40/2002-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 12 јуни 2002 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на членовите 2 и 18 од Упатството за начинот на постапување на овластените службени лица во Министерството за внатрешни работи со привремено одземени и пронајдени предмети (“Службен весник на Република Македонија” бр.56/95).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на член 2 и член 18 од актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите од иницијативата член 2 од Упатството не бил во согласност со членовите 8 став 1 алинеја 3 и 4, 51, 68 став 1 алинеја 2 и 96 од Уставот како и со членовите 74 точка 3 од Законот за внатрешни работи и член 55 став 1 и 56 став 3 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, затоа што министерот за внатрешни работи нема овластување да ги определува односно дефинира поимите привремено одземени и пронајдени предмети, туку само со подзаконски пропис да го утврди начинот на постапување со привремено одземените и пронајдени предмети; Членот 18 од Упатството не е во согласност со наведените уставни одредби како и со член 98 од Уставот затоа што со Упатството донесено од министерот се определува судската и управната постапка, која може да се пропишува само со закон а не и со подзаконски акт.

3. Судот на седницата утврди дека врз основа на член 74 точка 6 од Законот за внатрешни работи, министерот за внатрешни работи донел Упатство за начинот на постапување на овластените службени лица во МВР со привремено одземени и пронајдени предмети.

Во оспорениот член 2 е предвидено дека привремено одземени предмети се оние кои овластеното службено лице ќе ги одземе доколку за нив постои основано сомнение дека се употребени или биле наменети за извршување на кривично дело или прекршок, или се предмет на кривично дело, прекршок или стопански престап, по налог на судот или за нив се води управна постапка.

Пронајдени се оние предмети на кои во моментот на нивното наоѓање не може да им се утврди сопственикот односно владетелот.

4. Во член 68 од Кривичниот законик е предвидено дека предметите што се употребени или биле наменети за извршување на кривично дело може да се одземат ако се сопственост на сторителот.

Предметите за кои постои опасност повторно да бидат употребени за извршување на кривично дело или ако тоа го бараат интересите на општата безбедност или причините на моралот, ќе се одземат без оглед дали се сопственост на сторителот или на трето лице.

Понатаму во Кривичниот законик за поголем број на кривични дела покрај предвидената казна затвор или парична казна предвидена е и мерка за безбедност одземање на предмети (член 157 став 5, 193 став 4, 211 став 3, 212 став 3, 213 став 3. . . . 270 став 3, 271 став 3, 272 став 4, 276 став 2 и други).

Во член 203 од Законот за кривична постапка односно во насловот “привремено одземање на предмети” е предвидено дека предметите што според Кривичниот закон треба да се одземат или што можат да послужат како доказ во кривичната постапка привремено ќе се одземат и ќе му се предадат на чување на судот или на друг начин ќе се обезбеди нивно чување.

Во точка 4 на овој член е предвидено дека овластените слу`бени лица на Министерството за внатрешни работи можат да ги одземат предметите наведени во став 1 на овој член кога постапуваат според членовите 142 и 147 од овој закон или кога извршуваат налог на суд.

При одземањето на предметите ќе се назначи каде се пронајдени и ќе се опишат, а по потреба и на друг начин ќе се обезбеди утврдување на нивната идентичност за одземените предмети ќе се издаде потврда.

Во Законот за прекршоците во Глава ЏВ е предвиден институтот привремено одземање на предмети односно во член 58 е предвидено дека предмети што можат да бидат одземени според член 24 став 1 точка 4 од овој закон можат привремено да се одземат и пред донесување на пресуда за прекршокот.

Привременото одземање на предмети го определува со писмена наредба судот што ја води прекршочната постапка.

Препис од таа наредба мора да се предаде на лицето од кое се одземени предметите.

Во член 59 од наведениот закон е предвидено дека со закон може да се овласти службено лице во орган на управата привремено да ги одземе предметите од член 24 став 1 точка 4 кога во вршењето на службената должност ќе дознае за прекршокот и должен е привремено одземените предмети веднаш да ги предаде на надлежен суд односно да го известат за извршеното привремено одземање на предметите и да се погрижат за нивното чување до поведување на прекршочната постапка.

Во случајот од став 1 органите на управата се должни да поднесат барање за поведување на прекршочна постапка веднаш а најдоцна во рок од осум дена од денот на одземањето на предметите, во спротивно должни се предметите да ги вратат на лицето од кое се одземени.

Во членот 136 став 1 од Законот за сопственост и други стварни права (“Службен весник на Република Македонија” бр.18/2001) е уредено прашањето за тоа што се смета за изгубена ствар и наоѓач.

Имено во оваа одредба е предвидено дека не претставува сопственост стварта која сопственикот ја изгубил или му е украдена, па наоѓачот е должен без одлагање да му ја предаде на оној што ја загубил односно на сопственикот . . . . .

Според став 2 на член 136 од наведениот закон, наоѓачот кој најдената ствар не ја врати на оној што ја загубил, односно на нејзиниот сопственик, должен е без одлагање лично да ја предаде на надле`ната слу`ба на чие подрачје е најдена стварта или преку лицето во чии простории (превозно или слично средство) ја нашол, а кое во името на наоѓачот ќе ја предаде на надлежната служба.

Во став 4 на овој член е предвидено дека организацијата на надлежната служба од став 2 на овој член ја уредува министерот за внатрешни работи со подзаконски акт во рок од шест месеци од влегувањето во сила на овој закон.

Во член 137 е предвидено дека надлежната служба е должна најдената ствар да ја прими, да преземе мерки на чување и за пронаоѓање на лицето кое ја изгубило стварта.

Ако најдената ствар е подложна на расипување или е непогодна за чување или одржување, надлежната служба ќе ја продаде на јавна прода`ба и добиените пари ќе ги депонира во суд или кај нотар.

Понатаму во членовите 138, 139, 140 и 141 од наведениот закон се уредени прашањата кои се однесуваат на рокот во кој лицето кое ја изгубило стварта има одредено право и обврски, правото на награда на наоѓачот на изгубените ствари и друго.

Од наведените законски одредби јасно произлегува дека институтите на привремено одземање на предмети како и пронајдени предмети односно наоѓање на изгубена ствар се разработени во наведените и други закони што упатува на заклучок дека министерот со упатството не ги утврдил наведените институти туку тие во модифицирана форма се преземени во упатството, поради што Судот смета дека оспорениот член не е во несогласност со наведените законски одредби ниту со одредбите од Уставот на кои се повикува иницијаторот.

5. Судот понатаму утврди дека во членовите 8-15 од Упатството е утврдено како се постапува со привремено одземени предмети како што се: одземено злато, златни предмети, денари и девизи; одземени возила, опојни дроги, оружје, муниција и експлозивни средства; одземен добиток; одземени дрва како и постапката со лесно расиплива стока и стока со ограничен рок на употреба.

Во оспорениот член 18 од Упатството е предвидено дека ако за пронајдените предмети се води судска или управна постапка ќе се применува постапка пропишана со членовите 8 до 15 од ова Упатство.

6. Согласно член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, Собранието на Република Македонија донесува закони и дава автентични толкувања на законите, а согласно член 91, Владата на Република Македонија, меѓу другото, е овластена да донесува уредби и други прописи за извршување на законите.

Во врска со органите на државната управа, Уставот содржи одредба (член 95) според која организацијата и работата на овие органи се уредуваат со закон. Во Законот за организација и работа на органите на државната управа (“Службен весник на Република Македонија” бр.58/2000), покрај другите работи кои се утврдени во надлежност на органите на државната управа, е утврдено дека министерот донесува правилници, наредби, упатства, планови, програми и други видови акти за извршување на законите и другите прописи, кога за тоа е овластен со закон (член 55 став 1) и дека со овие акти не може за граѓаните и другите правни лица да се утврдуваат права и обврски, ниту да се пропишува надлежност на други органи (член 61 став 1).

Во член 56 точка 3 од наведениот закон, пак, е утврдено дека со упатство се пропишува начинот на постапување во извршувањето на одделни одредби на законите и другите прописи.

Во Законот за внатрешни работи (“Слу`бен весник на Република Македонија” бр.19/95) односно член 74 став 3 точка 6 (оваа одредба била предмет на оценка пред Уставниот суд на Република Македонија и Судот не повел постапка со решение У.бр.92/2001 од 18 јули 2001 година) е утврдено овластување на министерот да го утврди начинот на постапување со привремено одземени и пронајдени предмети.

Имајќи ги предвид наведените уставни и законски одредби, како и содржината на оспорениот член 18 од Упатството, Судот смета дека во конкретниов случај не се утврдуваат права и обврски на граѓаните и другите правни лица ниту надлежноста на други органи кои спаѓаат во надлежност на законодавната и судската власт.

Имено Судот смета дека со оспорената одредба, а која се однесува на начинот на постапување на овластените лица со пронајдените предмети за кои се води судска или управна постапка не се уредува судската и управната постапка, туку поимот постапка во конкретниов случај треба да се разбере во смисла на тоа кои дејствија ќе ги преземе надлежниот орган и како ќе го обезбеди најдениот предмет во зависност од видот, вредноста, квалитетот и рокот на употреба на пронајдениот предмет, поради што оспорената одредба не е во несогласност со уставно утврдениот принцип на поделба на власта на законодавна, извршна и судска и со наведените законски одредби.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.40/2002
12 јуни 2002 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов