Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 12 септември 2002 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката за определување на условите за увоз на одделни нафтени деривати, донесена од Владата на Република Македонија на 28 август 2001 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.67/2001).
2. Трговското друштво Миткомерц-94 Драган ДООЕЛ увоз-извоз од Куманово, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста и законитоста на актокт означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата, со оспорената одлука, во име на зачувување на природната и животната средина, се ограничувала слободата на пазарот и претприемништвото, што можело да се стори само со закон, како што предвидувал Уставот на Република Македонија.
3. Судот на седницата утврди дека со членот 1 од Одлуката, заради заштита на животната средина и природата, се предвидува правните лица да можат да вршат увоз на одделни нафтени деривати, доколку е обезбеден посебно уреден простор за чување на увезените нафтени деривати-складови, распоредени по царинската тарифа…
Членот 2 од Одлуката предвидува во складовите во кои се чуваат нафтените деривати, од член 1 на оваа одлука, со исклучок на керозинот, минималната вкупна зафатнина на еден резервоар за складирање на поедин нафтен дериват, да не може да биде помала од 5000 м3, освен за ТНТ од 1600 м3.
Според ставот 2 на овој член од Одлуката, складовите од ставот 1 на овој член мора да ги исполнуваат техничко-технолошките услови за складирање на нафтени деривати определени со посебни прописи.
Складовите од став 1 на овој член, покрај пропишаните услови, мора да имаат електронска вага со точност од 0,2% (ИИИ) за прием на нафтените деривати.
Членот 3 од Одлуката предвидува правното лице што врши увоз на нафтени деривати на царинскиот орган да му приложи решение дека ги исполнува условите утврдени во член 2 на оваа одлука, издадено од Министерството за економија како и сертификат-уверение за квалитетот од земјата од која се увезуваат нафтените деривати.
Според членот 4 од Одлуката правните лица, количините на нафтени деривати кои се во царинска постапка на увоз, до влегување во сила на Одлуката може да ги увезуваат и продаваат на домашниот пазар во рок од 60 дена од влегувањето во сила на оваа одлука.
Членот 5 од Одлуката предвидува со денот на влегување во сила на оваа одлука да престане да важи Одлуката за определување на условите за вршење на трговија на големо со одделни нафтени деривати “Службен весник на Република Македонија” бр.58/2001). Содржината на оваа одлука, во суштина, се совпаѓа со содржината на оспорената одлука.
Согласно членот 6 од Одлуката, истата влегува во сила со денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
4. Во членот 55 став 1 од Уставот е загарантирана слободата на пазарот и претприемништвото.
Според ставот 2 на овој член од Уставот, Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.
Слободата на пазарот и претприемништвото, согласно ставот 3 на овој член од Уставот, можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природната и животната средина или здравјето на луѓето.
Имајќи ја предвид оваа уставна одредба, во конкретниов случај, ни се поставува прашањето:
– дали оспорената одлука со која се определуваат условите за увоз на одделни нафтени деривати, може да се подведе под квалификативот “ограничување на слободата на пазарот и претприемништвото (што единствено може да се врши со закон) и
– дали Владата на Република Македонија е овластена да ги определува овие услови.
Според Судот, одговорот по првото прашање, е негативен.
Имено, како што видовме од содржината на оспорената одлука, со цел да се заштити животната средина и природата се определуваат условите под кои може да се врши увоз на одделни нафтени деривати.
За таа цел со Одлуката се определува димензијата на минималната зафатнина на еден резервоар за складирање на поедин нафтен дериват, се условува складовите да бидат во согласност со техничко-технолошките услови за складирање нафтени деривати, да поседуваат електронска вага со определена точност и сл.
Сите овие услови предвидени во Одлуката се всушност услови што правните лица треба да ги исполнуваат за да можат да вршат увоз на одделни нафтени деривати за заштита на природната и животната средина и, според Судот, претставуваат, еден вид, превентива да не дојде до загадување на природата и животната средина и други несакани последици, што би произлегле од неправилно скалдираните нафтени деривати.
На прашањето дали Владата е овластена да ги определува овие услови нашиот одговор е потврден поради следното:
Согласно член 7 став 5 од Законот за надворешно-трговското работење (“Службен весник на Република Македонија” бр.31/93, 41/93, 78/93, 59/96, 15/97, 13/98, 13/99, 82/99 и 4/2001) заради унапредување и заштита на животната средина и природата, Владата на Република Македонија може да го забрани увозот и превозот на определени стоки преку територијата на Република Македонија или да пропише услови под кои таквите стоки можат да се увезуваат, односно извезуваат.
Од оваа законска одредба, произлегува заклучок дека, во случајов, Владата на Република Македонија, како легитимен орган ја донела оспорената одлука, поради што не може да се постави прашањето за нејзината законитост од овој аспект.
Што се однесува до одредбата од членот 6 од Одлуката според која таа влегува во сила со денот на објавувањето, Судот смета дека истата е согласна со членот 52 од Уставот на Република Македонија од причина што одлуката, како пропис, пред да влезе во сила подлежи на обврската на објавување во “Службен весник на Република Македонија” (член 52 став 1 и став 2 од Уставот), но не е условена со вацатио легис.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски и д-р Јосиф Талевски.
У.бр.21/2002
12 септември 2002 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов