113/2002-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 6 ноември 2002 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на Уредбата за определување на задачите кои можат да ги извршуваат жените во резервниот состав на Армијата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 72/1992).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорената Уредба била донесена од Владата на Република Македонија врз основа на член 66 став 2 од Законот за одбрана од 1992 година, а таков законски основ со одредбите на новиот Закон за одбрана (“Службен весник на Република Македонија” бр.42/2001) не постоел. Со постоењето на Уредбата во правниот поредок се повредувале членовите: 8 став 1 алинеја 3, 28, 51 и 91 алинеја 5 од Уставот на Република Македонија, како и член 3 став 2 и 81 од Законот за одбрана, заради кои причини иницијаторот предлага поведување на постапка за оценување уставноста и законитоста на оспорениот акт.

3. Судот на седницата утврди дека правен основ за донесување на оспорената Уредба е членот 66 став 2 од Законот за одбрана (“Службен весник на Република Македонија” бр.8/1992 и 30/1995). Според содржината на член 1 од Уредбата, со оваа уредба се определуваат задачите кои можат да ги извршуваат жените во резервниот состав на Армијата на Република Македонија, па понатаму во членот 2 децидно се наведени задачите што можат да ги извршуваат жените во резервниот состав на Армијата, во воена состојба. Од содржината на членот 3 од Уредбата произлегува дека во време на извршување на задачите утврдени во претходаната одредба, жените имаат исти права и обврски како и припадниците на резервниот состав на Армијата. Во членот 4 е определено дека Уредбата влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето.

4. Владеењето на правото е една од темелните вреднос-ти на уставниот поредок на Република Македонија, согласно член 8 алинеја 3 од Уставот.

Одбраната на Република Македонија е право и должност на секој граѓанин, а остварувањето на ова право и должност на граѓаните се уредува со закон, согласно член 28 од Уставот.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 91 алинеја 5 од Уставот, Владата на Република Македонија, помеѓу другото, донесува уредби и други приписи за извршување на законите.

Во член 66 став 2 од Законот за одбрана (“Службен весник на Република Македонија” бр.8/1992 и 30/1995) беше определено дека, служењето на жените во резервниот состав на армијата започнува од наполнување на 19 години живот и трае до наполнувањето на 50 години живот и се остварува со извршувањето на определени задачи утврдени со уредба што ја донесува Владата.

Член 19 точка 13 од Законот за одбрана (“Службен весник на Република Македонија” бр.42/2001), таксативно ги набро-јува уредбите што ги донесува Владата на Република Македонија во остварувањето на одбраната и според содржината на оваа одредба, Владата нема во надлежност поблиско уредување на прашањето за задачите што треба да ги извршуваат жените во резервниот состав на Армијата во воена состојба.

Според сегашниот концепт на Законот, начинот на извршување на обврската за служење во резервен состав на Армијата, согласно член 87, се уредува со правилник што го донесува министерот за одбрана.

Членовите 172 и 173 од Законот за одбрана, што сега е во сила, го решаваат прашањето за преодниот режим на подзаконските акти, донесени врз основа на Законот за одбрана од 1992 година.

Според содржината на член 172, прописите чие донесување е предвидено со овој закон ќе се донесат во рок од една година од денот на неговото влегување во сила освен прописите предвидени со членовите 142, 143 и 144 Глава ЏИИ Планирање, што ќе се донесат најдоцна за две години.

Во ставот 1 од член 173 се определува дека, со влегувањето во сила на овој закон, престанува да важи Законот за одбрана (“Службен весник на Република Македонија” бр.8/1992 и 30/1995), а во ставот 2 дека, прописите донесени врз основа на Законот од став 1 на овој член ќе се применуваат до донесување на прописите од член 172 на овој закон, доколку не се во спротивност со одредбите на овој закон.

Тргнувајќи од содржината на член 19 од Законот за одбрана што сега е во сила, произлегува дека, сегашниот концепт на одбраната не предвидува во надлежностите на Владата да спаѓа и донесување на Уредба што поблиску би се заминавала со видот на задачите што треба да ги извршуваат жените во резервниот состав на Армијата, како што беше концептот на Законот од 1992 година, според содржината на членот 66 став 2 од тој Закон. Уште повеќе, сегашниот концепт на Законот не предвидува донесување на повеќе видови подзаконски акти во врска со служењето во резервниот состав, туку во членот 87 определува дека начинот на извршувањето на обврската за служење во резервниот состав на Армијата се уредува со правилник што го донесува министерот за одбрана.

Од анализата на овие одредби може да се заклучи дека одредбите на поранешниот Закон и Законот што сега е во сила, имаат поинакво решение по однос на надлежниот орган за регулирање на прашањето што го содржи оспорената Уредба и предвидуваат опфакање на прашањето во различни по вид подзаконски акти. Или поконкретно, во поранешниот Закон Владата го регулираше прашањето со Уредба, а сега министерот за одбрана го регулира прашањето со правилник.

При состојба кога членот 173 став 2 од Законот за одбрана од 2001 година, определува дека прописите донесени врз основа на претходниот Закон ќе се применуваат доколку не се во спротивност со одредбите на овој закон, цениме дека оспорениот акт како спротивен на одредбите на сегашниот Закон, поради горе изложените причини, престанал да постои во правниот поредок и не може да се применува. Впрочем и самиот иницијатор констатира дека оспорената Уредба нема правен основ во Законот за одбрана што сега е во сила.

5. Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата, па како оспорениот акт, како спротивен на Законот за одбрана што сега е во сила, престанал да постои во правниот поредок, судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.113/2002
7 ноември 2002 година
С к о п ј е

л.а

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов