Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 16 октомври 2002 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на членот 52 став 2 од Законот за извршување на санкциите (“Службен весник на Република Македонија” бр.3/1997 и 23/1999) во делот “кое не е осудувано за кривични дела
2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на одредбата означена во точката 1 од ова решение, во деловите: “Работен однос во установата може да се заснова со лице” и “на кое не му е изречена мерка на безбедност забрана на вршење на професија, дејност или должност додека трае мерката и кое е здравствено и психофизички способно за работа во установата.”
3. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста на членот 52 став 2 од Законот за извршување на санкциите (“Службен весник на Република Македонија” бр.3/1997 и 23/1999).
Од наводите во иницијативата произлегува дека оспоре-ната одредба не била во согласност со членовите: 8 став 1 алинеја 1 и 3, 9, 13 став 1, 14 став 1, 32 став 2, 51 и 54 став 1 од Уставот на Република Македонија. При тоа во иницијативата се нагласува дека во смисла на посочените уставни одредби Судот донел повеќе одлуки за укинување на слични одредби од други закони, помеѓу кои се споменува и одлуката У.бр.212/2000 од 23 мај 2001 година за укинување на членот 48 став 1 од Законот за внатрешни работи. Од овие причини се предлага поведување на постапка за оценување уставност на оспорената одредба.
4. Судот на седницата утврди дека според член 52 став 2 од Законот за извршување на санкциите, работен однос во установата може да се заснова со лице кое не е осудувано за кривични дела: против државата; против вооружените сили на Република Македонија; против животот и телото; против слободите и правата на човекот и граѓанинот; против јавните финансии, платниот промет и стопанството; против имотот или кривично дело извршено од користољубие и нечесни побуди и против службената должност, против кое не се води кривична постапка; на кое не му е изречена мерка на безбедност забрана за вршење на професија, дејност или должност додека трае мерката и кое е здравствено и психофизичко способно за работа во установата.
5. Според член 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот на Република Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати со меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското убедување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука, согласно член 13 став 1 од Уставот.
Никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна, согласно член 14 став 1 од Уставот.
Секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место, согласно член 32 став 2 од Уставот.
Во член 51 од Уставот е предвидено дека во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, а секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Во член 54 став 1 од Уставот е предвидено дека слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаите утврдени со Уставот.
Согласно член 7 став 1 од Законот за работните односи, работен однос може да заснова секое лице кое ги исполнува општите услови утврдени со овој закон и посебните услови утврдени со закон, колективен договор и акт на работодавецот.
Согласно член 101 став 2 од Кривичниот законик, правните последици можат да се предвидат само со закон.
Тргнувајќи од содржината на членот 7 став 1 од Законот за работните односи, произлегува дека овој закон како општ, препушта на посебните закони да регулираат посебните услови за засновање на работен однос. Во оспорената одредба од Законот за извршување на санкциите се предвидуваат посебните услови за засновање на работен однос во казнено-поправните установи. Посебните услови кои треба да ги исполни лицето што конкурира за вработување можат да се поделат на: неосудуваност за кривични дела од точно дефинирани области; да не се води кривична постапка; да не е изречена мерка на безбедност забрана за вршење на професија, дејност или должност, додека трае мерката и здравствена и психофизичка способност за работа во установата.
При анализата на посебните услови: неосудуваноста за кривични дела од точно дефинирани области и неводењето на кривична постапка, од аспект на уставните одредби, Судот оцени дека во овие делови за оспорената одредба постои сомнение дека не е во согласност со членовите 8 став 1 алинеја 3 и 13 став 1 од Уставот.
Имено, Судот смета дека правните последици од осудата не можат да настапуваат автоматски по сила на закон, туку дека тоа може да се прави само со правосилна судска одлука, односно дека казнено-поправниот однос се исцрпува на релацијата на казнивото дело и судски изречена казна за неговиот сторител и дека натамошни последици од неговото извршување односно од осудата за тоа дело кои се состојат во ограничување на правата на граѓаните не се допуштени, освен ако тоа не е изрично утврдено со Уставот.
Од друга страна посебниот услов спрема кандидатот за вработување да не се води постапка за кривично дело, доведува до состојба ова лице да се смета за виновно пред да неговата вина биде утврдена со посебна правосилна судска одлука што не е во согласност со начелото на презумпција на невиноста од членот 13 став 1 од Уставот, што воедно укажува на сомнение за повреда на принципот за владеење на правото како темелна вредност на уставниот поредок од членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот .
Од овие причини Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. По однос на посебните услови: спрема кандидатот да не е изречена мерка на безбедност забрана на вршење на професија, дејност или должност додека трае мерката, како и по однос на здравствената и психофизичката способност за работа, Судот оцени дека неосновано во иницијативата се укажува на несогласност со уставните одредби.
Имено, член 61 став 1 точка 4 од Кривичниот законик, како една од мерките на безбедност ја предвидува и забраната на вршење на професија, дејност или должност, а во членот 66 од Законикот се определуваат условите и роковите за изрекување на ваквата мерка. Оспорената одредба во овој дел упатува на изречена мерка на безбедност како пречка за вработување во периодот додека таквата мерка трае, што е во релација со принципот на владеење на правото, бидејќи само на овој начин може да се оствари целта на изречената мерка по правосилната судска пресуда. Тоа воедно не значи повреда на принципот на презумпцијата на невиноста со оглед да врз основа на претходно утврдена вина со правосилната пресуда, а под услови определени во закон, може да дојде до изрекување на таква мерка. Секако во периодот на траење на мерката по мислење на Судот правно е оправдано на кандидатот за вработување да не можат да му бидат достапни професии, дејности или должности за кои е изречена забраната, а ваквата мерка ќе трае онолку време колку што е определено со одлуката на судот. По престанокот на временскиот период на забрана, на ова лице повторно му се достапни сите професии, дејности или должности. Сето наведено дава за право да се заклучи дека во овој дел одредбата е во согласност со членовите: 8 став1 алинеја 3 и 13 став 1 од Уставот на Република Македонија.
Инаку, извршувањето на оваа мерка на безбедност правно е уредено во членовите 254 и 255 од Законот за извршување на санкциите, од чија содржина произлегува дека за нејзиното извршување се надлежни правните лица и институциите во кои осуденото лице е вработено, органот надлежен за издавање на одобрение за вршење на професија, дејност или должност, надлежниот орган на инспекцијата на трудот во местото на живеалиштето односно престојувалиштето на осуденото лице, надлежниот суд за регистрација на претпријатијата, како и Министерството за внатрешни работи. При тоа инспекцијата на трудот оваа мерка ја извршува со превземање на дејства со кои на осуденото лице му се оневозможува да врши определена професија, дејност или должност.
Што се однесува до здравствената и психофизичка способност за работа, како посебен услов за вработување, предвиден во оспорената одредба, по мислење на Судот, исто така ваквиот услов не доведува до повреда на уставните одредби посочени од иницијаторот, а членот 7 став 1 од Закон за работни односи, остава можност со посебни закони, да се предвидуваат и посебните услови во зависност од областа каде треба да се изврши вработувањето, како и специфичноста на работните обврски што треба да се извршуваат.
Ценејќи ја во овие делови оспорената одредба од аспект на нејзина согласност со членот 8 став 1 алинеја 1 од Уставот, Судот оцени дека не ги повредува основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати со меѓународното право и утврдени со Уставот, односно правото на работа под еднакви услови загарантирано во членот 32 од Уставот, од причини што на секое лице на кое му е изречена споменатата мерка, за време на нејзиното траење, не му е достапно работно место во казнено-поправната установа или секому кому не му е изречена таква мерка, под еднакви услови може да се вработи. Истото се однесува и на здравствената и психофизичка способност за работа во установата.Тоа воедно значи дека граѓаните пред Уставот и законите се еднакви и секому под еднакви услови му е достапно секое работно место како што налагаат: членовите: 9 и 32 став 2 од Уставот, на кои одредби се посочува во иницијативата.
Бидејќи мерката на безбедност за свој правен основ ја има правосилната судска одлука, а за дело кое пред да биде сторено било утврдено со закон или друг пропис и за кое е предвидена казна, не може да се прифати и тврдењето од иницијативата за повреда на членот 14 став 1 од Уставот.
Во контекст на ваквата анализа на овој дел од оспорената одредба со споменатите уставни одредби, по оценка на Судот нема ни повреда на членовите 51 и 54 став 1 од Уставот на Република Македонија.
Од наведените причини Судот оцени дека не може да се постави прашање за уставност на оспорената одредба во делот на посебните услови: да не е изречена мерка на безбедност и здравствена и психофизичка способност за вработување, и во овие делови оспорената одредба не треба да биде предмет на судска интервенција и одлучи како во точката 2 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У.бр.161/2001
16 октомври 2002 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов