87/2002-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 6 ноември 2002 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВААТ

а) член 17 став 2 алинеја 4 и член 61 од Законот за телекомуникации (“Службен весник на Република Македонија” бр.33/96, 17/98, 28/2000 и 4/2002) и

б) Правилникот за висината на надоместокот за користење на радиофреквенции (“Службен весник на Република Македонија” бр.106/2000 и 57/2001) и Правилникот за утврдување на висината на надоместокот за надзор на кабловска радио-телевизиска мрежа (“Службен весник на Република Македонија” бр.59/2001).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесената иницијатива на Стопанската интересна заедница на оператори на кабелска мрежа МК НЕТ – Скопје, со Решение У.бр.87/2002 од 2 октомври 2002 година поведе постапка за оценување уставноста на член 17 став 2 алинеја 4 и член 61 од Законот за телекомуникации и за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот за висината на надоместокот за користење на радиофреквенции и на Правилникот за утврдување на висината на надоместокот за надзор на кабловска радио-телевизиска мрежа, и двата донесени од министерот за транспорт и врски.

Постапката беше поведена затоа што пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на член 17 став 2 алинеја 4 и член 61 од Законот за телекомуникации со Уставот и за согласноста на наведените Правилници со Уставот и со Законот за организација и работа на органите на државната управа.

4. Судот на седницата утврди дека со членот 17 став 2 алинеја 4 од Законот за телекомуникации е предвидено дека министерот за сообраќај и врски ја утврдува висината на надоместоците согласно со овој закон, на предлог на Дирекцијата.

Во делот на одредбите од овој закон, кои се однесуваат на техничките услови, со членот 61 е утврдено дека министерот за сообраќај и врски на предлог на Дирекцијата ќе обезбеди висината на надоместоците за надзорот, за нумерацијата и за дозволите за радиофреквенциите да бидат сразмерни со трошоците за регулирање на секторот. Еднократните надоместоци за концесиите и еднократниот надоместок за дозвола за радиофреквенција пропишани со овој закон се соодветни на пазарната вредност на концесијата или дозволата која е доделена.

Исто така, Судот утврди дека поаѓајќи од законското овластување врз основа на членот 17 став 2 алинеја 4 а во врска со членот 61 од Законот за телекомуникации, министерот за транспорт и врски го донесол Правилникот за висината на надоместокот за користење на радиофреквенции и Правилникот за утврдување на висината на надоместокот за надзор на кабловска радио-телевизиска мрежа.

5. Уставот на Република Македонија во членот 8 став 1 алинеја 3 и 4, утврдил дека владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Со член 33 од Уставот, се уредува дека секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон, а според член 68 став 1 алинеја 3 од Уставот, Собранието на Република Македонија ги утврдува јавните давачки.

Според член 91 алинеја 1 и 5 од Уставот, Владата на Република Македонија ја утврдува политиката на извршувањето на законите и донесува уредби и други прописи за извршување на законите, а според член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Согласно член 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа (“Службен весник на Република Македонија” бр.58/2000), министерот, меѓу другото, донесува правилници за извршување на законите кога за тоа е овластен со закон. Според член 56 став 1 од овој закон, со правилник се утврдуваат и разработуваат одделни одредби на законите и другите прописи заради нивно извршување, а според член 61 став 1 од овој закон, со актите кои ги донесува министерот не може за граѓаните и другите правни лица да се утврдуваат права и обврски, ниту да се пропишува надлежност на други органи.

Согласно членот 4 од Законот за телекомуникации, телекомуникациите кои значат пренос, предавање или прием на пораки во форма на знаци, сигнали, пишуван текст, слика или звук преку жичани, радио, оптички или други електромагнетни системи, можат да бидат јавни (кои се вршат за јавноста и се остваруваат преку телекомуникациски мрежи и средства), и за сопствени потреби (што ги обезбедуваат и вршат одделни државни органи, органите на единиците на локалната самоуправа, трговски друштва и други правни и физички лица преку телекомуникациската мрежа, исклучително наменети за задоволување на своите потреби). Дејностите и работите од областа на телекомуникациите се вршат со одобрение, во согласност со овој закон и одделни дејности и работи од оваа област се вршат и по пат на концесија.

Јавните телекомуникациски услуги и користењето на радиофреквентниот спектар, се утврдени како работи од јавен интерес за Република Македонија, согласно членот 3 од наведениот закон.

За регулирање на работите во областа на телекомуникациите врз основа на членот 16 од Законот се надлежни Министерството за сообраќај и врски и Дирекцијата за телекомуникации, која се формира како орган во состав на Министерството и има својство на правно лице.

Врз основа на законското овластување кое произлегува од членот 17 став 2 алинеја 4 а во врска со членот 61 од Законот за телекомуникации, министерот за транспорт и врски го донесол Правилникот за висината на надоместокот за користење на радиофреквенции (“Службен весник на Република Македонија” бр.106/2000 и 57/2001) и Правилникот за утврдување на висината на надоместокот за надзор на кабловска радио-телевизиска мрежа (“Службен весник на Република Македонија” бр.59/2001).

Од анализата на одредбите на Законот за телекомуникации произлегува дека интенцијата на законодавецот е прашањето за надоместоците кои се предвидени со овој закон, во однос на критериумите и утврдувањето на висината, како и начинот на плаќањето, да не биде предмет на уредување на законскиот концепт, и целосно да се пренесе во надлежност на министерот за сообраќај и врски односно тој да ги пропише со свои акти. При ваква состојба, а имајќи ја во предвид содржината на одредбите од оспорените Правилници, министерот ги утврдил критериумите, висината и начинот на плаќање на надоместоците за користење на радиофреквенции и за надзор на кабловска радио-телевизиска мрежа, од што може да се констатира дека со акти на министерот а не со закон е во потполност регулирано прашањето за надоместоците. Оттука, Правилниците донесени од министерот, по својата содржина претставуваат акти со кои се пропишуваат и утврдуваат права и обврски за граѓаните и други правни лица, што единствено со закон може да се уредува.

Овластувањето кое произлегува од наведените законски одредби според мислењето на Судот нема уставна основа поради тоа што законот не содржи критериуми за определување на висината на надоместоците кои ќе бидат разработени со акти на министерот, и ова овластување отстапува и од општиот принцип на поделба на власта. Тргнувајќи од темелната вредност на уставниот поредок на Република Македонија за поделба на државната власт на законодавна, извршна и судска, министерот како еден од органите на извршната власт не може да има овластување во законодавната власт. Даденото овластување со оспорените законски одредби, во конкретниов случај министерот со свои акти да пропишува критериуми, висина и начин на плаќање на надоместоци, значи навлегување во законодавната власт која е издвоена од извршната власт, што е спротивно на членот 8 став 1 алинеја 3 и 4, член 68 став 1 алинеја 3, член 91 и член 96 од Уставот на Република Македонија.

Со оглед на тоа Судот оцени дека одредбите од членот 17 став 2 алинеја 4 и членот 61 од Законот за телекомуникации, како и оспорените Правилници не се во согласност со наведените одредби од Уставот, а Правилниците не се во согласност ниту со членовите 55 став 1, 56 став 1 и 64 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.87/2002
6 ноември 2002 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов