66/2002-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 2 октомври 2002 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на членовите 26, 27 и 29 од Законот за измени и дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.24/2000).

2. Миладин Митиќ, адвокат од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбите од законот означен во точката 1 од ова решение. Во иницијативата се наведува дека во Законот за пензиско и инвалидско осигурување, покрај утврдувањето услови за стекнување право на пензија се регулирани и прашањата за усогласување на старосната пензија. На овој закон се правени неколку изменувања и дополнувања и во повеќето од нив се менува регулативата за најнискиот износ на старосната пензија и начинот на усогласување на старосната пензија при што секое изменување на законот било насочено кон неповолни услови и кон понатамошно ограничување на правата на корисниците на пензија што било спротивно на членовите 34 и 35 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека според членот 26 од Законот, до престанување на важењето на Законот за исплата на платите во Република Македонија, платите од поранешните години кои се земаат за утврдување на пензиската основа се валоризираат со коефициенти пресметани врз основа на движење на просечната плата на вработените во нестопанството во Републиката. Валоризацијата на платите од поранешните години според кои се утврдува пензијата, се врши според просечната плата во последната календарска година која и претходи на годината во која осигуреникот го остварува правото на пензија. Коефициентите за валоризација на платите од поранешните години се утврдуваат секоја година единствено врз основа на статистички податоци за движењето на просечната плата на вработените во нестопанството во Републиката. Коефициентите за валоризација ги објавува Фондот.

Според член 27 од Законот, до престанување на важењето на Законот за исплата на платите во Република Македонија најнискиот износ на старосна пензија се определува од просечната плата остварена во нестопанството во Републиката во претходната година, и тоа: за корисниците кои пензијата ја оствариле со пензиски стаж над 35 години (маж), односно над 30 години (жена), во висина од 40%; за корисниците кои пензијата ја оствариле со пензиски стаж над 25 години (маж), односно над 20 години (жена), во висина од 37% и за корисниците кои пензијата ја оствариле со пензиски стаж до 25 години (маж, односно до 20 години (жена), во висина од 34%. По престанување на важењето на Законот за исплата на платите во Република Македонија, а пред 1 септември 2001 година, најнискиот износ на старосна пензија од став 1 на овој член ќе се исплаќа во висина на износот што се исплаќал до денот на престанување на важењето на Законот за исплата на платите во Република Македонија. Определениот најнизок износ на старосна пензија од ставовите 1 и 2 на овој член повторно не се определува и понатаму се усогласува со процесот со кој се усогласуваат и другите пензии.

Според член 29 од Законот, до престанување на важењето на Законот за исплата на платите во Република Македонија усогласувањето на старосната пензија се врши од 1 јануари и од 1 јули тековната година според движењето на просечната плата на вработените во нестопанството во Републиката и тоа: од 1 јануари според движењето на просечната плата на вработените во нестопанството во Републиката, остварена во декември претходната година во однос на просечната плата во нестопанството, остварена во јуни истата година и од 1 јули според движењето на просечната плата на вработените во нестопанството во Републиката, остварена за јуни тековната година во однос на просечната плата во нестопанството, остварена во декември претходната година. Усогласувањето од став 1 на овој член се врши почнувајќи од исплатата на пензиите за јануари, односно јули тековната година. Усогласувањето на старосната пензија се врши и во роковите пократки од времето предвидено во став 1 на овој член доколку растот, односно падот на платите биде поголем од 5% за еден или повеќе месеци во однос на месецот за кој е извршено последното усогласување. Усогласената пензија од став 3 на овој член припаѓа од првиот ден по месецот за кој е утврден порастот на платите. Заради примена на став 1 на овој член пензијата остварена во тековната година претходно се усогласува според порастот на платите во јануари таа година во однос на целата претходна година.

4. Според член 8 став 1 алинеја 7 од Уставот, хуманизмот, социјалната правда и солидарноста се темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 34 од Уставот, граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор.

Членот 35 став 1 од Уставот утврдува дека Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност.

Од наведените уставни одредби, јасно произлегува дека Уставот го прокламира и утврдува општиот принцип на правото на граѓаните на социјална сигурност и социјално осигурување кое е препуштено да се уреди со закон и колективен договор. Исто така, Уставот ја прокламира грижата на Републиката за социјална заштита и социјална сигурност на граѓаните, која се остварува врз основа на начелото на социјална праведност. Според тоа, видовите на правата што се стекнуваат од социјалното осигурување, нивната висина, начин на стекнување и користење се уредуваат со закон.

Оттука, врз основа на уставното овластување, законодавецот со закон ги утврдил мерилата и критериумите за определување на пензиската основа како и за усогласување на старосните пензии и тие се однесуваат на сите осигуреници подеднакво доколку се наоѓаат во иста положба.

Тоа што различни категории на осигуреници не остваруваат еднакви права односно немаат еднаква пензиска основа, туку обемот на тие права и висината на пензиската основа и на основата за усогласување на пензиите зависи од повеќе елементи, не може да претставува основ за повреда на принципот на еднаквост.

Дали при тоа одделни пензионери кои стекнале право на пензија во различни периоди, кога важеле различни основи за валоризација на пензиската основа, биле доведени во понеповолна односно различна положба од други пензионери кои се пензионирале во некој претходен период кога важеле други критериуми за валоризација на пензиските примања е фактичко прашање, со оглед на тоа што станува збор за различни законски решенија кои додека важеле еднакво се однесувале на сите осигуреници.

Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените законски одредби со означените уставни одредби, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.66/2002
2 октомври 2002 год.
С к о п ј е
сд/.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов