У.бр.253/2001-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 10 јули 2002 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ЗАПИРА постапката за оценување законитоста на Одлуката за донесување урбанистичка документација за с. Враништа (атар) – општина Струга, бр.07-1014/21, донесена од Советот на општина Струга на 27 ноември 2001 година, во делот што се однесува на новопредвидените објекти од левата и десната страна на регионалниот пат Струга – Дебар и во северниот дел на с. Враништа (лево – мотел со придружни објекти и млин со пекара, а десно – бетонска база со бензинска пумпа).

2. СЕ СТАВА ВОН СИЛА точката 2 од Решението У.бр.253/2001 од 20 февруари 2002 година со кое е запрено донесувањето односно извршувањето на поединечните акти или дејствија донесени односно преземени врз основа на делот од Одлуката означен во точката 1 од ова решение.

3. Уставниот суд, на иницијативата на Месната заедница од с. Враништа – Струга и 209 граѓани од тоа село, која иницијатива е поднесена преку адвокат Слободан Димитров од Битола, со Решение У.бр.253/2001 од 20 февруари 2002 година поведе постапка за оценување законитоста на делот од Одлуката означен во точката 1 од ова решение затоа што се постави прашањето за согласноста на тој дел од Одлуката со член 17 став 7 од Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија”бр.4/96, 8/96, 28/97, 18/99 и 53/2001). Истовремено, Судот изрече времена мерка бидејќи оцени дека се исполнети условите за тоа определени во член 27 став 1 од Деловникот на Судот.

4. По донесувањето на Решението за поведување на постапката и во одговор на наводите содржани во Решението, доносителот на оспорената одлука (Советот на општина Струга) наведе дека Одлуката е донесена во согласност со член 17 став 7 од Законот со оглед дека градоначалникот на Општината донел одлука да се организира јавна анкета по нацрт-урбанистичката документација за населеното место – с. Враништа во Општинат.

5. Со оглед на тоа што во постапката на донесувањето на оспорениот дел од Одлуката била донесена одлука од градоначалникот на Општината да се организира јавна анкета по нацрт – урбанистичката документација, Судот утврди дека не може да се постави прашањето за законитоста на оспорениот дел од Одлуката од наведениот аспект.

Притоа, имајќи предвид дека претходно е поведена постапка врз основа на поинаква фактичка состојба, Судот, согласно член 47 од Деловникот, одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Со оглед дека мериторно се произнесе за законитоста на оспорениот дел од Одлуката од наведениот аспект, Судот, во однос на времената мерка, одлучи како во точката 2 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У. бр. 253/2001
10 јули 2002 год.
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов