165/2002-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 20 ноември 2002 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на членот 94 став 4 од Законот за хартии од вредност (“Службен весник на Република Македонија” бр.63/00, 34/01 и 37/02).

2. Стопанска банка АД – Битола, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста на законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата со предвидениот императив (“се должни да ги котираат своите акции”), се повредувале слободата на пазарот и претприемништвото (член 8 став 1 алинеја 7 од Уставот) и еднаквата правна положба на сите субјкети на пазарот.

Притоа, во иницијативата се нагласува дека слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето, што не било во случајов.

3. Судот на седницата утврди дека во членот 94 по ставот (3) се додава нов став (4) кој гласи:

(4) Издавачите на долгорочни хартии од вредност кои ги исполнуваат условите утврдени во правилата за котација на Берзата, се должни да ги котираат своите харии од вредност на официјалниот пазар на Берзата, најдоцна во рок од шест месеци од денот на влегување во сила на овој закон.

4. Со Законот за хартии од вредност (2000 година) се уредија видовите на хартиите од вредност, условите и начинот на издавање, тргување и регистрирање, утврдување и порамнување на трансакциите со хартии од вредност, начинот и условите за основање и работа на пазарот со долгорочни хартии од вредност и Централниот депозитар за хартии од вредност, како и статусот и надлежностите на Комисијата за хартии од вредност.

Со овој закон се обезбеди организиран пазар на хартии од вредност и натамошен развој на воспоставените институции на пазарот на хартиите од вредност.

Заокружувањето на регулативата на пазарот на хартии од вредност во Република Македонија завршува со донесувањето на Законот за преземање на акционерски друштва (во почетокот на 2002 година).

Покрај овие закони, на Берзата се применуваат Правилници што ги донесува Комисијата за хартии од вредност.

Имено, регултивата во Република Македонија од оваа област, ја обезбедува потребната инфраструктура за развојот на пазарот на хартии од вредност од една страна, а посветува особено внимание на структурата и сигурноста на пазарот од друга страна.

Берзата, пак, како саморегулативна институција, која го организира пазарот за купување и продавање на долгорочни хартии од вредност и Централниот депозитар за хартии од вредност како институција која го обезбедува водењето на сите акционерски книги во нематеријален облик, се основните темели на функционирањето и сигурноста на пазарот на хартии од вредност на Република Македонија.

Меѓутоа, за Судот е неспорно дека во Република Македонија се уште не е формиран ниту еден инвестиционен фонд, што според Судот, се должи на незавршената сопственичка консолидација на банкарскиот сектор во Македонија.

Со други зборови, иако законската регулатива и институционалната рамка на пазарот на хартии од вредност во Република Македонија, во најголем дел е дефинирана во изминатата декада, неможе да се одбегне фактот дека не е реализирана ниту една нова емисија на класичен начин по пазарни принципи и методи, преку иницијална јавна понуда, гарантиран откуп и котација на Берза.

Имено, во услови на непостоење на институционални инвеститори (Инвестициони фондови, Пензиски фондови, Инвестициони Банки) постапката на индерњритинг (гаранатиран откуп на нови емисии на хартии од вредност) е непозната за пазарот на хартии од вредност во Република Македонија.

Инаку, според Судот, основна карактеристика на пазарниот сегмент во Република Македонија е мал број на котирани хартии од вредност и ниска ликвидност.

Се на се, по шест години работење на Македонската берза Судот заклучи дека:

– овој пазарен сегмент се уште е на ниско ниво на развој, со мал број на котирани друштва;

– постои отпор за транспарентност и јавност на податоците како и недоволното познавање на придобивките од чинот на котацијата и

– се тргува со хартии од вредност кои не ги исполнуваат условите на Официјалниот пазар.

5. Што се однесува до прашањето за задолжителната котација на хартиите од вредност и нејзино квалификување како инструмент кој ја попречува слободата на пазарот и претприемништвото, од страна на подносителот на иницијативата, според Судот неговите наводи не стојат.

Напротив, Судот смета дека со предвидувањето на една ваква законска норма, се штити слободата на пазарот и претприемништвото.

Имено, котацијата, како таква, е во функција на обезбедување на информираност и транспаретност на пазарот, и обезбедување на информација за содржината на проспектот на емитентот, кој на потенцијалните инвеститори им ги дава деталите за новопредложената емисија, за содржината и времето на објавување на евидираните финансиски извештаи за финансиската состојба на котираното друштво.

Со таа цел, овие правила предвидуваат и обврска за објавување на секоја релевантна информација за котираното друштво, а неопходното јавно информирање, за секое друштво, чии хартии се котирани на берзата, дава можност за проценка на вредноста на друштвото, посебно меѓу оние од иста гранка.

Инаку во контекст на оспорената одредба од член 94 став 4 од Законот, кој ја предвидува котацијата на хартиите од вредност на официјалниот пазар на Берзата според оценката на Судот во нејзин прилог оди фактот дека:

Котацијата е постапка на сврстување на хартиите од вредност на официјалните пазари на берзата при што менаџментот на друштвото праќа јасна порака, до постојните акционери и потенцијалните инвеститори, дека друштвото ги применува основните принципи на корпоративното управување:

– транспарентност во управувањето и раководењето;
– ефикасен и одговорен менаџмент на друштовото и
– контролирање на конфликтите на интереси во рамки на менаџментот и помеѓу менаџментот и акционерите (инвеститорите).

Со актот на котацијата на берзата, друштвото (менаџментот) се обврзува дека редовно ќе ја известува јавноста, постојните акционери и потенцијалните инвеститори за сите релевантни активности на друштвото, ќе објавува материјални информации и финансиски показатели кои имаат влијание врз работењето на друштвото и цената на хартиите од вредност кои котираат на берзата.

За да една хартија од вредност биде котирана (сврстена) на берзата и да биде предмет на купопродажба, треба да ги исполнува следниве услови:

– да има минимална вредност на емисијата на хартиите од вредност;
– да има минимален број сопственици на хартии од вредност;
– да има одреден процент на дистрибуција на хартиите од вредност во јавноста;
– емитентот да е друштво со соодветно искуство и углед во дејноста и
– емитентот да е друштво за кое постои јавен интерес и кое остварува профит во работењето.

Со оваа постапка, според Судот, се обезбедува заштита на инвеститорите од евентуални лажни информации и постапки, кои би можел да ги направи издавачот на хартиите од вредност.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека предноста од котацијата на берзата е: можност за прибирање нов капитал од страна на друштвото; негов повисок рејтинг; негова зголемена кредитна способност и ливкидност на акциите (акциите се продаваат лесно); реализирање на реалната пазарна цена на акциите која расте како одраз на добрите деловни резултати на котираното друштво; создавање на квалитетен менаџмент (улогата на менаџери ја добиваат најдобро квалификуваните и најспособните луѓе, кои најмногу можат да придонесат за развојот на друштвото); зголемени капитални добивки (котираните друштва резултираат со тренд на зголемување на цената на нивните акции, а преку тоа и со остварување накапитални добивки за нивните сопственици при продажба на акциите).

Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека со предвидувањето задолжително котирање на долгорочните хартии од вредност кои ги исполнуваат условите за котација на берзата, всушност законодавецот ги штити акционерите со ефикасна и објективна државна и пазарна регулатива и контрола преку строги правила на однесување до ригорозни казни за прекршителите, поради што оцени дека не може основано да се постави прашањето за уставноста на член 94 став 4 од Законот за хартии од вредност.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.165/2002
20 ноември 2002 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов