Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71, а во врска со членовите 56 и 68 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 17 јули 2002 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА барањето на Шех Селим Јусуф-Селим од Кичево за заштита на слободата на политичко здружување и дејствување.
2. Шех Селим Јусуф-Селим од Кичево на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за заштита на слободата на политичко здружување и дејствување која, нему и на другите основачи на политичката партија “Исламска светлост на Република Македонија”, им била повредена со Решение УП.ИИ бр.28/ИИ-2547/1-94 од 18.05.1994 година на Комисијата за решавање во втор степен од областа на одбраната, внатрешните работи, правосудсство и управа при Владата на Република Македонија.
Подносителот на ова барање наведува дека решението со кое му е повредена слободата на политичко здружување и дејствување се заснова на погрешно толкување на одредбите од Статутот и Програмата на оваа политичка партија, поради што смета дека и мислењето, односно заклучокот на доносителот на ова решение дека спорните одредби од овие акти не се во согласност со Уставот и закон се неосновани.
3. Судот на седницата, врз основа на доказите и податоците што ги прибави во претходната постапка ја утврди следната фактичка состојба на работите по овој предмет:
Имено, Министерството за внатрешни работи-Одделение за внатрешни работи Кичево, по поднесеното барање на политичката партија “Исламска светлост на Република Македонија”, со седиште во Кичево, под бр.14-499 од 25.09.1993 година донело Решение за запишување во регистерот на општествените организации и здруженија на граѓани на оваа политичка партија, која според истото ова решение, а согласно тогаш важечкиот Закон за општествените организации и здруженија на граѓани, со денот на запишувањето во овој регистер се стекнува со својство на правно лице и може да започне со работа.
Од образложението на ова решение произлегува дека првостепениот орган истото го донел откако утврдил дека се исполнети законските услови за тоа.
Постапувајќи по правото на надзор, а врз основа на член 236 од Законот за општата управна постапка, Комисијата за решавање управни работи во втор степен при Владата на Република Македонија утврдила дека првостепениот орган погрешно постапил кога донел Решение за запишување на оваа политичка партија во регистарот за општествените организации и здруженијата на граѓаните, поради што донела решение УП.ИИ.бр.28/ИИ-2547/1-94 од 18.05.1994 година, според чиј диспозитив:
Се укинува Решението на Министерството за внатрешни работи-Одделение за внатрешни работи-Кичево, бр.14-499 од 25.09.1993 година.
Се брише од регистарот на општествените организации и здруженија на граѓаните Политичката партија “Исламска светлост на Република Македонија”, со седиште во Кичево, запишана под реден бр.143.
Со денот на донесувањето на ова решение, Политичката партија “Исламска светлост на Република Македонија”, престанува да постои.
Од образложението на ова решение произлегува дека со увидот во Статутот и Програмата на оваа партија, Комисијата утврдила дека истите содржат одредби кои се во спротивност со Уставот на Република Македонија. Имено, во член 1 од Статутот, оваа партија својата соработка ја ограничувала само со организации и институции на Турци и Албанци во Република Македонија и во балканските земји, како и со институции и поединци од исламските држави, што всушност значи развивање активности и соработка кои во преден план ја имаат верската основа иако се работи всушност за политичка партија чија основна цел е учество во политичкиот и општествениот живот на Република Македонија.
Исто така, и член 7 од Статутот, според Комисијата бил во спротивност со член 7 став 1 од Уставот на Република Македонија, според кој “службен јазик во Република Македонија е македонскиот јазик и неговото кирилично писмо”. Со одредбата од член 7 од Статутот, оваа политичка партија на преден план ја става употребата на турскиот и албанскиот јазик, за сметка на службениот македонски јазик.
Од друга страна, пак, во Програмата на оваа политичка партија, поточно во член 5 било запишано дека во Република Македонија освен македонскиот народ, постојат и други народи Албанци, Турци и други, што значи дека спротивно на уставно определените категории, националностите ги издига на рамниште на народ, а не националности, како што тоа е предвидено во Уставот на Република Македонија.
Поради сето погоре наведено, Комисијата утврдила дека не постојат законски услови за регистрација на оваа политичка партија, поради што одлучила како во диспозитивот на ова решение.
Според правната поука, против ова решение не е допуштена жалба, согласно член 11 став 4 од Законот за општата управна постапка, а може да се поднесе тужба до Врховниот суд на Македонија, во рок од 30 дена од приемот на Решението.”
Судот утврди дека оспореното решение подносителот на ова барање го примил на 27.05.1994 година, што значи дека со тој датум истото ова решение станало конечно.
Судот, на седницата, исто така, утврди дека против решението донесено од страна на второстепениот орган по правото на надзор, странката, во конкретниот случај подносителот на барањето, како еден од основачите на наведената политичка партија, во предвидениот рок (30 дена од денот на приемот на решението) не поднел тужба за поведување управен спор до Врховниот суд на Република Македонија, односно не го искористил ова правно средство.
4. Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт му е повредено право на слобода утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.
Од наведената деловничка одредба произлегува дека основ за постапување на Судот во постапката за заштита на слободите и правата од членот 110 алинеја 3 од Уставот, освен постоење на конечен или правосилен поединечен акт со кој се наведува дека се повредуваат некои од наведените слободи и права, е барањето за заштита до Судот да е поднесено во рок од 2 месеци, но не подоцна од 5 години од доставувањето (приемот) на таквиот поединечен акт.
Имајќи го во предвид наведеното, како и фактот дека подносителот барањето за заштита на слободата за политичко здружување и дејствување, која според него му е повредена со оспореното Решение на Комисијата за решавање на управни работи во втор степен при Владата на Република Македонија, го поднел неблаговремено, односно по истекот на рокот од 2 месеци, односно 5 години сметано не само од конечноста, но и од правосилноста на ова решение, Судот утврди дека во конкретниот случај постојат процесни пречки овој Суд да се впушти во суштинско одлучување по барањето, односно да утврдува дали постои или не повреда на оваа слобода.
5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У.бр.72/2002
17 јули 2002 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов