Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 3 јули 2002 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ УКИНУВА Правилникот за критериумите за утврдување на листата на кандидатите за поставување на офицери на формациски места од повисок чин, донесен од министерот за одбрана на 16.03.1995 година.
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија по иницијатива на Стамен Филипов од Скопје, поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од оваа одлука бидејќи основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот и со Законот за одбрана.
4. Судот на седницата утврди дека Правилникот содржи 10 делови од кои првите четири ги содржат условите за утврдување на листата на кандидати заради поставување офицери на формациски места за кои се одредени чиновите полковник, потполковник, мајор и капетан И класа. За сите овие формациски места е утврдено дека ќе се поставуваат кандидати со непосредно понизок чин, со одредено време поминато на формациски места за тој чин, како и други услови во поглед на здравствената состојба, согласноста на кандидатот и претходно добиена позитивна оценка. Во деловите V, VI, VII и VIII е уредено кој ги одобрува листите на кандидати и од кога важи одобрувањето. Делот IX се однесува на престанокот на важењето на претходниот правилник, а во делот X е уредено дека овој правилник влегува во сила со денот на потпишувањето.
5. Според член 52 став 1 од Уставот, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила.
Имајќи предвид дека оспорениот Правилник содржи низа услови (општи и посебни) што треба да ги исполнат кандидатите за поставување на офицери на формациски места од повисок чин, Судот оцени дека истиот претставува пропис кој треба да биде објавен во Службен весник на Република Македонија.
Тргнувајќи од фактот што оспорениот Правилник не е објавен во Службен весник на Република Македонија, туку стапува во сила со денот на потпишувањето Судот оцени дека основано може да се постави прашањето за неговата согласност со член 52 од Уставот според кој законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила.
Според член 32 став 5 од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор.
Согласно членот 96 од Уставот (на чија повреда се повикува подносителот на иницијативата) органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат семостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.
Според член 18 став 1 точка 11 од Законот за одбрана (“Службен весник на Република Македонија” бр.42/2001) во остварувањето на одбраната, претседателот на Република Македонија и врховен командант на Армијата, поставува старешини на формациски места генерали и унапредува и разрешува генерали.
Согласно членот 20 став 1 точка 20 од овој закон, Министерството за одбрана поставува, унапредува и разрешува воени старешини на должности за кои е предвиден чин од мајор до полковник.
Според членот 26 став 1 точка 18 од овој закон, Генералштабот на Армиијата поставува, унапредува и разрешува професионални војници и воени старешини заклучно со чин капетан.
Членот 46 од овој закон, упатува дека Службата на Армијата се уредува со закон.
Согласно членот 173 од овој закон, со денот на влегувањето во сила на овој Закон, престанува да важи Законот за одбрана (“Службен весник на Република Македонија” бр.8/92 и 30/95). Прописите донесени врз основа на Законот од став 1 на овој член ќе се применуваат до донесувањето на прописите од член 172 на овој закон, доколку не се во спротивност со одредбите на овој закон.
Од изнесените одредби произлегува дека Законот утврдува кој го врши поставувањето, унапредувањето и разрешувањето на воените старешини, меѓутоа самиот закон не содржи никакви услови за поставување, унапредување и разрешување на воени старешини во одреден чин. Законот за одбрана само утврдил дека Службата во Армијата се уредува со закон.
Тоа значи дека со овој закон кој е во фаза на подготвување би требало да се уредат меѓу другото и условите и критериумите за поставување на формациски места во одреден чин. Сега, во отсуство на конкретни законски одредби, поставувањето на старешините на формациски места се одвива исклучиво според условите и критериумите определени со оспорениот Правилник.
Оттука произлегува дека министерот за одбрана нема законско овластување да донесе Правилник за критериумите за утврдување на листа на кандидати за поставување на офицери на формациски места од повисок чин.
Имајќи го предвид овој факт како и преодната одредба од Законот според која прописите донесени врз основа на законот што престанал да важи, ќе се применуваат до донесување на новите прописи (во рок од една година) доколку не се во спротивност со одредбите на овој закон, Судот смета дека оспорениот Правилник не е во согласност со одредбите од Законот за одбрана, поради што оцени дека основано може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот Правилник со Законот за одбрана.
6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У.бр.75/2001
3 јули 2002 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов