Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 18 септември 2002 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на Одлуката за распределба на дел од вишоците на приходите над дозволеното ниво на потрошувачка во 2001 година (“Службен весник на Република Македонија”бр.42/2002).
2. Стојан Јанков, градоначалник на Општина Неготино, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение. Иницијаторот смета дека со оваа одлука и со другите одлуки на Владата на некои општини им се доделени средства над дозволеното ниво на потрошувачка утврдена во Законот за ограничување на изворните приходи за финансирање на јавните потреби за 2001 година. Иницијаторот наведува дека средствата се распределени без никакви критериуми и тоа на општините чии раководства се политички блиски на партиите на власт. Со тоа се нарушувале уставната положба и правата на општините спротивно на член 87 од Законот за локалната самоуправа.
3. Судот на седницата утврди дека со точката 1 од Одлуката е определено дека дел од остваренеите вишоци на приходите над дозволеното ниво на потрошувачка во 2001 година во износ од 70.000.000 денари се распределуваат на 81 еденица на локалната самоуправа (наведени се општините и добиените средства).
Со точката 2 се задолжуваат општините добиените средства да ги користат наменски за остварување на редовните функциии на општината.
Според точката 3, за споредување на оваа одлука ќе се грижи Министерството за финансии, а средствата ќе се преведат на сметките на буџетите на единиците на локална самоуправа.
4. Според член 1 од Законот за ограничување на изворните приходи (без трансферните средства) за финансирање на јавните потреби за 2001 година се ограничуваат на вкупен износ од 83.025.162.000 денари. Износот на приходите е распределен на одредени субјекти во точно определен износ (Република, единици на локална самоуправа, Фонд за заштита и унапредување на животната средина и природата и Фонд за води).
Според членот 5 од овој закон, приходите остварени над утврдениот износ во членовите 1 и 2 на овој закон ќе се насочуваат на посебна сметка на Република Македонија, а според ставот 2 од овој член, за користење на средствата од став 1 на овој член одлучува Владата на Република Македонија.
Врз основа на законско овластување Владата ја донела осорената одлука според која дел од остварените вишоци на приходите над дозволеното ниво на потрошувачка на единиците на локалната самоуправа за 2001 година во износ од 70.000.000,00 денари се распределуваат поединечно на 81 единица на локалната самоуправа.
Тргнувајќи од фактот дека право е на државата во рамките на уставните овластувањаа да ја уредува фискалната политика и во тие рамки да го утврдува обемот на средствата од изворните приходи за финансирање на јавните потреби, законското ограничување на изворните приходи за финансирање на јавните потреби, законското ограничување на изворните приходи за финансирање на јавните потреби претставува мерка на државата што таа ја превзема согласно економската состојба во земјата ,а со цел да создаде непречено функционирање на институциите и остварување на правата на граѓаните во соодветната област.
Оттука, разгледувајќи ја оспорената одлука на Владата во однос на Законот за ограничување на изворните приходи за финансирање на јавните потреби за 2001 година во кој е содржан и основот за нејзиното донесување, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспрената одлука со овој закон.
Исто така Судот оцени дека членот 87 од Законот за локалната самоуправа воопшто не е релевантен фактор за оценување на законитоста на оспорената одлука на Владата, бидејќи тој се однесува на заштитата на уставната положба на општината, додека пак , оспорената одлука на Владата се однесува за распределба на дел од вишоците на приходите над дозволеното ниво на потрошувачка во 2001 година, донесена врз основа на Законот за ограничување на изворните приходи за финансирање на јавните потреби за 2001 година.
5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во токата 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У.бр.108/2002
18 септември 2002 год.
Скопје
д.б.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов