Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 12 јуни 2002 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА барањето на Сашо Талевски, од Скопје за заштита на слободите и правата утврдени во членот 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.
2. Сашо Талевски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за заштита на слободите и правата утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот, а кои права му биле повредени со управното решение број 14/4-372/2 од 03.08.2001год. донесено од Министерството за одбрана и второстепеното управно решение број 28/1-23/2 од 13.02.2002 год. донесено од Комисијата на Владата на Република Македонија. Имено, подносителот на барањето смета дека во управната постапка со наведените решенија донесени од надлежните органи неосновано било одбиено неговото барање да му се издаде валиден документ односно диплома за завршена школа за резервни официри во Билеќа на поранешната Југословенска Народана Армија, која тој ја завршил во периодот од 1985 до 1986 година, и со тоа бил доведен во нерамноправна положба во однос на останатите граѓани во Република Македонија за стекнување соодветна диплома од школување. Поради тоа подносителот бара Уставниот суд во заштита на неговите слободи и права утврдени во членот 110 алинеја 3 од Уставот, да ги поништи наведените управни решенија.
3. Разгледувајќи го барањето, Судот утврди дека тоа не се однесува на основните слободи и права утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот, според кој Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот кои се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност, туку барањето се однесува за прашање за кое се одлучува во редовна управна постапка со право на заштита во управен спор пред Врховниот суд на Република Македонија, и кое излегува надвор од содржината на членот 110 алинеја 3 од Уставот.
4.Со оглед на тоа што барањето не се однесува на заштитата на наведените слободи и права, Судот оцени дека не е надлежен да одлучува по него и одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У.бр.78/2002
12 јуни 2002 год.
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов