Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 13 ноември 2002 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 2 став 1 точка 1 и член 13 од Законот за високото образование (“Службен весник на РМ” бр.63/2000).
2. Панче Докузов од Штип, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на одредбите од законот означен во точката 1 од ова решение. Иницијаторот наведува дека законодавецот, уставно дадената автономија на универзитетите ја толкува како што сака и дека повикувајќи се на неприкосновената автономија, направил просветната инспекција како надлежен државен инспекторат да нема право на инспекциски надзор во високо школските институции, а просторот на високо образовните институции го прогласил “неповредлив” бидејќи полицијата и другите државни органи на безбедност не смееле без согласност на ректорот, деканот односно директорот или лице овластено од нив да влегуваат во овој простор. Ваквото уникатно решение било извор на беззаконие што било спротивно на член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот. Понатаму, со дефинирањето на “неприкосновената автономија” како неограничена власт, универзитетите биле ставени во монополска положба и монополско однесување во однос на останатите образовни институции што било спротивно на член 55 од Уставот.
3. Судот на седницата утврди дека според член 2 став 1 точка 1 од Законот за високото образование, “автономија на универзитет” значи академска слобода, академско управување и неприкосновеност на автономијата.
Согласно член 13 став 1 од овој закон, просторот на високообразовните установи е неповредлив. Полицијата и другите државни органи на безбедност не можат без согласност на ректорот, деканот односно директорот или на лице овластено од
нив, да влегуваат во овој простор, освен за спречување на извршување на непосредно што претстои или започнато кривично дело, за задржување на неговиот сторител, како и во случај на природни и други непогоди (пожар, поплава и слично).
4. Владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
Со членот 55 став 1 од Уставот, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото, а според ставот 2 на овој член Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.
Според член 46 од Уставот, на универзитетот му се гарантира автономија. Условите за основање, вршење и престанок на дејноста на универзитетот се уредуваат со закон.
Со Законот за високото образование се уредуваат условите и постапката за основање, финансирање и престанок на високообразовните установи и се утврдуваат основите за организација, управување, развој и за вршење на високо образовна дејност.
Истиот закон во членот 15 го дефинира универзитетот како највисока автономна високообразовна, научна односно уметничка установа во која се основани факултети односно високи стручни школи со својство и без својство на правно лице, како и акредитирани научни установи кои вршат високообразовна дејност.
Во членот 2 од овој закон се определува значењето на одделни изрази употребени во овој закон. Така според оспорената точка 1 од овој член “автономија на универзитет” значи академска слобода, академско управување и неприкосновеност на автономијата. Понатаму, во Главата втора од овој закон која се однесува на автономијата е уредено што опфаќа академската слобода (член 11) како се изразува автономијата во управувањето со високообразовните установи (член 12) и што се подразбира под неприкосновеност на автономијата (член 13).
Од наведеното произлегува дека конкретната содржина на автономијата на универзитетот е утврдена со Законот за високото образование заедно со условите за неговото формирање, работа и престанок.
Имајќи предвид дека Уставот ја гарантира автономијата на универзитетот без при тоа да определи што подразбира под овој поим, право е на законодавецот да го дефинира поимот автономија на универзитетот како што го сторил тоа во Законот за високото образование.
Во однос на оспорениот член 13 од Законот, Судот оцени дека иницијаторот, неповредливоста на просторот на високообразовните установи го сфаќа во апсолутна смисла кога тврди дека полицијата и другите државни органи на безбедност не смеат да влегуваат во овој простор без согласност на ректорот, деканот односно директорот или на лице овластено од нив.
Имено, во нормални околности, полицијата и другите државни органи на безбедност треба да побараат согласност за нивното дејствување на просторот на високообразовните установи, додека пак, како што е наведено во истиот член 13 од Законот, согласност не се бара во случај кога станува збор за спречувањее на извршување на непосредно што претстои или започнато кривично дело, за задржување на неговиот сторител, како и во случај на природни и други непогоди како пожар, поплава и слично.
Определбата на законодавецот за вакво законско решение произлегува од дејноста на високообразовните установи која е од образовната сфера, поради што ниту наставниот кадар ниту студентите не треба да бидат вознемирувани без посебно оправдани причини.
Овие одредби од Законот се однесуваат на сите високообразовни установи, така што не може да стане збор за монополско однесување на било која високообразовна установа. Во врска со наводите на иницијаторот дека високообразовните установи поради својата автономија монополски се однесувале во однос на останатите образовни институции, Судот оцени дека станува збор за различен вид на образовни институции со различен статус кој е уреден со посебни закони, поради што не може да стане збор за монополско однесување меѓу нееднакви субјекти.
Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби од Законот со Уставот и одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У.бр.123/2002
13 ноември 2002 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов