У.бр.243/2001

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 70/92), на седницата одржана на 3 јули 2002 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на: член 122 став 5, член 129 став 3 и став 4, член 131 став 2 во делот “или кои инаку се несправедливи или претерано строги према неа”, поднасловот: “Одговорност врз основа на справедливост”, член 156, член 171 став 2, член 189 став 1 во делот “справедлив”, член 190 став 1 и став 3 во деловите “справедлив”, член 191 во делот “справедлив”, член 839 став 2 и член 862 став 2 од Законот за облигационите односи.

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување на Законот означен во точката 1 од ове решение.

Според наводите во иницијативата, оспорените одредби од Законот за облигационите односи не биле согласни со одредбите од членот 98 став 2 од Уставот на Република Македонија, според кои судовите судат врз основа на Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот, а не според начелото на справедливост, како што предвидувале оспорените одредби од Законот за облигационите односи.

3. Судот на седницата утврди дека: согласно членот 122 став 5 од Законот, ако изрече раскинување на договорот судот, на барање од другата страна ќе ја обврзе страната што го барала да с надомести на другата страна справедлив дел од штетата што ја трпи поради тоа; според членот 129 став 3 ако оштетениот бара да се намали неговата обврска на справедлив износ, судот ќе го дозволи таквото барање ако е тоа можно, а во тој случај договорот со соодветната измена останува во сила; според став 4 на овој член од Законот оштетениот може да поднесе барање за намалување на обврската за справедлив износ во рок од пет години до склучувањето на договорот; членот 131 став 2 предвидува судот да може да ја одбие примената на одделни одредби на општите услови што ја лишуваат другата страна од правото да стави приговор, или оние врз основа на кои таа ги губи правата од договорот или ги губи роковите или кои инаку се несправедливи или претерано строги према неа; оспорениот поднаслов гласи: “Одговорност врз основа на справедливост”; согласно член 156 во случај на штета што ја причинило лице кое за неа не е одговорно, а надоместокот не може да се добие од лицето што било должно да води надзор над него судот може, кога тоа го бара справедливоста, а особено со оглед на материјалната состојба на штетникот и оштетениот, да го осуди штетникот да ја надомести штетата наполно или делумно, а ако штетата ја причинил малолетник способен за расудување кој не е во состојба да ја надомести судот може, кога тоа го бара справедливоста, а особено со оглед на материјалната состојба на родителите и на оштетениот, да ги обврзе родителите да ја надоместат штетата, наполно или делумно, иако не се виновни за неа; согласно членот 171 став 2 ако бара справедливоста, судот може таквото лице да го ослободи од обврската да ја надомести штетата; согласно членот 189 за претрпени физички болки, за претрпени душевни болки поради намалување на животната активност, нагрденост, повреда на угледот, честа, слободата или правата на личноста, смрт на блиско лице, како и за страв судот, ако најде дека околностите на случајот, а особено јачината на болките, стравот и нивното траење го оправдува тоа, ќе досуди справедлив паричен надомест, независно од надоместот на материјалната штета, како и во нејзино отсуство; согласно членот 190 став 1 во случај на смрт на некое лице, судот може да им досуди на членовите на неговото потесно семејство (брачен другар, деца и родители) справедлив надомест за нивните душевни болки; ставот 3 на овој член предвидува во случај на особено тежок инвалидитет на некое лице, судот да може да им досуди на неговиот брачен другар, децата и на родителите справедлив паричен надомест за нивните душевни болки; согласно членот 191 право на справедлив паричен надомест поради претрпените душевни болки, има лицето кое со измама, со принуда или со злоупотреба на некој однос на потчинетост или зависност, е наведено на казнива обљуба или на казниво блудно дејствие, како и лицето спрема кое е извршено некое друго кривично дело против достоинството на личноста и моралот; според членот 839 став 2 ако во дадениот случај надоместот е несразмерно голем спрема извршената работа и постигнатиот резултат, судот може на барање од комитентот да го намали на справедлив износ и согласно членот 862 став 2 ако во дадениот случај надоместот е несразмерно голем спрема направената услуга, судот може на барање на налогодавецот да го намали на справедлив износ.

4. При оценувањето уставноста на овој закон, Судот појде од становиштето дека не може да се постави знак на равенство меѓу применувањето на принципот за правда и правичност, воопшто при работата на судовите, и определувањето на справедлив износ на средства на оштетениот при објективното непостоење можност за извршување на договорот.

а) Имено, оспорената одредба од членот 122 став 5 од Законот предвидува доколку судот изрече раскинување на договорот, на барање на страната (што раскинувањето не го барала) да ја задолжи страната на чие барање договорот е раскинат, да с надомести справедлив дел од штетата што ја претрпела со раскинувањето на договорот.

Според Судот оваа одредба е согласна со Уставот поради следното:

Одредбата спаѓа во главата: “Раскинување или измена на договор поради променети околности”.

Кога станува збор за променети околности, законодавецот е јасен во смисла што ги определува тие околности: тоа се околности што го отежнуваат исполнувањето на обврската на едната страна, поради што не може да се оствари целта на договорот или договорот, каков таков, повеќе не им одговара на договорните страни.

Значи, само во ситуација на променети околности кои н го отежнуваат извршувањето на договорената обврска и кога не може да се оствари целта на договорот, таа страна може да побара раскинување на договорот.

Во таков случај, законодавецот е јасен во смисла што со императивна норма не дозволува раскинување на договорот ако при неговото склучување променетите околности можеле да се предвидат, избегнат или совладаат.

Понатаму, услов за добивање на справедлив надомест е, променетите околности што го отежнуваат извршувањето на договорот, да не настапиле по истекот на рокот за неговото извршување.

Во случаите, пак, кога Судот при изрекувањето на раскинувањето на договорот, ќе ја обврзе странката што барала раскинување да н надомести на другата страна справедлив дел од штетата што ја трпи поради тоа, Судот оцени дека законодавецот поаѓа од цулпа левис ин цонцрето и зборува за надоместување на справедлив дел од штетата која настанала поради променети околности кои не можел да ги предвиди просечен човек, а поради кои не може да се оствари целта на договорот.

Од тие причини, Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за уставноста на Законот од овој аспект.

б) Оспорениот член 129 став 1 од Законот предвидува право на оштетениот да бара да се намали неговата обврска на справедлив износ и можност судот да го дозволи таквото барање ако е тоа можно.

И оваа одредба, според Судот, е согласна со Уставот, поради следното: овој член спаѓа во главата “Лихварски договори”.

Познато е дека лихварски договор е таков вид договор со кој некој (лихварот) користејќи ја состојбата на нужда или тешка материјална сосотјба на друг, неговото недоволно искуство, лекомисленост или зависност ќе договори за себе или за некој друг корист која е во очигледен несразмер со она што тој на другиот му го дал или сторил или се обврзал да му даде или да му стори (став 1).

Во такви случаи, законодавецот предвидува можност на оштетениот да му се намали обврската за надомест на справедлив износ, но под услов да е тоа можно и барањето да се поднесе во рок од пет години од склучувањето на договорот.

Според Судот, оваа одредба е согласна со Уставот. Имено, законодавецот предвидувајќи ги лихварските договори, како такви, едновремено и ги ограничил во одредени рамки во смисла што за оштетената страна предвидел смалување на неговата обврска на ниво на справедлив износ, доколку тоа условите го дозволуваат и доколку барањето е поднесено во благовремен законски рок.

Тоа што рокот за поднесување на барањето изнесува пет години, според мислењето на Судот, оди само во прилог на оштетениот во смисла што законодавецот му дава подолг временски интервал за поднесување на барање за намалување на неговата обврска на ниво на справедлив износ.

“) Членот 131 став 2 од Законот предвидува судот да може да ја одбие примената на одделни одредби на општите услови што ја лишуваат другата страна од правото да стави приговори, или оние врз основа на кои таа ги губи правата од договорот, или ги губи роковите или условите кои, инаку, се несправедливи или претерано строги кон неа.

Оваа одредба спаѓа во главата “Општи услови на договорот”, при што овие услови се обврзни за договорната страна ако и биле познати или морале да и бидат познати во моментот на склучувањето на договорот.

Во таа констелација на односи, законодавецот, како еден вид заштитен механизам, ја предвидел оспорената одредба определувајќи ги случаите кога судот може да ја одбие примената на одделни одредби од општите услови, што ја лишуваат другата страна од правото на приговор или врз основа на кои таа ги губи правата од договорот, од роковите и сл
.
Според Судот, оваа законска одредба е согласна со една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија, односно владеењето на правото.

г) Членот 156 од Законот е сместен во главата “Одговорност за друг” и подглавата “Одговорност врз основа на справедливост”.

Во главата “Одговорност за друг” како подглави се содржани: “Одговорност за душевно болни и заостанати во умствениот развој”, “Солидарна одговорност”, “Одговорност на друго лице за малолетник”, и “Посебна одговорност на родителите”.

Според оценката на Судот, ова е типичен случај кога законодавецот го употребува квалификативот “справедливост”.

При оценувањето на овој член од Законот, Судот имаше предвид дека во правото е можно да дојде до судир меѓу принципот на справедливоста и правната норма и дека позитивното право застапува становиште според кое не треба да се дозволи неприменување на правната норма во однос на справедливоста, затоа што со тоа би се оствариле можности за злоупотреба.

Од тие причини, позитивното право го застапува становиштето дека во правниот систем може да се применува принципот на справедливост само доколку е тоа изречно предвидено со позитивното право.

Како што се гледа од насловеноста на главата (одговорност врз основа на справедливост) и од содржината на самата норма, овој принцип, во случајов, е изречно застапен, поради што Судот оцени дека не може да се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот на Република Македонија.

д) Според Судот, погореизнесеното правно образложение се однесува и на членот 171 став 1 од Законот кој спаѓа во главата “Одговорност поради недавање на неопходна помош” и гласи: “тој што без оспасност за себеси нема да му даде помош на лице чиј живот и здравје се очигледно загрозени, одговара за штетата што настанала од тоа, ако тој, според околностите на случајот, морал да ја предвиди таа штета.

ѓ) Одредбите од оспорените членови 190 став 1 и став 3 и 191 од Законот, спаѓаат во главата “Надомест на нематеријална штета”.

Тие регулираат прашања во врска со справедлив надомест на нематеријална штета за претрпени физички и душевни болки, за смрт или тежок инвалидитет на лицето или на членовите на неговото потесно семејство или како сатисфакција поради претрпени душевни болки на лицето кое со измама, принуди и сл. е наведено да изврши казниво дело.

Според Судот, не може да се постави прашањето за уставноста на овие одредби, затоа што и ова е случај кога законодавецот е изречен при утврдувањето да се додели правичен надомест.

е) Исто така, случаи на постоење на изречна одредба во законот за примена на принципот на справедлив надомест се среќаваат и во членовите 839 став 2 и 862 став 2 од Законот кои предвидуваат доколку, во дадениот случај надоместот е несразмерно голем спрема извршената рабора и постигнатиот резултат, односно надоместот е несразмерно голем спрема направената услуга, судот да може на барање на комитентот, односно на барање на налогодавецот, да го намали надоместот на спроведлив износ, поради што според Судот не може да се постави прашањето за нивната согласност со Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.243/2001
3 јули 2002 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов