У.бр.187/2001

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 13 ноември 2002 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 6 став 1 и 2, член 9, член 21 став 1 алинеја 3 и член 22 став 1 алинеја 3 од Законот за одржување на јавната чистота, собирање и транспортирање на комуналниот цврст и технолошки отпад (“Службен весник на Република Македонија” бр. 37/98).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбите од законот означен во точката 1 од ова решение. Иницијаторот смета дека начинот за намирување на корисниците на услугите предвидени во оспорениот закон не може да се уредува со пропис на општината односно градот Скопје, туку тоа може да се прави исклучиво со закон како што било пропишано со член 33, член 68 став 1 алинеја 3, член 114 став 4 и член 117 став 3 од Уставот. Иницијаторот смета дека поради непридржувањето на тој општински пропис не може да се изрекува прекршочна казна затоа што тоа не било во согласност со член 13 став 1, член 14 став 1 и член 51 став 2 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека според член 6 став 1 од оспорениот закон, начинот и постапката на одржувањето на јавната чистота на јавните и сообраќајни површини, ги уредува општината, односно градот Скопје со пропис, а според ставот 2 на овој член, прописот од ставот 1 на овој член особено содржи: динамика, начин и технологија на вршење на работите во врска со одржување на јавната чистота и сообраќајни површини, обврски на давателите и корисниците на услуги и распределба на средствата по намена.

Согласно член 9 став 1 од Законот, собирањето и транспортирањето на комуналниот цврст и технолошки отпад во градовите и населените места, давателот на услугата го врши организирано и континуирано на начин утврден со прописот од член 6 на овој закон. Според ставот 2 на овој член, корисниците на услугите се должни да се придржуваат на обврските утврдени со прописот од членот 6 на овој закон.

Членот 20 став 1 алинеја 3 од Законот утврдува дека со парична казна од 50.000 до 100.000 денари ќе се казни за прекршок правно лице – давател на услуга ако без оправдани причини го прекине давањето на услугата од членот 9.

Според член 22 став 1 алинеја 3 од овој закон, со парична казна од 25.000 до 50.000 денари ќе се казни за прекршок физичкото лице ако не се придржува до обврските утврдени со прописот согласно со членот 9 став 2.

4. Според член 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Согласно член 68 став 1 алинеја 3 од Уставот, Собранието на Република Македонија ги утврдува јавните давачки.

Според членот 114 став 3 и членот 117 став 3 од Уставот, општините односно градот Скопје се финансираат од сопствени извори на приходи определени со закон и со средства од Републиката.

Тргнувајќи од содржината на наведените уставни одредби на кои се повикува иницијаторот, како и од содржината на оспорените одредби од Законот, очигледно е дека иницијаторот смета дека со пропис на општината односно градот Скопје се воведува јавна давачка.

Со Законот за одржување на јавната чистота, собирање и транспортирање на комуналниот цврст и технолошки отпад се уредуваат условите и начинот на одржување на јавната чистота, собирање и транспортирање на комуналниот цврст и технолошки отпад.

Согласно член 3 став 1 алинеја 1 од овој закон, одржување на јавната чистота е чистење (миење и метење) и одржување на јавни и сообраќајни површини, како и чистење на снегот во зимски услови.

Под јавни и сообраќајни површини, согласно член 4 од овој закон се подразбираат: улици, тротоари, велосипедски патеки, плоштади, кејови, подвозници, надвозници, мостови, паркиралишта на кои не се наплатува надомест, скалила кои ги поврзуваат површините за јавен сообраќај; детски игралишта и јавни санитарни објекти, гранични премини; и железнички, бензиски и такси станици, автобуски станици во меѓународниот сообраќај, јавни телефонски говорници, отворени простори на јавни објекти, паркиралишта на кои се наплатува надомест, паркови, парк – шуми, улични тревници, видиковци, зоолошки градини, градски гробишта, сајмишта на отворен простор, пазари, магацини и складишта на отворен простор, спортско – рекреативни терени (стадиони, хиподроми, стрелишта и слично), јавни капалишта (плажи, отворени базени, вештачки езера и слично), отворени простори на хотелски објекти, патишта, проточни и суви канали, речни брегови и корита и други објекти во урбаните средини.

Понатаму, во оспорениот член 6, Законот утврдил дека начинот и постапката на одржувањето на јавната чистота на јавните и сообраќајни површини ги уредува општината односно градот Скопје со пропис кој особено содржи динамика, начин и технологија на вршење на работите во врска со одржување на јавната чистота и сообраќајни површини, како и обврските на давателите и корисниците на услугите.

Имајќи предвид дека во Република Македонија има многу општини кои се различни по површина, по број на жители и по урбана уреденост, очигледно е дека со закон не може на единствен начин да се предвиди начинот и постапката на одржувањето на јавната чистота, па поради тоа законодавецот со закон определил дека општините односно градот Скопје со свој пропис ќе го уредат ова прашање во согласност со специфичностите на секоја од нив.

Во согласност со начинот утврден во прописот на општината односно градот Скопје, давателот на услугата врши организирано и континуирано собирање и транспортирање на комуналниот цврст и технолошки отпад, а корисниците на услугите се должни да се придржуваат кон обврските утврдени со истиот пропис.

Врз основа на изнесеното Судот оцени дека со оспорените одредби 6 и 9 од Законот односно со прописот на општината и на градот Скопје, не се воведува јавна давачка за корисниците на услугите, туку дека со него само се уредува начинот и постапката на одржувањето на јавната чистота, поради што не може да се постави прашањето за нивната согласност со членовите 33 и 68 став 1 алинеја 3, ниту пак со членовите 114 и 117 од Уставот.

Во врска со тврдењето на иницијаторот дека за не придржување на општинскиот пропис не може да се изрекува прекршочна казна затоа што не било во согласност со член 13 став 1 и член 14 став 2 од Уставот, Судот оцени дека иницијаторот погрешно ги интерпретира оспорените одредби.

Според член 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука, а според член 14 став 1 од Уставот, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Во казнените одредби од Законот е точно определено дека со парична казна ќе се казни за прекршок правно лице – давател на услуга односно физичко лице, доколку не се придржува до обврските утврдени со прописот на општината односно градот Скопје.

Тоа значи дека со Закон е утврдено дека непридржу-вањето до обврските определени со прописот на општината односно градот Скопје претставува прекршок за кој Законот предвидува и соодветна санкција.

Понатаму, надлежниот суд во постапка предвидена со закон може да изрече прекршочна санкција за сторен прекршок.

Оттука произлегува дека прекршокот и санкцијата се утврдени со закон, а не со пропис на општината односно градот Скопје, поради што Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на член 21 став 1 алинеја 3 и член 22 став 1 алинеја 3 од Законот со член 13 став 1 и член 14 став 1 од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.187/2001
13 ноември 2002 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов