135/2002-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 71 и член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 6 ноември 2002 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување законитоста на Правилникот за внатрешна организација и систематизација на работните места во ЈУ Дом за стари лица “Киро Крстески Платник” од Прилеп, донесен од Управниот одбор на домот на 17 март 2001 година.

2. Марија Костоска, Зорица Синадиновска и Цвета Колеска од Прилеп., на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на правилникот означен во точката 1 од ова решение. Според наводите од иницијативата оспорениот правилник не бил во согласност со Законот за социјална заштита, Колективниот договор за социјална заштита и член 86 од Законот за работните односи, затоа што спротивно на член 56 од Законот за социјална заштита бришани се работните места социјален работник и лекар по општа пракса што биле предвидени со претходниот правилник. Понатаму во иницијативата се наведува дека спротивно на колективниот договор за социјална заштита за работното место виш референт-економ – магационер; самостоен референт архивар, благајник-технички секретар; и за работо место главна медицинска сестра е утврден понизок степен на стручна подготовка од степенот кој е предвиден со колективен договор.

3. Судот на седницата утврди дека Управниот одбор на Јавната установа Дом за стари лица на 17 март 2001 година донел Правилник за внатрешна организација и систематизација на работните места во ЈУ Дом за стари лица со кој се уредува внатрешната организација на домот, организациони единици и извршувањето на работи и задачи, овластувања и одговорности во вршењето на работите и задачите.

Во член 9 од Правилникот се утврдени работните места, бројот на извршители и видот и степенот на стручна подготовка на лицата кои се предвидени за извршување на работите и задачите во домот.

Исто така Судот утврди дека на 1 октомври 2002 година Управниот одбор на домот донесол Правилник за измена и дополнување на Правилникот за внатрешна организација и систематизација на работните мста за кој согласно член 4 од Законот за социјална заштита согласност дал министерот за труд и социјална политика.

4. Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија Уставниот суд, помеѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот, за согласноста на другите прописи и на колективни договори со Уставот и законот.

Имајќи ја предвид наведената уставна одредба и содржината на оспорениот правилник Судот смета дека тој не претставува пропис донесен од Управниот одбор во вршењето на јавните овластувања утврдени со закон туку претставува акт со кој се уредени прашањата кои се однесуваат на работните односи на вработените во домот, поради што согласно наведената уставна одредба Уставниот суд не е надлежен да ја оценува неговата законитост.

Со оглед на наведеното, согласно член 28 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.135/2002
6 ноември 2002 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов