80/2002-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 9 октомври 2002 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на
а) Член 6 став 1 и член 12 од Одлуката за извршување на Буџетот на општина Петровец за 2002 година (“Службен гласник на општина Петровец” бр.2/2002).
б) Член 2 став 2 и 3 од Одлуката за усвојување на Завршната сметка на општина Петровец (“Службен гласник на општина Петровец” бр.2/2002).
в) Одлука за дополнување на Статутот на општина Петровец, донесена од Советот на општина Петровец на 4 јули 2002 година.
г) Одлука за промена на потписникот на жиро сметката на Фондот за уредување на градежно земјиште на општина Петровец, донесена од Советот на општина Петровец на 5 октомври 2001 година.
д) Одлука за дополнување на Одлуката за одредување на потписник на жиро сметката на општина Петровец, донесен од Советот на општината на 5 октомври 2001 година.
ѓ) Одлука за промена на потписникот на жиро сметката на Фондот за локални патишта и улици на општина Петровец, донесен од Советот на општина Петровец на 5 октомври 2001 година.

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на член 4 од Буџетот на општина Петровец (“Службен гласник на општина Петровец” бр.2/2002).

3. Орце Божиновски, градоначалник на општина Петровец на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување законитоста на актите означени во точките 1 и 2 од ова решение. Според наводите од иницијативата оспорениот член 6 став 1 од Одлуката за извршување на Буџетот не била во согласност со член 50 став 1 точка 8 од Законот за локалната самоуправа, затоа што како наредбодавци за трошење на дел од средствата од Буџетот се предвидени претседавачот и секретарот на општината.

Членот 12 од Одлуката исто така не бил во согласност со наведените законски одредби затоа што во него било предвидено дека исплатата на средствата од Буџетот се врши врз основа на Одлуката на Советот од 5 октомври 2001 година. Воедно, во иницијативата се наведува дека наведената одлука и ако е донесена, не е објавена во службено гласило на општината, поради што таа не може да произведе правно дејство;

Членот 4 од Буџетот на општината не бил во согласност со член 62 став 4 од Законот за локалната самоуправа затоа што прописите на единициата на локалната самоуправа се објавуваат во службеното гласило на единициата на локалната самоуправа, а не во службеното гласило на градот Скопје;

Одлуката за усвојување на завршната сметка на општина Петровец не била во согласност со Законот за локалната самоуправа, затоа што со предвидување дека со разликата помеѓу остварените приходи и извршените расходи располага советот преку донесување на поединечени одлуки се ограничува извршната функција на градоначалникот за извршување на Буџетот од причини што пренсените средства преставуваат приход во Буџетот на општината за 2002 година;

Одлуката за дополнување на Статутот на општина Петровец не била во согласност со Законот за плати и надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и други избрани и именувани функционери со оглед на тоа што општините не можат со свој акт да предвидат право на градоначалникот и секретарот да остваруваат плата и по престанување на функцијата за вршење до 1 година;

Исто така во иницијативата се наведува дека одлуките наведени во точката 1 под г), д) и ѓ) од ова решение не биле во согласност со Законот за локалната самоуправа затоа што со предвидување дека како потписници на жиро сметките на Буџетот на општина Петровец, жиро сметката на Фондот за локални патишта и улици и Фондот за уредување на градежно земјиште се определуваат лица членови на совет се ограничува извршната функција на градоначалникот на општината.

4. Судот на седницата утврди дека во член 6 став 1 од Одлуката за извршување на Буџетот на општина Петровец е предвидено дека “Наредбодавачи за трошењето на средствата од раздел 1 на Буџетот се претседавачот и секретарот на општина Петровец”.

(Раздел И од Буџетот се однесува на одделни ставки планирани за извршување на функцијата на Советот на општина Петровец).

Во членот 12 од наведената одлука е предвидено дека “Исплатат на средствата од Буџетот на општина Петровец ќе се врши врз основа на Одлуката на Советот на општината Петровец бр.07-586/8 од 5 октомври 2001 година (заведено на 16 октомври 2001 година).

Според член 50 точка 8 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на РМ” бр.5/2002) градоначалникот го извршува буџетот на општината.

Според член 50 точка 4 и 5 од наведениот закон градоначалникот го обезбедува извршувањето на одлуките на советот и го обезбедува извршувањето на работите кои што со закон и се делегирани на општината.

Со оглед на тоа што во член 6 став 1 и член 12 од Одлуката за извршување на Буџетот на општината е предвидено дека како наредбодавачи за трошење на дел од средствата од буџетот за раздел 1 се определени претседавачот и секретарот на општината, за што е донесена и посебна одлука, Судот смета дека основано може да се постави прашањето за согласноста на наведените членови со Законот за локална самоуправа, односно се поставува прашањето дали на овој начин не се ограничува извршната функција на градоначалникот.

5. Судот понатаму утврди дека во член 1 од Одлуката за усвојување на Завршната сметка на општина Петровец за 2001 година е предвидено дека се усвојува Завршната сметка на Буџетот на општина Петровец за 2001 година со предложените и усвоени измени во текстуалниот дел на истата.

Во членот 2 е предвидено дека се брише член 2 на Предлог-завршната сметка на општина Петровец за 2001 година.

На местото на избришаниот член 2 се додава нов член 2 .
Во став 2 на овој член кој е оспорен се наведува дека “разликата помеѓу остварените приходи и извршените расходи во износ од 391.124.000 се пренесува како приход во Буџетот на општина Петровец за 2002 година.

Пренесените средства во висина од 391.124.000 ќе се трошат наменски со претходно донесена Одлука на Советот на општина Петровец за секој случај посебно.

Во член 97 од Законот за локалната самоуправа е предвидено дека до донесување на Закон со кој ќе се уредат прашањата за финансирање на општините, финансирањето на општините ќе продолжи да се врши согласно со одредбите од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на РМ” бр.52/95) и Законот за буџетот.

Во член 65 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на РМ” бр.52/95) е предвидено дека приходите и трошоците на единицата на локалната самоуправа се утврдуваат со буџет. Изработката, донесувањето, измените и извршувањето на буџет се уредува со статут на единицата на локалната самоуправа во согласност со закон.

Во членот 29 од наведениот закон советот на единицата на локалната самоуправа, покрај другото, донесува буџет на единицата на локалната самоуправа и завршна сметка на буџетот.

Од наведените одредби од Законот за локална самоуправа произлегува дека советот на единицата на локалната самоуправа донесува сопствен буџет кој преставува годишен план за финансирање на функциите на единицата на локалната самоуправа, а донесува и завршна сметка во која е даден преглед на наплатените приходи и извршените трошоци.

Според член 8 од Законот за изменување и дополнување на Законот за буџетите со кој се менува член 36 (“Службен весник на РМ” бр.79/93, 3/94, 71/96, 46/00, 11/01, 93/01 и 46/02) правата на корисниците на буџет за трошење на буџетот престанува на 31 декември. Сите неплатени обврски на корисниците на буџетот од фискалната година ќе бидат повторно одобрени и предвидени во позиции во буџетот за следната фискална година.

Одобраниот буџет за корисници на буџетот важи до крајот на фискалната година. Неискористениот буџет на крајот на годината не се пренесува во наредната фискална година.

Приходите наплатени после 31 декември на сметка на Буџетот се евидентираат како приходи на буџетот за следната фискална година.

Во членот 53 од Законот за буџетот е предвидено дека завршните сметки на буџетот на единицата на локалната самоуправа се изготвуваат согласно со постапката пропишана за изготвување и извршување на буџет на Републиката и фондовите.

Завршните сметки на единицата на локалната самоуправа се приложуваат кон завршната сметка на Буџетот на Републиката.

Завршната сметка на буџетот на единицата на локалната самоуправа ја донесува совет најдоцна до 15 март и истата се доставува до Министерството за финансии до 31 март.

Во член 54 од Законот е предвидено дека Министерството за финансии завршната сметка на Буџетот на Републиката по нејзиното утврдување од страна на Владата, ја доставува до Собранието на Република Македонија за донесување, заедно со завршните сметки на буџетите на единиците на локалната самоуправа и фондовите.

Од наведените одредби од Законот за буџетите произлегува дека правото на корисниците за трошење на средствата од буџетот престанува до крајот на календарската година со тоа што неискористените права (парични средства до 31 декември се должни да ги вратат во Буџетот на Републиката). Но тоа не значи дека правото на користење на овие средства во наредната година го задржуваат корисниците кои ги вратиле овие средства како неискористени, туку тие средства повторно ќе бидат распоредени со буџетот за наредната година согласно проценката за потребите на средства во наредната година за секој корисник поодделно.

Во конкретниов случај, со оспорената одлука разликата помеѓу остварените приходи и извршените расходи на единицата на локалната самоуправа од претходната година се пренесуваат како приходи во Буџетот на општината, односно се враќаат во буџетот на општината. Притоа, со тие средства располага односно ги распоредува советот на единицата на локалната самоуправа со донесување на посебни одлуки од случај до случај, наместо тие средства да бидат распоредени и предвидени по позииции во Буџетот. Со оглед на таквата содржина на одлуката, а имајќи ги предвид наведените законски одредби, Судот оцени дека основано може да се постави прашањето за нејзината согласност со Законот за буџетите.

6. Судот, исто така , утврди дека со Одлуката за дополнување на Статутот на општина Петровец, донесен од Советот на општина Петровец на 4 јули 2000 година се врши измена на член 43 и 62 од Статутот на општина Петровец. Имено, во Одлуката е предвидено дека:

1. Се врши дополна на член 43 од од Статутот на Општина Петровец со нова слинаја која гласи:

Секретарот има статус на раководен работник и има право да остварува личен доход по престанувањето или разрешувањето од функцијата на која е избран за време до една година, во случај на невработеност или неангажирање со работа во органот или фирмата во која порано работел.

Со вака извршената дополна член 43 ќе гласи:

Советот на општината има секретар.
Секретарот го именува Советот на општината за време од четири години.
За секретар на Советот се именува лице, дипломиран правник со работно искуство од најмалку три години во струката, на начин и постапка утврдени со Деловникот на Советот.
Секретарот на Советот ги извршува стручните, административните и организациските работи на Советот и неговите работни тела.
Секретарот на Советот не може да биде член на Советот.
Секретарот на Советот ги координира активностите на управните и административните органи на општината кога вршат работи од надлежност на Советот на општината.

Секретарот има статус на раководен работник и има право да остварува личен доход по престанувањето или разрешавањето од функцијата на која е избран, за време до една година, во случај на невработеност или неангажирање со работа во органот или фирмата во која порано работел.

2. Се врши дополна на член 62 од Статутот на Општина Петровец со нова алинеја која гласи:

Градоначалникот има статус на функционер и има право да остварува личен доход по престанувањето или разрешувањето од функцијата за време до една година, во случај на навработеност или неангажирање со работа во органот или фирмата во која порано работел.

Со вака извршената дополна член 62 ќе гласи:
Градоначалникот ја претставува и застапува Општината.
Градоначалникот се избира на општи, непосредни и слободни избори со тајно гласање во согласнот со Закон во период од 4 год.
Градоначалникот својата функција ја извршува професионално.
Градоначалникот има статус на функционер и има право да остварува личен доход по престанувањето или разрешувањето од функцијата за време до една година, во случај на невработеност или неангажирање со работа во органот или фирмата во која порано работел.

3. Одлуката влегува во сила 8 дена по објавувањето во Службен гласник на Општина Петровец.

Според член 29 став 1 точка 13 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на РМ” бр.52/95) Советот на единицата на локалната самоуправа избира претседавач и секретар на советот.

Во Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на РМ” бр.5/2002) не е предвиден секретар како избрано лице од советот на единицата на локалната самоуправа.

Во преодните и завршните одредби од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на РМ”бр.5/2002) односно во член 95 е предвидено дека секретарите на советите избрани согласно со одредбите на член 29 став 1 точка 13 и главниот архитект на градот именувани согласно одредбите од член 53 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на РМ” бр.52/95) продолжуваат да ги вршат работите и да ја примаат платата која ја примаат до завршување на мандатот за кој се избрани односно именувани.

Од наведеното произлегува дека со новиот Закон за локалната самоуправа секретарите на Советот и ако не се предвидени како избрани лица тие продолжуваат да ги вршат работите и да примаат плата до завршување на мандатот по што им престанува работниот однос.

Според тоа, Судот смета дека секретарот на единицата на локалната самоуправа не е избрано лице во смисла на Законот за плати, туку вработено лице со статус на избрано односно именувано лице, и на него согласно член 54 од претходниот Закон за локална самоуправа не може да се применуваат одредбите од Законот за плати….. кои се однесуваат на правото на надоместок по престанување на функцијата, туку ќе се применуваат општите прописи од работните односи.

Со оглед на тоа што со оспорената одлука со која се менува член 43 од Статутот на општината е предвидено секретарот да прима надоемсток и по престанок на мандатот за кој е избран, Судот смета дека основано може да се постави прашањето за нејзината согласност со Законот.

Според член 17-в од Законот за плати и другите надоместоци на пратенициете на Собранието на Република Македонија и други избрани и именувани лица во Републиката (“Службен весник на РМ” бр.36/90, 38/91 и 23/97) како платени избрани функции во локалната самоуправа е определено само функцијата на градоначалникот на општината, со тоа што коефициентот за утврдување на платите на градоначалниците на општините се определени според бројот на жители на општината.

Тоа значи дека правата што припаѓаат по основ на плата и други надоместоци од вршење на функцијата градоначалник како избрана функција се уредени со наведениот закон без можност единицата на локалната самоуправа со свој акт да ги уредува овие прашања на било кој начин.

Со оглед на тоа што со оспорената одлука се врши измена на член 62 од Статутот и се уредува прашање за право на градоначалникот да прима надоместок по престанок на функцијата, Судот смета дека основано може да се постави прашањето за нејзината согласност со Законот за плати.

7. Судот понатаму утврди дека во Одлуката за промена на потписникот на жиро сметката на Фондот за уредување на градежно земјиште на општина Петровец е предвидено дека:

“1. Се врши промена на потписникот на жиро-сметката на Фондот за уредување на градежно земјиште на Општина Петровец бр. 40110-652-565, ЕДБ 4030997344023.

2. Се брише досегашниот потписник на жиро сметката на Фондот за уредување на градежно земјиште на Општина Петровец – Орце Божиновски (градоначалник).

3. За зависни потписници на жиро сметката на Фондот за уредување на градежно земјиште се одредуваат:

– Елми Керими, ЕМБГ 0102968450082
– Јане Јовановски, ЕМБГ 2804960450026

4. Одлуката влегува во сила со денот на донесувањето и ќе се објави во Службен гласник на Општина Петровец”.

Во Одлуката за дополнување на Одлуката за одре4дување на потписник на жиро сметката на Општина Петровец е предвидено дека:

” 1. Се врши дополна на Одлуката за уредување на потписник на жиро-сметката на Општина Петровец:

– Општина Петровец-Буџет, 40110-630-128
– Орган на Општина Петровец-Петровец, 40110-637-2346

2. Покрај досегашниот потписник нажиро сметката на Општина Петровец – Орце Божиновски (градоначалник), како уште еден зависен потписник се одредува Милисав Рикаловски (претседавач на советот), ЕМБГ 3105956450117.

3. Одлуката влегува во сила со денот на донесувањето и ќе се објави во Службен гласник на Општина Петровец”.

Во Одлуката за промена на потписникот на жиро сметката на Фондот за локални патишта и улици на општина Петровец е предвидено дека:

“1. Се врши промена на потписникот на жиро-сметката на Фондот за локални патишта и улици на Општина Петровец број 40110-661-219, ЕДБ 4030983344051, коминтентна банка Комерцијална банка – Скопје.

2. Се брише досегашниот потписник на жиро сметката на Фондот за локални патишта и улици на Општина Петровец – Орце Божиновски (градоначалник).

3. За зависни потписници на жиро сметката на Фондот за локални патишта и улици се одредуваат:

– Велковски Орце, ЕМБГ 1810966450032
– Дураковиќ Рамиз, ЕМБГ 2511965450051

4. Одлуката влегува во сила со денот на донесувањето и ќе се објави во Службен гласник на Општина Петровец”.

Според член 36 став 1 точка 4 од Законот за локалната самоуправа, советот основа јавни служби во рамките на надлежноста на општината и врши надзор над нивната работа.

Согласно член 50 точка 4 и 5 од Законот за локалната самоуправа од 2002 година, градоначалникот го обезбедува извршувањето на одлуките на советот.

Според член 50 точка 8 од Законот градоначалникот на единицата на локалната самоуправа го извршува буџетот на единицата на локалната самоуправа.

Од наведените одредби произлегува дека градоначалникот на единицата на локалната самоуправа го извршува буџетот на единицата на локалната самоуправа во кој влегуваат средствата на фондот за уредување на градежно земјиште и фондот за локални патишта согласно Законот за буџетите, кои фондови согласно законот како јавни служби ги основа советот.

Со оглед на тоа што со оспорените одлуки градоначалникот на единицата на локална самоуправа како потписник на жиро сметките на фондот за уредување на градежното земјиште, на Фондот за локални патишата и улици и жиро сметката на општината е заменет со членови од совет на единицата на локалната самоуправа или, пак, покрај него се утврдени и други лица членови на советот како потписници на жиро сметките, Судот смета дека основано може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одлуки со Законот за локалната самоуправа од причини што со нив се ограничува извршната функција, власта и функцијата на градоначалникот во извршување и спроведување на одлуките на советот.

8. Судот, исто така, утврди дека во член 4 од Буџетот на општина Петровец е предвидено дека Буџетот на општината Петровец за 2002 година влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во “Службен гласник на град Скопје” а ќе се применува од 1 јануари 2002 година.

Во врска со објавувањето на Буџетот на општина Петровец Судот утврди дека тој е објавен и во “Службен гласник на општина Петровец”.

Според член 62 од Законот за локална самоуправа во вршењето на работите од својата ндлежност советот донесува статут, програми, планови, одлуки и други прописи утврдени со закон.

Во точка 4 од овој член е предвидено дека прописите се објавуваат во службеното гласило на општината најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување.

Имајќи ја предвид наведената законска одредба како и фактот што буџетот на општината е темпорален пропис и истиот е објавен не само во Службен гласник на град Скопје, туку и во службеното гласило на општината, Судот смета дека со тоа е конвалидирана законската обврска за објавување на прописите на единицата на локалната самоуправа, поради што одлучи како во точката 2 од ова решение.

9. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски и тоа едногласно за актите под точката 1 од ова решение и со мнозинство гласови за актот означен во точката 2 од ова решение.

У.бр.80/2002
9 октомври 2002 година
С к о п ј е
лк.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов