126/2002-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 9 октомври 2002 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на членовите 21, 83 и 92 од Колективниот договор на работниците во Јавното претпријатие за стопанисување со шуми “Македонски шуми” п.о. Скопје, склучен помеѓу Синдикатот на работниците од шумарството и дрвната индустрија и Јавното претпријатие за стопанисување со шуми “Македонски шуми” п.о. Скопје, на 2 јуни 1998 година

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на согласноста на одредбите од Колективниот договор означени во точката 1 од ова решение, со Општиот колективен договор за јавните служби, јавните претпријатија, државните органи, органите на локалната самоуправа и други правни лица кои вршат нестопанска дејност (“Службен весник на Република Македонија” бр.39/94) и Гранскиот колективен договор за шумарство и дрвна индустрија на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.46/94).

3. Лазо Денковски од Куманово, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста и законитоста на одредбите од Колективниот договор означени во точката 1 од ова решение, бидејќи со нив биле предвидени помали права и понеповолни услови за работниците во Јавното претпријатие за стопанисување со шуми “Македонски шуми” п.о. Скопје, наспроти загарантираните права утврдени во Законот за работни односи, Општиот колективен договор на Република Македонија и Гранскиот колективен договор за шумарство и дрвна индустрија.

Исто така, подносителот на иницијативата наведува дека со оспорените одредби од Колективниот договор бил повреден членот 51 од Уставот на Република Македонија, според кој законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Од овие причини се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорените одредби од Колективниот договор, поради нивната неусогласеност со Законот за работни односи, Општиот и Гранковиот колективен договор.

4. Судот на седницата утврди дека според член 32 став 5 од Уставот на Република Македонија, оствару вањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Со Законот за работни односи (“Службен весник на РМ” бр.80/93, 3/94, 14/95, 53/97, 59/97, 21/98, 25/2000, 34/2000, 3/2001 и 50/2001), во членот 2 е утврдено дека работниот однос се уредува со овој или друг закон и колективен договор.

Во делот на одредбите од Законот, кои се однесуваат на распоредување на работник, во членот 27 е утврдено дека “работникот работи на работното место за кое засновал работен однос, а во случаи утврдени со колективен договор работникот може да биде распореден на секое работно место кое одговара на неговиот степен на стручна подготовка, и одлука за распоредување донесува работодавецот или работникот кого тој ќе го овласти”.

Од оваа законска одредба произлегува дека таа уредува прашање на распоредување на работник со заснован работен однос, од едно на друго работно место, при тоа со запазување на соодветниот степен на неговата стручна подготовка. Меѓутоа тука не се работи за распоредување од времен карактер ниту за одреден рок во специфични настанати околности во самото претпријатие, друго физичко и правно лице или установа која вработува работници. Законот ниту во останатите одредби не го пропишал временото прераспоредување од едно на друго работно место на работник со заснован работен однос.

Со оглед на тоа што оспорената одредба од членот 21 од Колективниот договор кој е предмет на поднесената иницијатива, предвидува задржување на работното место на работникот за кое тој засновал работен односс а кое одговара на неговиот степен на стручна подготовка, и тој однос се предвидува да продолжи, а само во настанати околности (виша сила, несреќа која настанала или непосредно претстои, замена на ненадејно отсутен работник, воена опасност, ненадејни хаварии итн.) за време не подолго од 60 дена директорот на Претпријатието може времено да му наложи вршење на работи на работно место за кое се бара понизок степен на стручна подготовка, но со задржување на платата во висина што би ја остварувал на своето работно место ако е тоа поповолно за него, Судот оцени дека ваквата одредба не е во спротивност со членот 27 од Законот за работни односи, ниту со неа се пропишани помали права за работниците од правата утврдени во одредбите во Законот. Во контекст на ова треба да се има во предвид и членот 90 од Законот за работни односи, според кој на ниво на работодавец колективен договор склучуваат управниот одбор или друг соодветен орган на управување утврден со закон, односно со статутот на работодавецот, односно работодавецот и синдикатот, и во рамките на овој колективен договор на работниците може да се утврдат поголеми или помали права, од правата утврдени со гранскиот колективен договор, но не помали од правата утврдени со закон.

Во однос на оспорената одредба од членот 83 од Колективниот договор кој е предмет на иницијативата, во која се утврдени степените – групите на сложеност на работа и определени се коефициентите на сложеност на тие диференцирани групи за пресметување на најниската плата во групите исто така не може да се постави прашањето за несогласност со Законот и Уставот.

Имено, поаѓајќи од одредбата од членот 32 став 5 од Уставот, според која врз основа на закон и колективен договор се остваруваат правата на вработените и нивната положба, Законот за работни односи во одредбите од членовите 69 до 75, го уредил и прашањето на плата и надоместоци на плата. Во овие одредби од Законот, на работникот му се утврдува правото на плата која му се обезбедува од средствата на работодавецот сразмерно на извршената работа, како и придонесот на работникот во создавањето на добивката, во согласност со условите и критериумите утврдени со закон и колективен договор. Потоа, во Законот е утврдено дека платата на работникот за работа со полно работно време не може да биде пониска од најниската плата утврдена за одделни степени на сложеност, според закон и колективен договор.

Врз основа на наведеното, оспорената одредба од членот 83 од Колективниот договор на Јавното претпријатие за стопанисување со шуми “Македонски шуми” п.о. Скопје, кој е на ниво на работодавец, склучен помеѓу Синдикатот на работниците од шумарството и дрвната индустрија и Јавното претпријатие, е во рамките на уредување на овие основи утврдени со Уставот и законот и не може да се смета дека со конкретната содржина на утврдените седум групи на коефициенти по степен на сложеност на работа во Претпријатието врз основа на кои се пресметува платата на работниците, се утврдени помали права и понеповолни услови за работниците утврдени со закон и Устав.

Во однос на оспорената одредба од членот 92 од Колективниот договор, со кој е предвидено дека за директорот и работниците со посебни овластувања утврдени со Статутот и актите на Претпријатието, не се применуваат одредбите за плата од овој Договор, а нивната плата и по основ на придонесот во созадавањето на добивката се утврдува со посебен договор кој директорот го склучува со Управниот одбор, а директорот ги оценува резултатите од работењето на работниците со посебни овластувања и го определува процентот на зголемување или намалување на нивната плата, исто така не може основано да се постави прашањето за несогласност со Уставот и законот. Имено, Уставот на Република Македонија во членот 32 став 3 утврдил дека секој вработен има право на соодветна заработувачка, а согласно членот 58 став 2 од Уставот, учеството во управувањето и одлучувањето во јавните установи и служби се уредува со закон и врз принципот на стручност и компетентност.

Со одредбите од Законот за работни односи утврдени се правата, обврските и одговорностите на работникот и работодавецот од работен однос и во нормативното уредување на овие прашања ги поставил условите и критериумите за остварување на плата и надоместоци на плата, како основа за понатамошно уредување со колективен договор (на ниво на Република, гранка, односно работодавец). Со оглед на тоа што Колективниот договор (на ниво на работодавец) на работниците во Јавното претпријатие за стопанисување со шуми “Македонски шуми”, со членот 92 предвидел начин на остварувањето на плата и по основ на придонесот во создавањето на добивката, за директорот и работниците со посебни овластувања, тоа значи дека со Колективниот договор е уредено ова прашање. Тоа е во согласност со членот 90 став 2 од Законот, според кој во колективниот договор на ниво на работодавец на работниците можат да се утврдуваат поголеми или помали права, од правата утврдени со гранскиот колективен договор, но не помали од правата утврдени со закон. Оспорената одредба од членот 92 од Колективниот договор, кој е предмет на иницијативата, не предвидува помали права утврдени со Законот за работни односи.

Врз основа на погоре изнесеното Судот најде дека нема основ за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорените одредби од Колективниот договор, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Согласно членот 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија, одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Тргнувајќи од вака определената надлежност, Уставниот суд утврди дека тој не е надлежен да ја оценува согласноста на оспорените одредби од Колективниот договор за кој е поднесена иницијативата, со Општиот Колективен договор за јавните служби, јавните претпријатија, државните органи , органите на локалната самоуправа и други правни лица кои вршат нестопанска дејност и Гранскиот Колективен договор за шумарство и дрвна индустрија на Република Македонија, и врз основа на членот 28 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, ја отфрли иницијативата во делот со која се бара оценување на нивната меѓусебна согласност.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.126/2002
9 октомври 2002 год.
С к о п ј е
сд/.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов