У.бр.187/2000

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 19 јуни 2002 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на Одлуката со која се одобрува истекување вода од Охридското езеро заради подобрување на енергетската состојба во Република Албанија.

2. Андреја Филкоски од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста на актот означен во точката 1 од ова решение, од причини што оспорената одлука не била во согласност со членовите 1 став 2, членот 2 став 1 и членот 8 алинеја 10 и членот 123 од Уставот на Република Македонија.

Според подносителот на иницијативата, со Одлуката се вршело делење, отуѓување и пренесување на суверенитетот на државата кој, согласно членот 2 од Уставот произлегувал и им припаѓал на граѓаните. Оттука, само граѓаните по пат на референдум можеле да одлучуваат за прашања од суверенитетот и територијалниот интегритет на државата. Во одлуката се вршела повреда на една од темелните вредности на уставниот поредок, а тоа е заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата.

Со оглед на тоа што државата не располагала со средства за контрола на истекувањето на водата, ниту истото го контролирала, оспорената одлука претставувала чин на класична капитулација на дел од водната територија на Република Македонија.

3. Во иницијативата беше упатено дека се работи за одлука донесена од Владата на Република Македонија. Во претходната постапка, Судот утврди дека Владата на Република Македонија нема донесено акт, како правен основ за преземање на дејството – испуштање вода од Охридското езеро. Судот исто така утврди дека правен акт, во смисла на нормативно – правно регулирање на дејството, не бил донесен ниту од надлежното министерство, некое јавно претпријатие или установа. Судот оцени дека дејство од таков карактер мора да се заснова на правен акт кој ќе биде во согласност со Уставот, законите и меѓународните акти кои ја регулираат оваа материја.

4. Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.

Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата. Со оглед на тоа што врз основа на расположивата документација која му беше доставена, Судот констатира отсуство на правен акт кој се однесува на правно нормирање на испуштањето вода од Охидското езеро заради подобрување на енергетската состојба на Република Албанија, Судот оцени дека не постојат процесни претпоставки за одлучување по иницијативата. Непостоењето акт во правниот поредок, кој е предмет на оспорување со иницијативата претставува процесно – правна пречка за одлучување на Судот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.187/2000
19 јуни 2002 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов