Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 12 септември 2002 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на член 71 став 1 и член 84 став 2 од Законот за правата на воените инвалиди на членовите на нивните семејства и на членовите на семејствата на паднатите борци (“Службен весник на Република Македонија” бр.13/96).
2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста на членовите 71 став 1 и 84 став 2 од законот означен во точката 1 од ова решение. Според наводите од иницијативата членот 71 став 1 од Законот не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 1, 3 и 8, член 36, член 40 став 1 и член 54 став 1 од Уставот на Република Македонија, затоа што со него се укинува односно одзема веќе стекнатото право на семејна инвалиднина и други права утврдени со закон, односно се оневозможува – спречува стапување во брак.
Член 84 став 2 од Законот не е во согласност со членовите 84 став 1 алинеја 3, член 15, член 51, член 91 алинеја 6 и член 96 од Уставот, затоа што по жалбите против решенијата донесен од Републичката управа за прашања на борците и воените инвалиди не може да решава Министерството за труд и социјална политика туку тоа може да го прави само Владата за да се запази двостепеност во постапката.
3. Судот на седницата утврди дека оспорениот член 71 став 1 од Законот е предвидено дека “правата на семејна инвалиднина и други права според овој закон му престануваат на брачниот другар со стапување во брак, освен ако тие права ги стекнал по основ на неспособност за работа и тоа вдовица пред наполнети 45 години живот односно вдовец пред наполнети 60 години живот.
4. Во член 8 од Уставот на Република Македонија, покрај другите темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се утврдени и основните слободи и права на човекот и граѓанинот признаени со меѓународното право и утврдени со Уставот, владеење на правото, хуманизмот и социјалната правда и солидарноста.
Во член 36 од Уставот е предвидено дека Републиката им гарантира посебни социјални права на борците од Антифашистичката војна и сите националноослободителни војни во Македонија, на воените инвалиди, на прогонуваните и затворани за идеите на самобитноста на македонскиот народ и неговата држава, како и на членовите на нивните семејства кои немаат можност за материјална и социјална егзистенција. Посебните права се уредуваат со закон.
Во член 40 од Уставот е предвидено дека Републиката му обезбедува посебна грижа и заштита на семејството.
Во став 1 на член 54 од Уставот е предвидено дека слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.
Во членот 18 од Законот за правата на воените инвалиди и на членовите на нивните семејства и на членовите на паднатите борци се утврдени правата на воените инвалиди и на членовите на нивните семејства.
Понатаму во Законот овие права се разработени во смисла на тоа кога вдовицата односно вдовецот, децата и други лица можат да ги користат овие права.
При тоа од целината на законот произлегува дека вдовицата односно вдовецот правото на семејна инвалиднина и други права ги остварува по основ на брачност со воениот инвалид односно заедничко живеење и чување на воениот инвалид до неговата смрт.
Со губење на статусот на брачност односно заедничкото живеење со воениот инвалид и стапување во брак со друго лице сосема логично е лицето кое е корисник на семејна инвалиднина или други права да не може понатаму да ги користи истите, освен ако е неспособен за работа пред наполнување на одредени години на живот имајќи го предвид социјалниот аспект.
Имајќи ги предвид наведените уставни одредби, а посебно уставната одредба според која посебните права на воените инвалиди се уредуваат со закон, целината на законот и оспорената законска одредба според која правата на семејна инвалиднина и другите права му престануваат на брачниот другар со стапување во брак сметаме дека не се повредуваат наведените уставни одредби, дека во конкретниов случај не може да стане збор за стекнати права кои не можат да бидат одземени, ниту пак, за ограничување на правото на корисникот да може да склучи брак, поради што не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба со Уставот.
5. Согласно член 15 од Уставот на Република Македонија, се гарантира правото на жалба против поединечните правни акти донесени во постапка во прв степен пред суд, управен орган или организација или други институции што вршат јавни овластувања.
Од изнесената одредба произлегува дека Уставот го гарантира правото на жалба против наведените акти, со што го обезбедува начелото на двостепеност во одлучувањето.
Во член 24 точка 3 од Законот за организација и работа на органите на државната управа (“Службен весник на Република Македонија” бр.58/2000) предвидено е дека во состав на Министерството за труд и социјална политика е и Управата за прашања на борците и воените инвалиди.
Според член 9 став 2 од Законот за решавање на судир на надлежности, за изземањето на службените лица и за органите надлежни за решавање по жалби во управната постапка (“Службен весник на СРМ” бр.22/78) е предвидено дека по жалба против првостепено решение на републички орган на Управата кој е во состав на друг орган, решава органот во чии состав е органот што го донел решението, освен ако со посебен пропис е определено по жалба да решава друг орган.
Имајќи го предвид изнесеното, како и одредбата од член 15 од Уставот, сметаме дека со предвидувањето дека по жалбите против решенијаа на Управата за прашања на борците и воените инвалиди која решава во прв степен а која е во состав на Министерството за труд и социјална политика, да одлучува Министерството за труд и социјална политика е во духот на уставната интенција за гаранција на начелото на двостепеност во одлучувањето, односно во втор степен да одлучува друг орган на управата кој не учествува во донесувањето на првостепеното решение, поради што оцени дека оспорената одредба не е во несогласност со Уставот.
7. Со оглед на наведеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски и д-р Јосиф Талевски.
У.бр.73/2002
12 септември 2002 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов