Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 71 и член 28 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 15 мај 2002 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА предлогот за решавање на судир на надлежност меѓу носителите на извршната и судската власт.
2. Љупчо Кузмановски, градоначалник на општина Зелениково на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе предлог (барање) за решавање на судирот на надлежност меѓу носителите на извршната и судската власт во спорот за употребување, користење и управување со водоводот во с. Зелениково.
Во барањето меѓу другото се наведува дека, поради негативниот судир на надлежност настанат во предметниот спор меѓу носителите на извршната и судска власт, општината Зелениково не можела, односно била попречена во вршењето на нејзината надлежност во врска со снабдувањето со вода за пиење утврдена во Законот за локалната самоуправа и во Законот за комунални дејности.
3. Судот на седницата врз основа на приложените акти кон барањето ја утврди следната фактичка состојба на работите по овој предмет: Основниот суд Скопје II, Скопје, во спорот заведен по тужбата на тужителите МЗ с. Зелениково и МЗ “Јованче Саздовски”-Станица Зелениково и општината Зелениково, како вмешувач во спорот против тужениот Земјоделска задруга “Слобода” с. Зелениково, во стечај заради утврдување на право на употребување и користење на регионалниот водовод во с. Зелениково, со Решение В ПСС бр. 819/96 од 25.04.2001 година се огласил за ненадележен за решавање на овој спор и тужбата на тужителите ја отфрлил, а истовремено не дозволил и преиначување на тужбата на тужителот Општина Зелениково.
Од образложението на ова решение произлегува дека тужителите со прецизираното барање, од Судот побарале да се утврди дека имаат право на употребување и користење на регионалниот водовод изграден на подрачјето на тужителите, како и да се донесе решение за времена мерка со кое ќе се забрани на тужениот (ЗЗ “Слобода”) да врши отуѓување и оптоварување на регионалниот водовод.
Понатаму, од образложението произлегува дека Основниот суд Скопје ИИ, Скопје, по одржаната расправа на 25.04.2001 година нашол дека одлучувањето по прецизираното тужбено барање на тужителите не спаѓа во надлежност на судот, туку во надлежност на Републичката управа за водостопанство, поради што согласно член 16 став 1 и 2 од Законот за парничната постапка ги укинал спроведените дејствија во постапката и ја отфрлил тужбата на тужителите.
Незадоволен од ваквата одлука на судот тужителот-Општина Зелениково, благовремено поднел жалба оспорувајќи ја истата од причина што според Законот за локалната самоуправа и Законот за комунални дејности вршењето на комуналната дејност-снабдување со вода за пиење било од јавен интрес, па поради тоа и одлучувањето за тужбеното барање било во судска надлежност.
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по жалбата нашол дека првостепениот суд правилно постапил во однос на сите барања истакнати во тужбеното барање и на расправата од 25.04.2001 година и дека и по негово наоѓање барањето на тужителите е во надлежност на Републичката управа за водостопанство, бидејќи согласно член 35 од Законот за води одобрение за стопанисување со водостопанските објекти дава споменатата управа при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Од наведените причини Апелациониот суд Скопје со Решение АСЖ.бр.1074/2001 од 6.09.2001 година ја одбил жалбата како неоснована, а првостепеното решение го потврдил.
Општината Зелениково, со цел да се разреши овој спор (проблем) со барање под бр.08-276/1 од 2.07.2001 година се обратила до Републичката управа за водостопанство, при тоа повикувајќи се на упатствата на наведените два суда во таа смисла.
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во чиј состав е Управата за водостопанство, во врска со барањето на општината Зелениково за преземање на мерки за решавање на спорот околу признавањето на правото на стопанисување со водоводот во с. Орешани и негово предавање во нејзино владение, со писмо бр.12-6127/2 од 13.07.2001 година ја известил општината за неговата ненадлежност во врска со решавањето на овој спор, при тоа посочувајќи го доменот на овластувањето на Управата во оваа сфера (да издава само водостопанска дозвола со која се стекнува право за употреба или за користење на вода и за користење на изградените водостопански објекти и тоа од аспект да не се влијае на нарушувањето на режимот на водите). Истовремено, општината се упатува да се обрати до Министерството за транспорт и врски кое според Законот за изградба на инвестициони објекти било надлежно да издава решение за употреба на објектите како и да врши надзор на примената на Законот за комунални дејности со кој се уредени условите и начинот на вршење на комуналните дејности, како што е и дејноста во врска со снабдувањето со вода за пиење.
4. Според член 110 алинеја 4 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд е надлежен да решава за судирот на надлежностите меѓу носителите на законодавната, извршната и судската власт.
Согласно член 62 од Деловникот на Уставниот суд (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), предлог за решавање на судир на надлежност меѓу носителите на законодавната, извршната и судската власт може да поднесе секој од органите меѓу кои настанал судирот. Предлог може да поднесе и секој што поради прифаќањето или одбивањето на надлежноста на одделни органи не може да оствари свое право.
Според член 63 од Деловникот, органите од член 62 од Деловникот, предлогот за решавање на судирот на надлежностите може да го поднесат откако еден од органите со конечен или правосилен акт ја прифати или одбие надлежноста за решавање ист предмет, а додека субјектите од членот 62 предлогот можат да го поднесат откако и двата органа ја прифатиле или ја одбиле надлежноста со конечен или правосилен акт.
Од изнесените деловнички одредби произлегува дека основ за постапување на Судот во конкретниот случај, освен предлогот од странката, односно општината Зелениково, би претставувало и постоење на конечен или правосилен акт на органот на управата и на судот со кои и двата овие органи ја прифатиле или одбиле надлежноста за решавање на барањето на општината за утврдување на нејзиното право на употребување и користење на регионалниот водовод во с. Зелениково.
Имајќи го предвид наведеното, како и утврдената фактичка состојба според мислењето на Судот, во овој случај не е настанат, односно не постои судир на негативна надлежност меѓу носителите на судската и извршната власт, бидејќи во однос на барањето на подносителот на овој предлог постои само правосилен акт на судот со кој тој го отфрлил неговото барање поради ненадлежност, а додека таков акт за одбивање на надлежност за решавање не постои, односно не е донесен од страна на органот на државната управа.
Имено, според мислењето на Судот, во конкретниот случај не може да се прифати дека известувањето на Управата за водостопанство под бр.12-6127/2 од 13.07.2001 година, на кое се повикува подносителот на овој предлог, по форма и содржина претставува конкретен управен акт со кој овој орган ја одбил својата надлежност за решавање на барањето на странката. Ова од причини што прво, ова известување не е означено со ниту еден од називите што можат да му се дадат на актот со кој органите на државната управа решаваат во управните работи (решение, дозвола, овластување, одобрение и сл.) и второ, што истото не ги содржи елементите што се задолжителни за секое писмено решение (акт) донесено во управна постапка (увод, диспозитив,-изрека, образложение, упатство за правно средство или т.н. правна поука и др.).
Исто така, според мислењето на Судот во овој случај не постои судир на негативна надлежност меѓу носителите на судската и извршната власт и од причини што тужбеното барање по кое првостепениот суд директно се огласил за ненадележен, не е во целост идентично со барањето на општината Зелениково упатено до Управата за водостопанство.
Имено, тужбеното барање за кое првостепениот суд со правосилен акт изрично се огласил за ненадлежен се однесува за утврдување на правото на тужителите на употребување и користење на регионалниот водовод изграден на подрачјето на тужителите, а додека барањето на општината Зелениково поднесено до Управата за водостопанство се однесува за признавање на правото за стопанисување со овој водовод и негово предавање во владение на општината Зелениково (видно од известувањето на Управата).
5. Врз основа на изнесеното, Судот утврди дека во овој случај не постојат процесни претпоставки за одлучување по предлогот за решавање на судир на надлежност во смисла на член 63 од Деловникот, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од судијата Олга Лазова во својство на заменик претседател на Судот и судиите д-р Никола Крлески, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски и Бесим Селими.
У.бр.247/2001
15 мај 2002 година
С к о п ј е
Го заменува претседателот
СУДИЈА
на Уставниот суд на Република Македонија
Олга Лазова