80/2002-1-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 71 и 47 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 4 декември 2002 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ЗАПИРА постапката за оценување уставноста и законитоста на

а) Одлука за промена на потписникот на жиро сметката на Фондот за уредување на градежно земјиште на општина Петровец, донесена од Советот на општина Петровец на 5 октомври 2001 година.

б) Одлука за дополнување на Одлуката за одредување на потписник на жиро сметката на општина Петровец, донесен од Советот на општината на 5 октомври 2001 година.
в) Одлука за промена на потписникот на жиро сметката на Фондот за локални патишта и улици на општина Петровец, донесен од Советот на општина Петровец на 5 октомври 2001 година.

2. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесена иницијатива на градоначалникот на општина Петровец Орце Бо`иновски, со Решение У.бр.80/2002 од 9 октомври 2002 година, покрај другото, поведе постапка за оценување законитоста на одлуките означени во точката 1 од ова решение.

Постапката беше поведена затоа што основано се постави прашањето за нивната согласност со Законот за локалната самоуправа.

3. По поведување на постапката, а по добивање на одговорот од доносителот на оспорените акти, Судот утврди дека оспорените акти не биле прогласени и објавени во службеното гласило на општината.

4. Според член 43 од Законот за локалната самоуправа градоначалникот, покрај другото ги прогласува и објавува актите и одлуките на советот на единицата на локаланата самоуправа во службено гласило на единицата на локалната самоуправа.

Според член 52 став 1 од Уставот законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила.

Од наведената уставна и законска одредба произлегува дека актите на советот на општината по нивното донесување неопходно е да бидат објавени. Меѓутоа на објавувањето на актите му претходи нивно прогласување. Прогласувањето на акти на советот произлегува од Законот за локалната самоуправа и тоа претставува потврдување дека одреден акт е донесен во согласност со Уставот и законот. Прогласувањето на актите на совет го врши градоначалникот со решение или заклучок. По прогласувањето на општиот акт од страна на градоначалникот истиот се објавува во службено гласило на општината. Оттука произлегува дека непрогласен акт од страна на градоначалникот не може да се објави, а не објавен акт во службено гласило не може да се применува.

Со оглед на тоа што во конкретниов случај оспорените одлуки ниту се прогласени од градоначалникот, ниту се објавени во службеното гласило на општината односно тие не се во правниот поредок, Судот смета дека постојат процесни пречки за понатамошно постапување по иницијативата и одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр. 80/2002
4 декември 2002 год.
С к о п ј е
л.а

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов