Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 став 1 алинеја 3 и 71 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 12 септември 2002 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Упатството за постапката за превезување (транзит) на стоки упатени за граничната царинска испостава Блаце бр.02-3131/1 од 15.07.1999 год. и измените на истото од 15.08.1999, 6.08.1999 и 25.08.1999 година, донесено од Царинската управа на Република Македонија.
2. Андријана Петровска од Битола на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на актите означени во точката 1 од ова решение, со предлог Судот до конечната одлука да донесе решение за запирање на поединечните акти донесени врз основа на оспорените акти.
3. Судот на седницата утврди дека по повод предметот У.бр.139/2001 во кој предмет на оспорување беа истите акти на Царинската управа, беше известен од Царинската управа дека со Одлука бр.02-3131/6 од 6.02.2002 година оспорените акти се ставени вон сила и не се применуваат од царинските органи.
4. Според член 28 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Со оглед на тоа што оспорените акти на Царинската управа се ставени вон сила и не се применуваат од царинските органи, Судот оцени дека има процесни пречки за одлучување поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У.бр.84/2002
12 септември 2002 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов