Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 70 и 73 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 17 јули 2002 година, донесе
1. СЕ ПОНИШТУВА Одлуката за определување на висината на надоместокот за добивање на телефонски приклучок, донесена од Извршниот директор на АД “Македонски телекомуникации” на 13 јули 2001 година.
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесена иницијатива на Унијата на потрошувачи од Скопје поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката за определување на висината на надоместокот за добивање на телефонски приклучок, донесена од Управниот одбор на АД “Македонски телекомуникации” од 23 септември 1998 година. По поведување на постапката оспорената одлука престанала да важи со донесување на одлука означена во точката 1 од оваа одлука.
Со оглед на тоа што оспорената одлука престанала да важи, Судот оцени дека не постојат процесни претпоставки за понатамошно водење на постапката и со решение У.бр.144/2000 од 24 октомври 2001 година ја запре постапката. Меѓутоа, поаѓајќи од фактот што со новата одлука само се намалува износот на надоместокот што во суштина значи повторно се определува надоместок за добивање на телефонски приклучок, Судот по сопствена иницијуатива одлучи да поведе постапка за оценување на нејзината уставност и законитост.
4. Судот на седницата утврди дека во член 1 од одлуката е предвидено дека надоместокот за добивање на телефонски приклучок (фиксен) се намалува од постојните 200 ДЕМ на 160 ДЕМ во денарска противвредност по средниот курс на Народната банка на Република Македонија на денот на уплатата.
Надоместокот од претходниот став е без вклучен ДДВ од 19% и истиот се плаќа во целост на денот на склучувањето на договорот.
Барателот на телефонски приклучок (фиксен) посебено ги плаќа и стварните трошоци за инсталирање на приклучокот.
Во член 2 од одлуката е предвидено дека на барателот на телефонски приклучок кој платил надомест за инсталирање на телефонски приклучок, а до денот на влегување во сила на оваа одлука не добил телефонски приклучок, ќе му бидат вратени средствата над износот утврден со оваа одлука.
Во член 3 од одлуката е предвидено дека со влегувањето во сила на оваа одлука престанува да важи Одлуката за наплатување на висината на надоместот за добивање на телефонски приклучок бр.22-906/1 од 31 октомври 2000 година донесен од Управниот одбор на АД “Македонски телекомуникации”- Скопје.
5. Судот исто така утврди дека со точка 2 од тарифата на телефонските услуги составен дел на Одлуката за одобрување на промена на тарифите на ТФ услуги донесена од Менаџмент Колегиумот на АД “Македонски телекомуникации” на 26 април 2002 година престанала да важи оспорената одлука.
6. Според член 8 од Уставот на Република Македонија покрај другите, како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се слободата на пазарот и претприемништвото и правна заштита на сопственоста.
Во член 33 од Уставот е предвидено дека секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирување на јавните расходи на начин утврден со закон, а според член 68 јавните давачки ги утврдува Собранието на Република Македонија со закон.
Во член 55, пак, од Уставот е предвидено дека се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото, а Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот.
Според член 1 од Законот за телекомуникации (“Службен весник на РМ” бр.33/96, 17/98 и 22/98) со овој закон, покрај другото се уредуваат и условите и начинот под кои се остварува дејноста во областа на телекомуникациите, односите меѓу давателите и корисниците на телефонски услуги и друго.
Со вршењето на дејноста во областа на телекомуникациите треба да се овозможи на граѓаните недискри-минаторен пристап до современи, ефикасни и висококвалитетни телекомуникациски услуги, средства и опрема по разумни цени базирани на трошоците.
Според член 3 од наведениот закон, јавните телекомуникациски услуги и користењето на радиофреквентниот спектар се работи од јавен интерес за Република Македонија.
Во член 5, пак, од законот е предвидено обврска на постојниот јавен телекомуникациски оператор да ја развива фиксната јавна телекомуникациска мрежа.
Според член 19 став 2 од Законот за телекомуникации операторите на телекомуникациската мрежа и давателите на јавна телекомуникациска услуга ги определуваат цените за услугите кои не подлежат на конкуренција врз принципите тие да се темелат врз трошоците и со слично поставени корисници мора да се недискриминаторски и да се формирани а нивните нивоа да се определат така што да се привлече инвестирање во областа на телекомуникациите.
Имајќи ги предвид наведените уставни одредби според кои сопственоста и слободата на пазарот и претприемништвото се едни од темелните вредности на уставниот поредок, фактот што јавните давачки ги утврдува Собранието на Републиката со закон, Законот за телекомуникации како и содржината на оспорената одлука со која се утврдува надоместок за добивање на телефонски приклучок, Судот оцени дека со тоа се воведува јавна давачка што граѓаните треба да ја платат на претпријатието кое врши дејност од јавен интерес а со која давачка се финансира неговата работа и дека тоа во суштина претставува здружување на средства за проширување на материјалната основа на ова претпријатие.
Имено Судот оцени дека здружувањето на средства за проширување на материјална основа во областа на ПТТ услугите, енергетиката и водостпанството беше својствен во поранешниот правен поредок во услови на договорна економија и доминантна општествена сопственост.
Меѓутоа, во услови на слобода на пазарот и претприемништвото како една од темелните вредности на новиот уставен поредок и во услови на сопственички плурализам, Судот смета дека за ваквиот начин на здружување на средства не постои уставен и законски основ.
Впрочем, Уставниот суд на Република Македонија со свои одлуки (У.бр.115/96 од 1 април 1998 година, У.бр.57/96 од 12 февруари 1997 година, У.бр.57/98 од 9 септември 1998 година и У.бр.147/97 од 10 декември 1997 година и др.) отстранил од правниот поредок повеќе општи акти со кои било пропишано јавни претпријатија од областа на енергетиката, топлинската енергија и водостопанството да наплатуваат ваков вид надоместок при давање согласност за приклучување на нови корисници, што во суштина претставувало здружување на средства за проширување на материјалната основа на ваквите претпријатија.
Со оглед на тоа што според Уставот на Република Македонија не е предвидена можност за здружување на средства за проширување на материјалната основа на претпријатијата кои вршат дејност од јавен интерес, ниту, пак, таква можност произлегува од Законот за телекомуникации, Судот оцени дека оспорената одлука не е во согласност со Уставот.
8. Од друга страна, пак, со оглед на тоа што во конкретниов случај предвидениот надоместок со одлуката не претставува цена на услуга која се темели на трошоците на работењето на претпријатието, туку е услов за добивање на телефонски приклучок, Судот оцени дека тоа не е во согласност и со Законот за телекомуникации.
9. Имајќи ги предвид односите кои биле уредени со оспорената одлука, Судот оцени дека и ако Одлуката престанала да важи исполнети се условите од член 73 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за донесување на поништувачка одлука поради што одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
10. Врз основа на изнесеното, се одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
11. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У.бр.217/2001
17 јули 2002 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов