Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 27 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 16 октомври 2002 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 2, член 4 став 2 и членовите 9 и 11 од Законот за правата на прогонуваните и затвораните лица за идеите на самобитноста на македонскиот народ и неговата државност и на членовите на нивните семејства (“Службен весник на Република Македонија” бр.61/02).
2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на целината на Законот, на називот на Законот во делот: “и на членовите на нивните семејства”, член 1 во делот: “и на членовите на нивните семејства” и член 10 од Законот означен во точката 1 од ова решение.
3. СЕ ЗАПИРА извршувањето на поединечни акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорените одредби од Законот, наведени во точката 1 од ова решение.
4. Републичкиот одбор на Сојузот на борците од народноослободителната и антифашистичка војна на Македонија 1941-1945, Ристо Бобевски од Велес, Ванчо Николовски од Скопје и Здружението на борците од народноослободителната и антифашистичка војна на Македонија “Боте Боцевски” Општина Центар, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа поединечени иницијтиви за поведување постапка за оценување уставноста на Законот за правата на прогонуваните и затвораните лица за идеите на самобитноста на македонскиот народ и неговата државност и на членовите на нивните семејства во целина и посебно називот на Законот, во делот: “и на членовите на нивните семејства”, член 1 во делот: “и на членовите на нивните семејства”, член 2 во делот: “и осудувано” и точките 1, 2, 3 и 6, член 4 став 2, член 9 став 1 во делот: “или интернација” и став 2 во делот: “а по предлог на министерот за финансии”, и членовите 10 и 11 од Законот.
Во иницијативите е содржано посебно барање, Уставниот суд до донесување на конечна одлука, да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорениот закон, бидејќи со неговото извршување би можело да настанат тешко отстранливи последици.
Според подносителите на иницијативите, со оспорениот закон се уредувале прашања кои веќе биле уредени со членовите 110 – 116 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување, така што уредувајќи иста материја во два различни закона се создавало нееднаква положба помеѓу лицата што ги остварувале своите права порано и тие што ќе ги остваруваат своите права врз основа на оспорениот закон, односно се создавал простор за разгорување на омрази и страсти меѓу граѓаните на Република Македонија (меѓу борците од антифашистичката војна и народноослободителните војни на Македонија и воените инвалиди, од една страна, и лицата кои наводно биле прогонувани и затворани за идеите на самобитноста на македонскиот народ и неговата државност, од друга страна). Понатаму, со оспорениот закон, се доведувал под сомневање целиот претходен правен систем што важел од 1945 до 1991 година, доведувајќи ги во прашање сите донесени и извршени правосилни судски пресуди за целиот тој период, негирајќи го и принципот дека лицето незаконито лишено од слобода, притворено или незаконито осудено, има право на надомест и штета и други права утврдени со закон. Со оспорениот закон било злоупотребено значењето и смислата на член 36 од Уставот и на уставно-правниот поредок му се импутирал режим кој не постоел во времето од 1945 до 1991 година, што не било во согласност со преамбулата на Уставот и член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 13 став 2 и членовите 36 и 51 од Уставот.
Деловите од називот на Законот и членот 1 со кој се опфаќале и членовите на семејствата на прогонуваните и затвораните лица не бил во согласност со член 36 од Уставот бидејќи ги опфаќал сите лица, а не само тие кои немаат можности за материјална и социјална егзистенција.
Со членот 2 од Законот, спротивно на уставниот термин “затворани” се употребувал, а со тоа и правата се проширувале и на “осудуваните” лица, што не било во согласност со член 36 од Уставот. Точките 1, 2, 3 и 6 од овој член и член 9 став 1 од Законот, не можело да се подведат под поимот прогонувано и затворано лице, затоа што интернирањето било мерка преземена од страна на една држава со цел одредување на принудно место за престој на одредено лице или на категорија на лица. Овој термин се употребувал во военото право и се применувал на лицата: а) на државјаните на една завојувана страна кои се наоѓаат на територијата на непријателска држава; б) на воените заробеници; в) на трупите од завојуваните страни во случај на премин преку територија на неутрална држава, и г) на воените бродови и нивната посада од страна на неутрална сила. Според тоа, во периодот од 1945 до 1991 година, не постоеле интернирани лица во Македонија и од Македонија. Исто така, под поимот прогонувано и затворено лице, не можело да се подведат лицата принудно на емиграција во странство, дискриминирано во однос на остварувањето на правата од работа и прогласувано за воен богаташ. Во таа смисла, и членот 11 од Законот, не бил применлив во нашиот правен поредок, чија содржина била веќе адекватно уредена со членот 534 став 1 од Законот за кривичната постапка. Членот 2 и членот 9 став 1 во оспорените делови и членот 11 од оспорениот закон не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 36 став 1 и член 51 од Уставот.
Со член 4 став 2 и член 9 став 2 од оспорениот закон се давале овластувања за министерот за финансии за кои тој не бил надлежен, што не било во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и членовите 51 и 96 од Уставот.
Според член 10 од оспорениот закон, прогонуваните и затвораните лица се изедначувале со борците и воените инвалиди, занемарувајќи го фактот дека некои од овие лица за кои е донесен оспорениот закон, пребегнале кон непријателот, побегнале од војска или од воена должност, самите се раниле или повредиле заради одбегнување на воената должност, се осудувани со правосилна судска пресуда поради учеството на страната на окупаторот или на неговите помагачи, што не било во согласност со преамбулата на Уставот и со член 8 став 1 алинеја 3 и членовите 9, 36 и 51 од Уставот.
5. Судот на седницата утврди дека со оспорениот закон се уредуваат правата на прогонуваните и затвораните лица за идеите на самобитноста на македонскиот народ и неговата државност и на членовите на нивните семејства.
Според член 2 од Законот, за прогонувано и осудувано лице за идеите на самобитноста на македонскиот народ и неговата државност (понатаму: прогонувано лице), во смисла на овој закон, се смета лице кое во периодот од 1945 до 1991 година, на политичка и идеолошка основа, а поради пројавените идеи и активности за создавање на независна, обединета и демократска држава Македонија, било: интернирано; принудено на емиграција во странство; дискриминирано во однос на остварување на правото на работа; притворено со правосилна судска одлука подолго од 30 дена; осудено на казна затвор и прогласено за воен богаташ.
Согласно член 3 од Законот, за членови на семејство на прогонувано лице се сметаат брачниот другар и децата кои живеат во заедничко домаќинство и заеднички ги трошат остварените приходи.
Својството на прогонувано лице, согласно член 4 став 1 од Законот, со решение го утврдува Комисијата за утврдување својство на лице прогонувано и затворано за идеите на самобитноста на македонскиот народ и неговата државност на Владата на Република Македонија, од член 111 од Законот за пензсикото и инвалидското осигурување. Според став 2 од овој член, поблиски критериуми за утврдување на својството на прогонувано лице од членот 2 на овој Закон и документацијата потребна за остварување на правата од овој закон ги пропишува министерот за финансии во согласност со министерот за труд и социјална политика и министерот за внатрешни работи.
Според член 5 став 1 од Законот, прогонуваното лице има право на: материјално обезбедување; еднократен паричен надоместок; додаток за нега и помош од страна на друго лице; еднократна парична помош во случај на смрт, долготрајна болест, елементарни и други непогоди, и здравствена заштита, а според ставот 2 од овој член, прогонуваното и затворано лице кај кое настапило оштетување на организмот најмалку за 20% од повреда, односно 60% по болест како последица на прогонувањето, покрај правата утврдени во став 1 на овој член има право и на: лична инвалиднина; ортопедски додаток; бањско и климатско лекување; додаток на деца; професионална рехабилитација и бесплатен и повластен превоз.
Членовите на семејството на прогонувано лице, согласно член 6 од овој закон, имаат право на: материјално обезбедување; семејна инвалиднина; додаток за нега и помош од страна на друго лице; здравствена заштита и еднократна парична помош во случај на смрт.
Со член 7 став 1 од Законот се уредува дека прогонуваното лице има право на материјално обезбедување доколку: не е корисник на старосна, инвалидска или семејна пензија според прописите од пензиското и инвалидското осигурување или вкупните месечни приходи во семејството не го надминуваат износот на просечната месечна плата исплатена во Република Македонија во претходната година, а според ставот 2 на овој член од Законот, членовите на семејството на прогонувано лице имаат право на материјално обезбедување доколку пред смртта на прогонуваното лице биле издржувани од корисникот на материјално обезбедување од ставот 1 на овој член. Во случаите од став 1 на член 7, според член 8 од Законот, материјалното обезбедување се определува во висина од 80% од просечната плата остварена во Република Македонија во тековниот месец (полн износ), односно во висина од 90% од полниот износ (намален износ).
Според член 9 став 1 од Законот, прогонуваното лице има право на еднократен паричен надоместок во износ од 50% од просечната месечна плата исплатена во Република Македонија во претходната година, за секој месец поминат на издржување казна затвор или интернација, а според ставот 2 од овој член, начинот на исплата на надоместокот од ставот 1 на овој член го утврдува Владата на Република Македонија, а по предлог на министерот за финансии.
Со член 10 од Законот се уредува дека прогонуваното лице и членовите на неговото семејство, правата утврдени во членовите 5 и 6 од овој закон, освен правата за материјално обезбедување и еднократен паричен надоместок ги остваруваат на начин, постапка и во обем утврдени со Законот за правата на воените инвалиди, на членовите на нивните семејства и на членовите на семејствата на паднатите борци и Законот за материјално обезбедување на учесниците во Народноослободителната војна.
Според член 11 став 1 од Законот, лицето од членот 2 точка 6 (прогласено за воен богаташ), корисник на пензија, на кое пензијата му е намалена заради немање доволно работен стаж, има право на признавање на времето поминато без работа поради тоа што било прогласено за воен богаташ како време поминато на работа, а според ставот 2 на овој член, правото од ставот 1 на овој член се остварува врз основа на претходно писмено барање на прогонуваното лице и потврда од Комисијата од членот 4 став 1 на овој закон, доставено до Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија.
Согласно член 12 став 1 од Законот, во случај на смрт на корисникот на материјално обезбедување, членот на семејството кој го извршил погребот има право на материјална помош во висина на двократниот износ, на материјалното обезбедување од членот 8 став 1 на овој закон (полн износ) за месецот во кој корисникот починал, а според ставот 2 од овој член, во случај на подолготрајна болест и претрпени штети од елементани непогоди или смрт на член на семејството на корисникот на материјалното обезбедување, корисникот на материјалното обезбедување има право на еднократна парична помош во висина на месечен износ на материјалното обезбедување во тековниот месец, и тоа најмногу два пати во текот на годината.
Според член 13 од Законот, стручните и административните работи на Комисијата од членот 4 став 1 на овој закон ги врши Министерството за труд и социјална политика – Управата за прашања на борците и воените инвалиди, според членот 14 од Законот, средствата за остварување и користење на правта утврдени со овој закон се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија, а членот 15 од Законот е завршната одредба за влегување на сила на Законот.
6. Според преамбулата на Уставот на Република Македонија, граѓаните на Република Македонија, … преземајќи ја одговорноста за сегашноста и иднината на нивната татковина, свесни и благодарни на своите претци за жртвите и посветеноста во нивните заложби и борба за создавање самостојна и суверена држава Македонија и одговорни пред идните генерации за зачувување и развој на се што е вредно од богатото културно наследство и соживот во Македонија, еднакви во своите права и обврски кон заедничкото добро – Република Македонија – во согласност со традицијата на Крушевската Република и одлуките на АСНОМ и на Референдумот од 8 септември 1991 година, одлучија …
Согласно член 8 став 1 алинеја 3 и 4 од Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Со член 13 став 2 од Уставот се уредува дека лицето незаконито лишено од слобода, притворено или незаконито осудено, има право на надомест на штета и други права утврдени со закон.
Според член 36 став 1 од Уставот, Републиката им гарантира посебни социјални права на борците од Антифашистичката војна и од сите националноослободителни војни на Македонија, на воените инвалиди, на прогонуваните и затвораните за идеите на самобитноста на македонскиот народ и неговата државност, како и на членовите на нивните семејства кои немаат можности за материјална и социјална егзистенција. Според ставот 2 на овој член од Уставот, посебните права се уредуваат со закон.
Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Според член 91 алинеја 5 од Уставот, Владата на Република Македонија донесува уредби и други прописи за извршување на законите, а според член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Собранието.
Со Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/93, 14/95, 71/96, 32/97, 24/00 и 96/00), меѓу другото, посебно се уредени и прашањата за стекнување и остварување на правата на лицата прогонувани и затворани за идеите на самобитноста на македонскиот народ и неговата државност. Така, според член 110 од овој закон, права од пензиско и инвалидско осигурување под посебни услови има и лице прогонувано и затворано за идеите на самобитноста на македонскиот народ и неговата државност. Својството на лице прогонувано и затворано за идеите на самобитноста на македонскиот народ и неговата државност, согласно член 111 од овој закон, со решение го утврдува посебна комисија на Владата на Република Македонија, врз основа на одлука на надлежен орган, против чие решение може да се изјави жалба до Владата на Република Македонија. Според член 112 од овој закон, на лицето од член 111 на овој закон времето кога е прогонувано, односно времето поминато на издржување казна затвор му се признава во пензиски стаж во ефективно траење.
Според член 113 од Законот, лицето од член 111 на овој закон и членовите на неговото семејство правата од пензиското и инвалидското осигурување ги остваруваат под истите услови како и другите осигуреници, ако со овој закон не е поинаку определено. На овие лица, според член 114 од Законот, пензијата му се определува од пензиска основа што претставува просечна плата остварена во Републиката во последната година во која се остварува пензијата зголемена за 30% или од пензиската основа, како и за другите осигуреници, ако тоа за него е поповолно. Барањето за признавање во пензиски стаж на времето кога е прогонувано и времето поминато на издржување казна затвор, согласно член 115 од овој закон, лицето го поднесува до стручната служба на Фондот. Согласно член 116 од овој закон, средствата за признавање на правата од пензиското и инвалидското осигурување под поповолни услови на лицата од член 111 на овој закон ги обезбедува Буџетот на Република Македонија за: 1) целиот износ на пензија ако осигуреникот ги исполнува условите за пензија со стажот од член 112 на овој закон; 2) разликата меѓу пензијата утврдена со стажот од член 112 на овој закон и пензијата утврдена без тој стаж во случаите кога осигуреникот ги исполнил условите за пензија и 3) разликата меѓу пензијата утврдена од пензиска основа, како и за другите осигуреници и пензијата утврдена од пензиската основа од член 114 на овој закон.
Со Законот за материјално обезбедување на учесниците во Народноослободителната војна (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/91, 57/91 и 13/96) се уредуваат прашањата на материјалното обезбедување (материјално обезбедување во полн и во намален износ, право на надоместок за нега и помош од друго лице, право на еднократна парична помош на корисникот на материјалното обезбедување или членот на неговото семејство, сместување во социјална организација и здравствена заштита) на учесниците во НОВ и учесниците во НОД од Егејскиот дел на Македонија на кои времето од стапување во НОВ до 15 мај 1945 година, односно времето од стапување во НОДЕМ до 8 јули 1949 година им е признато во посебен стаж на двојно траење според прописите од пензиското и инвалидското осигурување.
Со Законот за правата на воените инвалиди, на членовите на нивните семејства и на членовите на семејствата на паднатите борци (“Службен весник на Република Македонија” бр.13/96) целосно се уредуваат сите прашања за правата на воените инвалиди од војните и на мирновременските воени инвалиди, членовите на нивните семејства, како и на членовите на семејствата на паднатите борци. Така, со член 18 од овој закон, како права на таа категорија лица се предвидени следните: лична инвалиднина, семејна и зголемена семејна инвалиднина, инвалидски додаток, додаток за нега и помош од страна на друго лице, ортопедски додаток, бањско и климатско лекување, право на патничко моторно возило, додаток на деца и професионална рехабилитација, здравствена заштита, помош во случај на смрт и бесплатен и повластен превоз.
7. Тргнувајќи од анализа на содржината на наведените уставни и законски одредби, а имајќи ја предвид содржината на член 2 од Законот, според која се утврдува опфатот на лицата кои можат да се сметаат за прогонувани и осудувани за идеите на самобитноста на македонскиот народ и неговата државност, според мислењето на Судот, таквата одредба е нејасна, недоволно дефинирана и определива, така што, во отсуство на објективизирани критериуми, за таа категорија на лица, со оспорената одредба се опфаќаат и лица кои не може да се третираат како прогонувани лица, што е во спротивност и ги надминува рамките и интенциите на членот 36 од Уставот, Републиката да им гарантира посебни социјални права на лицата кои биле прогонувани и затворани за идеите на самобитноста на македонскиот народ и неговата државност. Поради тоа, пред Судот се постави прашањето за согласноста на членот 2 од Законот со одредбата на член 36 од Уставот.
Понатаму, тргнувајќи од тоа дека со одредбата на член 4 став 2 од Законот се дава овластување на министерот за финансии во согласност со министерот за труд и социјална политика и министерот за внатрешни работи да ги пропише поблиските критериуми за утврдување на својството на прогонувано лице и документацијата потребна за остварување на правата, според мислењето на Судот, таквите овластувња за орган на државната управа излегуваат надвор од уставните рамки, и основи за поделба на власта, дотолку повеќе што Законот не ги утврдил основните критериуми, а овластувањето за органот на државната управа не претставува извршување на законска одредба, туку основ за утврдување на критериуми за утврдување на својството на прогонувано лице, кои односи спаѓаат во доменот на законодавната власт. Со оглед на тоа, пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на таа одредба со одредбите на член 8 став 1, алинеја 4, член 91 алинеја 5 и член 96 од Уставот.
Поаѓајќи од содржината на одредбата на член 9 став 1 од Законот, според која прогонуваното лице има право на еднократен паричен надоместок во износ од 50% од просечната месечна плата исплатена во Републиката во претходната година, за секој месец поминат на издржување казна затвор или интернација, според мислењето на Судот, со таквиот начин на определување на надоместокот се надминуваат утврдените рамки за остварување на посебните права со член 36 на Уставот. Имено, посебните права лицата можат да ги користат ако немаат можности за материјална и социјална егзистенција. Со оглед на тоа, пред Судот се постави прашањето за согласноста на член 9 став 1 од Законот со одредбата на член 36 од Уставот. Следствено на тоа, пред Судот се постави и прашањето за согласноста на ставот 2 на член 9 од Законот со одредбите на Уставот, бидејќи Владата не може да го утврдува начинот на исплата на надоместокот, кој надоместок нема основ во Уставот, а со овластувањето на органот на државната управа се надминуваат уставно утврдените рамки во однос на надлежноста на тој орган.
Во однос на член 11 од Законот, според кој лицето од членот 2 точка 6 (прогласено за воен богаташ), корисник на пензија, на кое пензијата му е намалена заради немање доволно работен стаж, да има право на признавање на времето поминато без работа поради тоа што било прогласено за воен богаташ како време поминато на работа, според мислењето на Судот, таквата одредба не содржи објективизиран критериум за опфатот на лицата (воен богаташ) кои можат да се третираат како прогонувани лица и со неа се надминуваат уставно утврдените рамки во однос на гарантирањето на посебните социјални права на лицата кои биле прогонувани и затворани за идеите на самобитноста на македонскиот народ и неговата државност, поради што пред Судот се постави прашањето за согласноста на член 11 од Законот со одредбите на Уставот, дали и категоријата “воен богаташ” спаѓа во категоријата лица кои се бореле за самобитноста на македонскиот народ и неговата државност.
8. Тргнувајќи од анализа на содржината на наведените уставни и законски одредби, а имајќи ја предвид содржината на оспорениот закон, според мислењето на Судот, од одредбата на член 36 став 1 од Уставот, недвосмислено произлегува дека Републиката им гарантира посебни социјални права на борците од Антифашистичката војна и од сите националноослободителни војни на Македонија, на воените инвалиди, на прогонуваните и затвораните за идеите на самобитноста на македонскиот народ и неговата државност, како и на членовите на нивните семејства кои немаат можности за материјална и социјална егзистенција. Според ставот 2 од овој член на Уставот, се упатува посебните права да се уредат со закон. Според тоа, неспорен е уставниот основ за донесување на оспорениот закон, кој е донесен, како што произлегува од образложението на Законот, заради отстранување на историските неправди спрема една категорија на граѓани кои биле прогонувани и затворани за идеите на самобитноста на македонскиот народ и неговата државност. Понатаму, неспорно е дека лицата на кои се однесува Законот, требало да бидат прогонувани и затворани за идеите на самостојноста на македонскиот народ и неговата државност и дека тоа својство не се стекнува автоматски, туку по спроведена посебна (управна) постапка и под посебни критериуми.
Во однос на прашањето, дали со оспорениот закон се уредувале прашања кои веќе биле уредени со други закони, така што уредувајќи иста материја во различни закони се создавало нееднаква положба помеѓу лицата што ги остварувале своите права порано и тие што ќе ги остваруваат своите права врз основа на оспорениот закон и дека со тоа се создавало простор за разгорување на омрази и страсти меѓу граѓаните на Република Македонија, исто така, според мислењето на Судот, тоа не се прашања во надлежност на Уставниот суд, бидејќи Судот не ја оценува согласноста помеѓу законите, ниту, пак, се впушта во последиците од примената на законите, туку одлучува за согласноста на законот со Уставот. Имено, право е на законодавецот, одделни прашања да ги уреди кодифицирано (за борците, за воените инвалиди, за прогонуваните лица) или, тоа да го стори со одделни закони, како во конкретниот случај. Од анализа на содржината на напред наведените закони може да се констатира дека одделни прашања за прогонуваните лица се уредени и во Законот за пензиското и инвалидското осигурување, дека оспорениот закон во делот за остварување на одделни посебни права на тие лица упатува на примена на Законот за правата на воените инвалиди, на членовите на нивните семејства и на членовите на семејствата на поднатите борци, меѓутоа, одделни прашања што се однесуваат на таа категорија лица, во овој закон оригинерно се уредуваат. Во принцип, таквиот приод на законодавецот не би можело да се оспорува. Понатаму дали со начинот на кој се уредени прашањата за прогонуваните лица со оспорениот закон, се создава или не нееднаквост на граѓаните, поточно на борците и воените инвалиди, од една страна, и лицата кои биле прогонувани и затворани за идеите на самобитноста на македонскиот народ и неговата државност, од друга страна, на определен начин е присутно прашање во реалноста, меѓутоа, тргнувајќи од содржината на член 36 од Уставот, во кој се опфатени двете категории на корисници на посебните права, без да се прави разлика помеѓу нив, не би можел да се прифати приговорот дека оспорениот закон востановува нееднаквост меѓу нив. Тоа дотолку повеќе што, со оспорениот закон воопшто не се уредуваат прашања што директно се однесуваат на борците и воените инвалиди, односно не се засегаат нивните права, туку, само се определува еден квантум на права на прогонуваните и затворани лица.
Врз основа на наведеното, според мислењето на Судот, право е на законодавецот со закон да ги уреди посебните права на прогонуваните и затвораните лица за идеите на самобитноста на македонскиот народ и неговата државност, како и на членовите на нивните семејства кои немаат можности за материјална и социјална егзистенција, а со начинот на кој се уредени тие права со оспорениот закон не се повредуваат принципите за владеење на правото и еднаквоста на граѓаните, поради што не го постави прашањето за согласноста на оспорениот закон во целина со преамбулата и одредбите на Уставот.
Во однос на деловите од називот на Законот и членот 1 со кои се опфаќаат и членовите на семејствата на прогонуваните и затвораните лица, подносителите на иницијативата приговараат дека не бил во согласност со член 36 од Уставот, бидејќи ги опфаќал сите лица, а не само тие кои немале можности за материјална и социјална егзистенција.
Тргнувајќи од содржината на член 36 став 1 од Уставот, неспорно е дека посебните права на сите лица опфатени со овој член се однесуваат на сите кои немаат можности за материјална и социјална егзистенција, а не само на членовите на нивните семејства. Тоа подеднакво се однесува како на борците од Антифашистичката војна и од сите националноослободителни војни на Македонија и на воените инвалиди, така и на прогонуваните и затвораните за идеите на самобитноста на македонскиот народ и неговата државност. Поаѓајќи од карактерот на називот на Законот и членот 1 како општа одредба, не е во несогласност со Уставот, ако не ги содржи сите атрибути што ја одредуваат содржината на нормата. Друго е прашањето, дали во одредувањето на посебните права се надминува таа уставна димензија. Впрочем, на истоветен начин е постапено и со другите закони со кои се определуваат посебните права на борците и на воените инвалиди. Со оглед на тоа, пред Судот не се постави прашањето за согласноста на називот на Законот и на членот 1 во деловите “и на членовите на нивните семејства” со одредбите на Уставот.
Во однос на уставноста на член 10 од Законот, со кој според подносителите на иницијативата се вршело изедначување во правата и се занемарувал фактот дека некои од овие лица пребегнале кон непријателот, побегнале од војска или од воена должност, самите се раниле или повредиле заради одбегнување на воената должност, биле осудувани поради учество на страната на окупаторот или на неговите помагачи, што не бил во согласност со Уставот, Судот упатува на изнесените аргументи во оценката за уставноста на целината на оспорениот закон, а воедно го зема предвид и тоа дека според член 4 од овој закон, својството на секој одделен корисник на посебните права на прогонуваното лице односно на членовите на неговото семејство, одделно се докажува, така што, претпоставките наведени во иницијативите не би можело да се земат како аргумент во оценувањето на уставноста на одредбата на член 10 од Законот, поради што не го постави прашањето за согласноста на таа одредба со одредбите на Уставот.
9. Во однос на барањето, Уставниот суд до донесување на конечна одлука, да го запре извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорениот закон, Судот го прифати во делот на одредбите за кои поведе постапка за оценување на нивната уставност, бидејќи оцени дека со нивното извршување би можело да настанат тешко отстранливи последици.
10. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точките 1, 2 и 3 од ова решение.
11. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У.бр.144/2002
16 октомври 2002 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов