуката на судот да ја предаде во владение недвижноста што се дава како замена за експроприраната недвижност, односно да го исплати надоместокот во пари, освен во случаите кога тој надомест согласно со член 20 став 5 од овој закон веќе е депониран во судот или кај нотар.

5. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е владеењето на правото, а според член 51 од Уставот на Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Уставниот суд на Република Македонија со Одлука У.бр.200/99 од 24 мај 2000 година, ги укина ставовите 2, 3 и 4 на член 20 од Законот за експропријација (“Службен весник на Република Македонија” бр.33/95, 20/98 И 40/93). Во образложението на Одлуката се вели: Со оглед на тоа што со оспорените одредби на член 20 ставовите 2, 3 и 4 од Законот, по барање на корисникот на експропријацијата, а врз основа на решение во случаи на итност и утврден јавен интерес, корисникот на експропријацијата може да се стекне со владение врз експроприраната недвижност по донесување на првостепеното решение, односно органот може да одлуеи недвижноста да се предаде во владение пред претходно спроведена експропријациона постапка на наеин предвиден со Закон, Судот оцени дека со овие одредби се повредуваат правата кои произлегуваат од член 30 од Уставот.

Исто така, Судот оцени дека овие одредби не се во согласност и со член 15 од Уставот со оглед на тоа што со одлуката на органот за експропријација недвижноста да му ја предаде на корисникот на експропријацијата пред истекот на рокот за жалба на актот за експропријација се доведува во прашање суспензивното дејство на жалбата на сопственикот на недвижноста.

Во конкретниот случај оспорениот став 5 на членот 20 од Законот за експропријација се заснова на содржината на укинатиот став 4 од истиот член, а оспорениот член 21 се заснова на укинатите ставови 2 и 3 на членот 20 од истиот закон.

Оттука Судот оцени дека по интервенцијата на Уставниот суд и укинувањето на ставовите 2, 3 и 4 на членот 20 од Законот за експропријација, оспорениот член 20 став 5 и членот 21 станале безпредметни односно ја изгубиле својата функција.

Со оглед на тоа што Судот оцени дека членот 20 став 5 од Законот ја изгубил својата функција, Судот оцени дека треба да интервенира и во членот 40 став 1 од истиот закон во делот “освен во случаите кога тој надомест согласно со член 20 став 5 од овој закон веќе е депониран во судот или кај нотар”.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

6. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.115/2002
18 декември 2002 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов