У.бр.129/2002

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 27 ноември 2002 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на насловот на Законот за регулирање на побарувањата на штедачите од штедилниците “ТАТ” Битола, “АЛФА-С” Скопје и “ЛАВЦИ” Охрид во делот

2. Ефтим Петров од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на насловот и член 1 од Законот означен во точката 1 од ова решение. Во иницијативата се наведува дека со овој закон е уредена исплатата и издавањето на ковертибилни сертификати за побарувањата на доверителите – физички лица по онов на штедни влогови од штедилниците “ТАТ” Битола, “АЛФА-С” Скопје и “ЛАВЦИ” Охрид, кои се во стечај. Меѓутоа, во иста таква положба се наоѓале и други доверители – физички лица по основ на штедни влогови во други штедилници во Република Македонија, а кои се во стечај како на пример “Штедно-кредитна организација – Штедилница “ЈУГОМАРКЕТ” ДОО Скопје. Со овој закон, законодавецот ги заштитил – обештетил само доверителите – физичките лица по основ на штедни влогови во дел од пропаднатите штедилници, а не и во другите штедилници кои се исто така во стечај како и штедилниците наведени во насловот на овој закон и во член 1 од законот. На овој начин, законодавецот ги ставил во привилегирана положба штедаеите – физичките лица кои своите влогови ги внеле во цитираните штедилници, а другите физички лица штедачи, кои своите влогови ги внеле во другите штедилници, како што е Штедилницата Југомаркет Скопје, ги исклучил од правата кои им ги признава на штедачите од штедилниците од член 1 на овој закон. Затоа смета дека со оспорениот дел од насловот на Законот и оспорениот дел од член 1 од Законот, се создава нееднаквост помеѓу доверителите – физички лица штедачи во цитираните штедилници и другите доверители – физички лица штедачи во штедилниците кои не се цитирани во овој закон, а кои се исто така во стечај, и со тоа се повредувале член 8 став 1, 3 и 6, член 9,член 30, член 51 и член 60 став 2 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека Уставниот суд на Република Македонија со решение У.бр.90/2002 од 2 октомври 2002 година не поведе постапка за оценување уставноста на Законот за регулирање на побарувањата на штедачите од штедилниците “ТАТ” Битола, “АЛФА-С” Скопје и “ЛАВЦИ” Охрид.

Во дел од образложението на решението се вели: “Во врска со иницијативата на штедаеите на “Инвест Консалтинг” и “Југомаркет” во кои се бара поведување постапка за оценување уставноста на оспорениот закон поради тоа што со него не биле регулирани побарувањата на штедачите на “Инвест Консалтинг” и “Југомаркет”, Судот согласно член 110 од Уставот нема надлежност да врши изменување и дополнување на законите. Според ставот на Судот, нешто што не содржи конкретен акт не може да биде предмет на оценување на неговата уставност односно законитост. Оттука, фактот што оспорениот закон не се однесува и на побарувањата на штедачите на “Инвест Консалтинг” и на “Југомаркет” не го прави законот неуставен.

Понатаму, согласно член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Со Законот за банките и штедилниците (“Службен весник на Република Македонија” бр. 31/93, 78/93, 17/96, 37/98 и 25/2000) предвидена е постапката за основање на банки и штедилници во Република Македонија.

Според членовите 75 и 76 од овој закон, штедилниците се финансиски организации со својство на правно лице, кое својство го стекнуваат со упис во судскиот регистар, а според членот 78, обемот на своето работење штедилниците го вршат во рамките и на начин што ги пропишува Народната банка.

Согласно членот 88 од овој закон, за основање и работа на штедилница потребна е дозвола од Народната банка.

Со членот 79 од овој закон, е определено дека одредбите од законот што се однесуваат на банките се применуваат и на штедилниците доколку со закон не е поинаку определено.

Според член 129 од овој закон другите финансиски организации регистрирани во Република Македонија до влегувањето во сила на овој закон, должни се да се пререгистрираат и да го усогласат своето работење со одредбите на овој закон во рок од шест месеци од влегувањето во сила на овој закон. Доколку не постапат согласно со став 1 на овој член, по истекот на утврдениот рок, другите финансиски организации регистрирани во Република Македонија, престануваат со работа.

Според член 122 став 2 пак од Законот за банки (“Службен весник на Република Македонија” бр.63/2000, 37/2002), штедилниците основани според одредбите на Законот за банките и штедилниците продолжуваат со работа во рамките на овластува-њата опишани во дозволата за основање и работење.

Од изнесеното произлегува дека со закон се предвидени посебните услови за основање и работење на штедилниците, при што добивањето на дозвола од Народната банка на Македонија е услов без кој нема основање ниту на банка ниту на штедилница.

Според известувањето добиено од Министерството за финансии, “Инвест Консалтинг” и “Југомаркет” не се основани како штедилници согласно со закон односно немаат дозвола за основање и за работење од Народната банка на Македонија и немаат статус на штедилници.

Според тоа, граѓаните кои штеделе во “Инвест Консалтинг” и “Југомаркет” немаат статус на штедачи во штедилница која е основана и работи согласно закон, поради што нивните побарувања не претставуваат штеден влог и од таа причина не се опфатени со оспорениот закон. Фактот што граѓаните не знаеле дека се работи за “штедилници” кои не се основани и не работат согласно со закон, не може да претставува правен основ за остварување на исти права какви што имаат штедачите од штедилниците кои се основани според закон и на кои се однесува оспорениот закон.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека од овој аспект, оспорениот закон не создава нееднаквост меѓу граѓаните поради што не може да се постави прашањето за неговата согласност со членот 9 став 2 од Уставот”.

4. Согласно член 28 став 1 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Со оглед на тоа што Судот ја ценел уставноста на оспорениот закон од истите причини наведени во оваа иницијатива и не повел постапка, Судот оцени дека нема основи за поинакво одлучување поради што одлучи дека иницијативата треба да се отфрли.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.129/2002
27 ноември 2002 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов