11/2002-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членот 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и членот 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 13 ноември 2002 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВААТ

а) Член 24 став (3) од Законот за трговските друштва (“Службен весник на Република Македонија” бр.28/96, 7/97, 21/98, 37/98, 63/98, 39/99, 81/99, 37/2000, 31/2001, 50/2001, 6/2002 и 61/2002) и

б) Член 22 став (3) од Законот за трговските друштва (“Службен весник на Република Македонија” бр.58/2002).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијативата поднесена од Стамен Филипов од Скопје, со Решение У.бр.11/2002 од 12 септември 2002 година поведе постапка за оценување уставноста на член 24 став (3) од законот означен во точката 1 под а) од оваа одлука, а постапката за оценување уставноста на членот 22 став (3) од законот означен во точката 1 под б) од оваа одлука ја поведе по сопствена иницијатива, затоа што се постави прашањето за нивната согласност со Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека според оспорениот став (3) на членот 24 од Законот означен во точката 1 под а) од оваа одлука, државјанин на Република Македонија кој има и друго државјанство избира дали ќе ја користи положбата на државјанин на Република Македонија или на странско лице.

Судот на седницата, исто така, утврди дека според членот 567 од новиот Закон за трговските друштва (“Службен весник на РМ” бр.58/2002) Законот чии одредби се оспорени со оваа иницијатива престанува да важи со денот на примената на овој закон, кој што, пак, согласно членот 571, ќе се применува од 1 јануари 2003 година. Тоа значи дека до тогаш дел од правниот поредок е и оспорениот закон.

Од увидот во содржината на Законот означен во точката 1 под б) од оваа одлука Судот утврди дека оспорените одредби се задржани и во тој закон со тоа што истите се поместени во членот 22 став (3).

5. При оценувањето на уставноста на членовите од законите наведени во точката 1 од оваа одлука, Судот ги имаше предвид следните уставни и законски одредби:

Според член 9 став 1 од Уставот на Република Македонија, сите граѓани на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба.

Според ставот 2 на овој член од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Понатаму, според член 4 став 1 од Уставот, граѓаните на Република Македонија имаат државјанство на Република Македонија, а според членот 2 од Законот за државјанство на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.67/92), државјанин на Република Македонија може да има и државјанство на друга држава. Но државјанинот на Република Македонија кој има државјанство на друга држава, според овој член од Законот, во Република Македонија се смета исклучиво за државјанин на Република Македонија, ако со меѓународен договор не е поинаку определено.

Наведените уставни и законски одредби упатуваат на заклучок дека општо прифатена определба е дека граѓаните на Република Македонија имаат државјанство на Република Македонија, со тоа што Законот за државјанство, донесен врз основа на членот 4 став 3 од Уставот, за граѓаните на Република Македонија допушта двојно државјанство, односно предвидува можност државјанин на Република Македонија да има државјанство и на друга држава. Но, членот 2 од овој Закон, системски и принципиелно, а согласно уставното начело на еднаквост на граѓаните го утврдува статусот, односно положбата на државјанин на Република Македонија кој што има државјанство и на друга држава, така што тоа лице во Република Македонија се смета исклучиво како државјанин на Република Македонија, ако со меѓународен договор не е поинаку определено. Значи, интенцијата и на Уставот и на Законот за државјанство е сите граѓани-државјани на Република Македонија, без оглед дали некои од нив има државјанство и на друга земја, во Република Македонија да се еднакви во слободите, правата и должностите кои се условени и сврзани со државјанството, а евентуална разлика е допуштена доколку тоа со меѓународен договор е предвидено.

Со оглед дека во оспорениот член 24 став (3) и член 22 став (3) од законите означени во точката 1 на оваа одлука се предвидува за државјаните на Република Македонија кои имаат државјанство и на друга држава, како основачи на трговско друштво, да можат да избираат која положба во Република Македонија ќе ја користат (дали на државјанин на Република Македонија или на странско лице), Судот смета дека овие граѓани-државјани на Република Македонија всушност се доведуваат во нееднаква положба во однос на другите граѓани кои немаат двојно државјанство, односно државјанство и на друга земја, што е спротивно со член 4 став 1 (кој е операционализиран со Законот за државјанство) и член 9 став 2 од Уставот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски

У.бр.11/2002
13 ноември 2002 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов