16/2002-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 12 септември 2002 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 20 став 2 од Законот за одбрана (“Службен весник на Република Македонија” бр.42/2001).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбата од законот означен во точката 1 од ова решение. Во иницијативата се наведува дека оспорената одредба не била во согласност со одредбата на член 79 став 2 од Уставот на РМ, според која претседателот на Републиката е врховен командант на вооружените сили на Македонија. Така што со оваа одредба или со било која друга одредба од Уставот не била дадена можност Министерството за одбрана, како орган на државната управа, во воена состојба, да врши штабни и други работи за потребите на претседателот на Републиката. Оспорената одредба била неодржлива и од аспект што Министерството за одбрана, кое нема одговорност кон претседателот на Републиката, туку за својата работа одговара на Владата на РМ (член 96 од Уставот). Така да Министерството за одбрана нема улога на воен орган и министерот за одбрана нема уставна улога на воен старешина која има право и должност во остварувањето на командувањето со Армијата. Според член 25 став 1 од Законот за одбрнаа, оперативните и стручните работи за организирање, подготвување и командување со Армијата ги врши Генералштабот на Армијата, како највисоко стручно тело во составо на Министерството за одбрана за прашањата кои се однесуваат на Армијата. Според тоа, претседателот на Републиката има свој стручен орган Генералштаб на Армијата, кој и во воена состојба, ќе ги врши штабните и другите стручни работи за потребите на претседателот на Републиката. Поради тоа иницијаторот смета дека со оспорената одредба од Законот за одбрана се повредуваат членовите 8 став 1 алинеи 3 и 4, 51, 79 став 2, 96 и 97 од Уставот на Република Македонија.
3. Судот на седницата утврди дека според член 20 став 2 од Законот за одбрана, во воена состојба Министерството за одбрана, врши штабни и други работи за потребите на претседателот на Републиката.

4. Според член 79 став 2 од Уставот, претседателот на Република Македонија е врховен командант на вооружените сили на Македонија, а според став 3 од истиот член, претседателот на Републиката своите права и должности ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите.

Согласно член 122 став 2 од Уставот, одбраната на Републиката се уредува со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Со членот 1 став 1 од Законот за одбрана е уредено дека одбраната на Република Македонија се организира како систем за одбрана на независноста и територијалниот интегритет на Републиката, а ставот 2 од овој член уредува дека одбраната на Републиката ја остваруваат граѓаните, органите на државната власт и вооружените сили како Армија на Република Македонија.

Во член 18 од Законот за одбрана, поблиску се определуваат надлежностите на претседателот на Републиката и врховен командант на Армијата, во остварувањето на одбраната. Во член 20 од Законот исто така таксативно се определени надлежностите на Министерството за одбрана во остварувањето на одбраната, вклучувајќи ги и птабните и други работи за потребите на претседателот на Републиката, во воена состојба, а во член 25 и 26 од Законот, се утврдени оперативните и стручните работи за организирање, подготвување и командување со Армијата кои ги врши Генералштабот на Армијата, како највисоко стручно тело во состав на Министерството за одбрана за прашањата кои се однесуваат на Армијата.

Од напред наведеното произлегува дека согласно уставната определба утврдена во член 122 став 2 на Уставот на Република Македонија, со Законот за одбрана е утврдено организирањето на одбраната на Република Македонија како ситем кој го сочинуваат граѓаните на Република Македонија, органите на државната власт и Армијата со точно утврдени надлежности.

Од наведеното може да се констатира дека сите чинители кои се вклучени во системот за одбраната на Републиката имаат точно определени надлежности, вклучувајќи ја и надлежноста на Министерството за одбрана утврдена во член 20 став 2, на Законот за одбрана, како би можел системот за одбрана, да функционира во секоја ситуација као во услови на мир, така и во воена состојба, не мешајќи ги надлежностите на било кој од определените субјекти кои се вклучени со остварувањето на одбраната како единствен систем.

Министерството за одбрана, како орган на државната управа има свои надлежности кои се утврдени со посебен закон, меѓутоа Министерството за одбрана како дел од системот за одбрана на Републиката, во остварувањето на одбраната има посебни надлежности кои се утврдени со Законот за одбрана како и за сите други учесници во системот на одбраната. Меѓутоа тоа не значи дека законодавецот имал намера со тоа да презема дел од надлежностите на Генералштабот на Армијата, кој согласно член 25 од Законот е највисоко стручно тело за оперативните и стручните работи за организирање, подготвување и командување на Армијата во состав на Министерството за одбрана. Налротив во воена состојба, согласно член 20 став 2, Министерството за одбрана како дел од истемот за одбрана на Републиката, кое што има пошироки утврдени надлежности вршејќи штабни и други работи, му овозможува на претседателот на Републиката и врховен командант на вооружените сили на Македонија да ја остварува својата функција согласно Уставот и законите.

Со утврдувањето на поединечните надлежности во остварувањето на одбраната на Републиката согласно Законот за одбрана во која се вклучени покрај граѓаните на Република Македонија и законодавната и извршната власт, во Републиката, во согласност со нивната уставна функција, не се дозволува да дојде до мешање на закондоавната и извршната власт, ниту пак до нарушување на принципот на владеење на правото, поради што Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на членот 20 став 2 од Законот со наведените одредби од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Пороевски и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.16/2002
12 септември 2002 година
Скопје
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов