Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 11 декември 2002 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 38 ставовите 3 и 4 од Кривичниот законик ( “ Службен весник на Република Македонија ” бр. 37/96, 80/99 и 4/02).
2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на чен 38 ставовите 3 и 4 од Законот изначен во точката 1 од ова решение, затоа што со оспорените одредби не се почитувале општо прифатените норми на меѓународното право, според кои било забрането лишувања од слобода поради долг, така што, судот претворајќи ја паричната казна во казна затвор, всушност лицето го лишувало од слобода поради долг, што не било во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и 11, членовите 12, 15, 98 став 2 и член 118 од Уставот, член 5 став 1 и 4 и член 13 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи и членот 1 од Протоколот број 4 кон Конвенцијата за заштитата на човековите права и основните слободи.
3. Судот на седницата утврди дека според член 38 став 3 од Кривичниот законик, ако осудениот не ја плати паричната казна во определениот рок, судот ќе ја изврши така што за секои започнати ил јади денари парична казна ќе определи еден ден затвор, со тоа што затворот да не може да биде подолг од шест месеци. Со ставот 4 од овој член, ако осудениот исплати само дел од паричната казна, остатокот сразмерно ќе се претвори во затвор, а ако осудениот го исплати остатокот од паричната казна, извршувањето на затворот ?е се запре.
4. Според член 8 став1 алинеја 3 и 11 од Уставот, владеењето на правото и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право, се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Со член 12 од Уставот се уредува слободата на човекот. Така, според став 1 од овој член, слободата на човекот е неприкоснове на, а според ставот 2 на овој член од Уставот, никому не може да му биде ограничена слободата, освен со одлука на судот и во случаи и во постапка утврдена со закон.
Според член 15 од Уставот се гарантира правото на жалба против поединечните правни акти донесени во постапка во прв степен пред суд, управен орган или организација или други институции што вршат јавни овластувања.
Согласно член 98 став 2 од Уставот, судовите се самостојни и независни. Судовите судат врз основа на Уставот и законите и меѓу народните договори ратификувани во согласност со Уставот. Според член 118 од Уставот, меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон.
Според член 2 од Кривичниот законик, заштитата на слободите и правата на човекот и на другите основни вредности и применувањето на кривично – правната принуда кога е во мера во која тоа е нужно за спречување на општествено – штетни дејствија, претставуваат основа и граница за определување на кривичните дела и пропишување на кривичните санкции. Согласно член 5 од овој законик, на сторителот на кривично дело во извршувањето на кривичната санкција можат да му бидат одземени или ограничени определени права само во мера која им одговара на природата и содржината на таа санкција и само на начин со кој се обезбедува почитување на личноста на сторителот и на неговото човечко достоинство.
Во согласност со наведените основни одредби од Кривичниот законик, со член 38 од овој законик, се уредува паричната казна. Така, според ставот 1 од овој член, паричната казна не може да биде помала од пет илјади денари, ниту поголема од 250 илјади денари, а за кривични дела сторени од користољубие, поголема од еден милион денари. Во пресудата, според ставот 2 од овој член, се определува рокот на плаќање на паричната казна кој не може да биде пократок од 15 дена ниту подолг од три месеци, но во определени случаи судот може да дозволи осудениот да ја исплати паричната казна и во отплати, со тоа што рокот на исплатата да не може да биде подолг од две години.
При одмерувањето на казната, согласно член 39 став 3 од Кривичниот законик, судот посебно ќе води сметка за вкупното дејство на казната и нејзините последици врз личноста на сторителот и потребите на н еговата ресоцијализација, а според ставот 5 од овој член, при одмерувањето на паричната казна, судот ќе ја има предвид и имотната состојба на сторителот, водејќи притоа сметка за неговите други приходи, за неговиот имот и за неговите семејни обврски.
Со член 5 став 1 од Европската Конвенција за заштита на човековите права и основните слободи се уредува дека секој човек има право на слобода и на безбедност и дека никој не смее да биде лишен од слобода, освен врз основа на зак он, меѓу другото, ако издржува казна затвор по пресуда на надлежен суд или ако бил уапсен или притворен поради противење на законски налог на судот или со цел да се обезбеди извршување на со закон пропишана обврска. Според став 4 од овој член на Конвенцијата, секое лице лишено од слобода со апсење или притворање има право да вложи жалба до судот, а тој во кус рок да ја разгледа законитоста на тоа лишување од слобода и ако тоа не било законито, да нареди негово ослободување.
Според член 1 од Протоколот број 4 кон Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи, никој не може да биде лишен од слобода само затоа што не е во состојба да изврши определена договорена обврска.
Тргнувај?и од наведените одредби, а имајќи ја предвид содржината на оспорените одредби на член 38 ставовите 3 и 4 од Кривичниот законик, според мислењето на Судот, со ништо не се повредуваат општо прифатените норми на меѓународното право, ниту пак, се ограничуваат основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати со меѓународното право и утврдени со Уставот. Имено, паричната казна не претставува договорена обврска односно долг како што ја третира подносителот на иницијативата, туку имотна санкција која се состои во обврска на осудениот да го плати износот на казна та утврден со пресудата. Елементите за нејзиното изрекување, одмерување и извршување се содржани во одредбите на Кривичниот законик. Притоа, законодавецот со оспорените одредби утврдил и посебен начин за нејзино извршување, доколку осудениот не ја изврши. Затворот во оваа ситуација е со функција да го супституира извршувањето на паричната казна и затоа не го поседува својството на “ казна затвор ” туку на мерка за ефектуирање на судската одлука која не можела присилно да се изврши. Според мислењето на Судот, таквиот начин на извршување на паричната казна е вообичаена кривично-правна мерка за нејзино извршување и со нејзината примена, под условите утврдени во целината на одредбите на Кривичниот законик за одмерување и извршување на кривичните санкции, таа не е насочена против личноста на осудениот. Исто така, оспорените одредби не можат да се стават во корелација со меѓународните документи на кои се повикува поднесителот на иницијативата, бидејќи паричната казна и начинот на нејзиното извршување не претставува договорна обврска.
Со оглед на наведеното, пред Судот не се постави прашањето за согласноста на одредбите на член 38 ставовите 3 и 4 од Кривичниот законик со напред наведените одредби од Уставот.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У.бр. 174/2002
11 декември 2002 год.
С к о п ј е
д.б
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов