Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 5 јуни 2002 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценувње уставноста на член 1 став 5 во делот “Стратегијата за одбрана на Републиката, други документи и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот на Република Македонија” од Законот за одбрана (“Службен весник на РМ” бр.42/2001).
2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста на законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата оспорениот дел од оваа одредба бил несогласен со членовите 28 и 122 од Уставот на Република Македонија, затоа што на Стратегијата за одбрана на Републиката не и било местото во оспорената одредба, од причина што со неа не се уредувале правата и должностите на граѓаните во одбраната и што не можела да се третира како пропис во смисла на Уставот на Република Македонија.
Исто така, според подносителот на иницијативата одбраната на Републиката не можела да се остварува со “други документи” особено кога не се знаело кои се тие документи и кој орган ги донел.
3. Судот на седницата утврди дека согласно член 1 став 5 од Законот, одбраната на Републиката се остварува во согласност со Уставот на Република Македонија, законите, Стратегијата за одбрана на Републиката, други документи и меѓународни договори ратификувани во согласност со Уставот на Република Македонија.
4. Согласно член 28 од Уставот, одбраната на Република Македонија е право и должност на секој граѓанин чие остварување се уредува со закон.
Од оваа одредба произлегува дека уставотворецот упатува остварувањето на одбраната, како право и должност на граѓаните, да се уреди со закон.
Во случајов, со донесувањето на Законот за одбрана, со кој се уредуваат условите и начинот на остварувањето на ова право е постапено согласно оваа бланкетна норма на Уставот.
Понатаму, согласно членот 122 од Уставот, (кој спаѓа во главата: Одбрана на Републиката, воена и вонредна состојба) вооружените сили на Република Македонија го штитат територијалниот интегритет и независноста на Републиката.
Ставот 2 на овој член од Уставот предвидува одбраната на Републиката да се уредува со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Како што се гледа од содржината и на оваа уставна одредба, истата упатува одбраната на Републиката да се уреди со закон, што е испочитувано со донесувањето на Законот за одбрана.
Имајќи го предвид изнесеното, Судот смета дека не би можело да се постави прашањето за уставноста на оспорената одредба од овој аспект.
Во врска, пак, со прашањето дали на Стратегијата на одбраната на Републиката и е место во оспорената одредба од Законот, Судот го имаше предвид ставот 1 на истиот член од Законот според кој одбраната на Република Македонија се организира како систем за одбрана на независноста и територијалниот интегритет на Републиката, а функционирањето на одбраната како систем всушност е дефинирано во Стратегијата во која се утврдуваат целите и средствата за одбрана на Републиката.
Од тие причини, Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за уставноста на оспорената одредба од овој аспект.
Што се однесува до прашањето дали во Законот може да опстои формулацијата и “други документи”, Судот оцени дека тоа се всушност плановите со кои се определува темпото според кое ќе се одвива одбраната на Републиката.
Притоа, Судот ја имаше предвид одредбата од член 79 став 2 од Уставот, според која претседателот на Републиката е врховен командант на вооружените сили на Македонија кој, согласно ставот 3 на овој член од Уставот, своите права и должности ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите.
Согласно оваа уставна одредба, законодавецот во оспорениов закон предвидел претседателот на Републиката, како врховен командант на Армијата, во остварувањето на одбраната, меѓу другото, да донесува Стратегија за одбрана на Републиката и документи за употреба на Армијата, што значи дека Законот го определува правниот субјект што ги носи овие документи за употреба на Армијата и што наредува нејзина употреба, поради што според Судот не би можело да се постави прашањето за уставноста на оспорената законска одредба и од овој аспект.
5. Во врска со прашањето дали одбраната на Републиката може, меѓу другото, да се остварува во согласност со меѓународните договори ратификувани со Уставот, Судот оцени дека наводите во иницијативата по ова прашање, не држат поради следното:
Согласно член 118 од Уставот, меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон.
Од оваа уставна формулација, произлегува дека ратификуваните меѓународни договори претставуваат дел од внатрешниот правен поредок на Републиката, поради што Судот оцени дека одбраната на Републиката, може да се остварува и во согласност на меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот на Република Македонија.
Ова дотолку повеќе што и Законот за одбрана при определувањето на начинот на остварувањето на истата, ја предвидел соработката со колективните системи за безбедност и одбрана во кои Републиката пристапила (член 1 став 4).
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 на ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У.бр.231/2001
5 јуни 2002 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов