У.бр.202/2001

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 22 мај 2002 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката за дополнување на Одлуката за издавање на овластување на банките за вршење платен промет и кредитни работи со странство и овластување за вршење девизно-валутни работи во Република Македонија, донесена од Советот на Народната банка на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.16/2001).

2. Д-р Мирољуб Шукаров од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорената одлука не била во согласност ниту со Законот за банките, ниту со Законот за девизното работење, чие што важење било продолжено до 31.12.2001 година. Ова од причини што условите за издавање на согласност за вршење на платниот промет со странство биле регулирани со Законот на банките, но и покрај тоа во оспорената одлука било утврдено при оценувањето дали се исполнети условите за издавање на ваква согласност, Народната банка да го оценува и целокупното работење на банката и усогласеноста на нејзиното работење со прописите од областа на банкарството, со што според подносителот на иницијативата, Народната банка си пропишала дополнително право, односно овластување. Истовремено, со пропишувањето на ваквото овластување, според наводите во иницијативата таа се ставала во улога на суд бидејќи недавањето согласност за вршење на платен промет и кредитни работи со странство заради неусогласеност на работењето со прописите, според подносителот претставувало санкција за банката без однапред да биде утврдена повреда на прописите во судска постапка, односно да биде утврден прекршок и санкција за тоа со правосилна судска одлука.

Исто така, и утврдувањето на рокот во оспорената одлука за поднесување на повторно (ново) барање за издавање на овластување за вршење на наведените работи во странство не било во согласност со Законот за банките бидејќи единствен услов за стекнување на правото да се бара согласност за вршење на тие работи според овој закон било само капиталот на банката да е поголем од 9 000 000 евра. Поради тоа, ограничувањето на поднесување повторно барање по истекот на рок од една година, според подносителот на иницијативата претставувало не само дополнителен услов, но и своевидна санкција од која банката трпела штета без основ за тоа во Законот.

3. Судот на седницата утврди дека според точката 1 од оспорената одлука во Одлуката за издавање на овластување на банките за вршење платен промет и кредитни работи со странство и овластување за вршење девизно-валутни работи во Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.65/96) во точка 4, се додаваат два нови става 2 и 3 кои гласат:

“При оценувањето дали се исполнети условите за издавање на овластувањето од став 1 на оваа точка Народна банка го оценува целокупното работење на банката и усогласеноста на работењето на банката со прописите од областа на банкарството”.

“Доколку, Народна банка оцени дека не се исполнети условите за издавање на овластувањето од став 1 на оваа точка, или на банката која поднела барање за издавање овластување за вршење платен промет и кредитни работи со странство ваквото право и било одземено заради неусогалсеност со прописите, ново барање за издавање на овластување од став 1 на оваа точка банката може да поднесе само по истекот на рокот од 1 година”.

Судот на седницата, исто така, утврди дека материјалниот основ за донесување на основната одлука, како и на оспорената одлука со која се врши нејзино дополнување, е содржан во член 52 став 1 од Законот за девизното работење (“Службен весник на Република Македонија” бр.30/93, 40/96 и 54/2000), чие што важење, со измените и дополнувањата на новиот Закон за девизното работење од декември 2001 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.103/2001) е пролонгирано до 1 август 2002година, како датум утврден за примена на овој закон.

Имено, според членот 52 став 1 од наведениот закон “Платниот промет со странство и кредитните работи во странство, девизно-валутните и менувачките работи во Република Македонија ги вршат банките кои ги исполнуваат условите за вршење на тие работи пропишани од страна на Народната банка”.

Во наредниот, односно во ставот 2 на член 52 од овој закон е утврдено пак дека за издавање на овластување на банките за вршење на платниот промет со странство и кредитни работи со странство одлучува Советот на Народната банка под услови утврдени со прописот од ставот 1 на овој член.

4. Според член 60 став 2 од Уставот, Народната банка на Република Македонија е самостојна и одговорна за стабилноста на валутата, за монетарната политика и за општата ликвидност на плаќањата во Републиката и кон странство.

Според ставот 3 на истиот член од Уставот, организацијата и работата на Народната банка се уредуваат со закон.

Одредбата на членот 60 став 2 од Уставот целосно е преземена во членот 3 став 1 од Законот за Народната банка на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.29/96-пречистен текст и бр.37/98), кој што важел во времето на донесувањето на оспорената одлука. Инаку овој закон престана да важи со влегувањето во сила на новиот Закон за Народната банка (“Службен весник на Република Македонија” бр.3/2002, со кој што моментално е уредено нејзиното работење и организација.

Освен тоа, во ставот 2 на членот 3 од претходниот Закон за Народната банка беше утврдено дека таа во рамките на своите права и обврски е одговорна за обезбедување и одржување сигурен и стабилен банкарски систем.

Уставната одредба во однос на одговорноста на Народната банка за општата ликвидност во плаќањата спрема странство на соодветен начин е вградена и во членот 5 став 1 од Законот за девизното работење.

Во член 27 од истиот овој закон, пак, е утврдено дека платниот промет со странство се врши во девизи и во денари преку овластените банки за работа со странство, а за потребите на Републиката и органите и организациите на државата – преку Народната банка. При тоа под овластена банка во смисла на овој закон се подразбира банка која има овластување за вршење на работи на платен промет со странство и на кредитни работи со странство (член 10), а кое овластување како што е веќе наведено го издава Советот на Народната банка под услови пропишани со прописот на самата банка (член 52 став 2).

Од друга страна, Законот за банките (“Службен весник на Република Македонија” бр.63/2000), на кој се повикува и подносителот на иницијативата и Народната банка, како доносител на оспорената одлука, не само што не содржи посебно овластување за Народната банка да ги уредува условите за вршење на наведените работи, но не е утврдено и издавање на посебно овластување на банките за вршење на тие работи од страна на Народната банка, како што тоа е утврдено во Законот за девизното работење. Имено, во овој закон станува збор само за издавање на дозвола за основање и работење на банка (член 14 до 20), издавање на дозвола за статусни измени (член 21) и давање на претходна согласност од страна на Народната банка за прашањата утврдени во членот 25 од овој закон.

Според концепцијата на Законот за банките, во одлуката за издавање на дозвола за основање и работење на банка што ја издава гувернерот на Народната банка се наведуваат сите работи што може да ги врши банката (член 17 став 3), доколку банката ги исполнува условите од привремената дозвола, на кои инаку упатува член 16 од Законот. Тоа значи дека и според овој закон, ниедна банка не може да врши било која од банкарските активности кои се таксативно утврдени во членовите 45 и 46, а меѓу кои се и платниот промет со странство и кредитните и гаранциските работи со странство, без дозвола на Народната банка на Република Македонија.

Меѓутоа, со оглед дека издавањето на овластување на банките за вршење на платниот промет со странство и кредитните работи со странство наспроти Законот за банките, одделно се уредува во членот 52 од Законот за девизното работење, со кој законодавецот Народната банка посебно ја овластува со свој пропис да ги утврди условите за вршење на тие работи, според мислењето на Судот, подносителот на иницијативата погрешно се повикува на членовите 21, 25 и 46 од Законот за банките и ја оспорува законитоста на одлуката во однос на овие членови, сметајќи дека единствен услов за извршување на платниот промет со странство и кредитни работи со странство е исполнување на капиталниот цензус од 9 милиони ЕВРА, во денарска противвредност утврден во членот 46 и дека Народната банка е овластена да дава дозвола, односно согласност само во однос на прашањата утврдени во членовите 21 и 25 од овој закон.

При тоа, од напред наведените, а и од другите одредби на Законот за девизното работење, врз чија основа е донесена оспорената одлука произлегува дека овој закон воопшто не се занимава, односно не ги утврдува условите што една банка треба да ги исполни за да може да врши платен промет со странство и кредитни работи со странство, но едноставно овие услови е пропуштено со свој пропис да ги утврди Народната банка на Република Македонија.

Оттука, при неспорен факт дека Народната банка на Република Македонија, со Законот за девизното работење, кој се уште важи и се применува, е овластена да ги утврдува условите за вршење на платниот промет со странство и кредитните работи со странство, а при тоа имајќи предвид дека таа согласно член 60 од Уставот, освен за другите работи, е одговорна и за општата ликвидност на плаќањето кон странство, како и тоа дека според Законот за Народната банка на Република Македонија, што важел во времето на донесувањето на оспорената одлука, како и сега важечкиот закон, (“Службен весник на Република Македонија” бр.3/2002), Народната банка е овластена да врши надзор над девизното работење на банките, како и супервизија на банките и штедилниците со што Народната банка ја оценува усогласеноста на работењето на банките и штедилниците со прописите и супервизорските стандарди, како и да презема мерки спрема банката за која ќе утврди дека не работи согласно прописите, меѓу кои и забрана на вршење на дел или на сите финансиски активности, Судот смета дека оспорената одлука е во согласност со уставно утврдената положба и улога на Народната банка на Република Македонија, како и со нејзините права и должности, односно функции утврдени со закон.

Имено, според мислењето на Судот, Народната банка на Република Македонија, согласно нејзината положба, одговорност и функции утврдени со Уставот и закон, има право во рамките на овластувањето што и е утврдено во членот 52 од Законот за девизното работење, издавањето на овластување за вршење на платниот промет и кредитните работи во странство, покрај другото, да го условува и со нејзината оценка за законитото работење на банките. Исто така, во рамките на ова овластување таа има право да го утврдува и рокот за поднесување на ново барање во случаите утврдени во оспорената одлука, во кој според нејзина оценка банките објективно и со сигурност можат да ги исполнат условите и обврските поради чие неисполнување нивното претходно барање било одбиено. Со утврдувањето на овој рок на банките не им се оневозможува трајно да ги вршат овие работи, но само привремено, односно до исполнување на условите за тоа.

5. Од напред наведените причини Судот не го постави прашањето за согласноста на оспорената одредба со Уставот и закон, поради што и одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.202/2001
22 мај 2002 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов