У.бр.218/2001

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 24 април 2002 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 2 став 1 точка 3 од Одлуката за задолжување на Градот Скопје со кредит од Светската Банка (“Службен гласник на Град Скопје” бр.20/2000).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

2. Уставниот суд на Република Македонија по иницијатива на Петар Бочваров од Скопје, со Решение У.бр.218/2001 од 13 март 2002 година поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на член 2 став 1 точка 3 од Одлуката означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба со одредбите на членовите 55, 56 и 58 од Уставот и со одделни одредби од Законот за комунални дејности, Законот за водите, Законот за јавните претпријатија и Законот за концесија.

4. Судот на седницата утврди дека со Одлуката за задолжување на Градот Скопје со кредит од Светската банка, донесена од Советот на Град Скопје на 28 декември 2000 година и објавена во Службен гласник на Град Скопје бр.20/2000, се уредува дека Советот на Град Скопје се задолжува со кредит од страна на Светска банка во износ од 29 милиони американски долари (член 1, став 1 од Одлуката), а кредитот, според став 2 од овој член, ќе биде наменет за рехабилитација и проширување на водоводната и канализациона мрежа и постројки и за набавка на опрема за одржување на комуналната хигиена во градот Скопје.

Според член 2 став 1 точка 3 од Одлуката, Советот на Град Скопје средствата од кредитот од член 1 на оваа одлука ќе ги користи под услов на учество на меѓународен приватен оператор како давател на услуги во сферата на водоснабдувањето и одведувањето на отпадните и атмосферски води, избран преку јавно наддавање.

5. Според член 55 став 1 од Уставот се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото, а според ставот 2 на овој член од Уставот, Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.

Согласно член 56 став 3 од Уставот, со закон се уредуваат начинот и условите под кои определени добра од општ интерес за Републиката можат да се отстапат на користење.

Според член 58 став 1 од Уставот, сопственоста и трудот се основа за управување и учество во одлучувањето, а според ставот 2 од овој член на Уставот, учеството во управувањето и одлучувањето во јавните установи и служби се уредува со закон и врз принципите на стручност и компетентност.

Водоснабдувањето и одведувањето на отпадните и атмосферските води, според член 3 точка 1 до 4 од Законот за комунални дејности (“Службен весник на Република Македонија” бр. 45/97 и 23/99) се определени како комунални дејности, кои според член 14 од Законот, можат да се вршат со основање на јавно претпријатие, со давање концесија на начин утврден со закон и со дозвола за вршење на дејноста, а според член 15 од Законот, општината може да основа јавно претпријатие доколку на нејзиното подрачје, за вршење на таква дејност, не постои јавно претпријатие. Јавното претпријатие од член 14 од Законот, според член 20 став 1 од овој закон, може да се организира како друштво со ограничена одговорност или акционерско друштво, кога во него ќе се вложат средства на физички и правни лица на начин утврден со закон. Во согласност со ставот 2 на овој член од Законот, во јавните претпријатија можат да се вложат средства на физички и правни лица за вршење на другите дејности, но не и на комуналните дејности од утврдените во точките 1 до 4 од членот 3 на Законот.

Според член 2 од Законот за водите (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/98 и 19/00), водите како добра од општ интерес за Република Македонија уживаат посебна заштита утврдена со овој закон и се во државна сопственост. Со член 3 од овој закон се уредува дека одредбите на овој закон се однесуваат на изворските, протечните, стоечките и подземните води, на зафатените атмосферски води, водите за пиење и отпадните води, на коритата и бреговите на водотеците и пороите, езерата и акумулациите, како и на термалните и минералните води, доколку со посебен закон поинаку не е определено. Според член 152 од Законот, водата во водотеците и езерата може да се даде на користење со концесија (одобрение) на определено време на домашно и странско правно и физичко лице на начин и услови определени со овој закон и со Законот за концесија, а според член 153 од Законот, водата како природно богатство се дава на користење со концесија за вршење на следниве дејности: производство на електрична енергија; за одгледување на риби во рибници и кафези; езерски сообраќај и туристички услуги.

Со член 3 став 2 од Законот за јавните претпријатија (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/96 и 9/97) се уредува дека за вршење на одделни стопански дејности од јавен интерес, во рамките на своите надлежности, јавни претпријатија можат да основаат општините и градот Скопје под услови и начин утврдени со закон, а според став 5 од овој член на Законот, јавните претпријатија основани од Република Македонија се во сопственост на Република Македонија, а јавните претпријатија основани од општината, односно градот Скопје се во сопственост на општината, односно градот Скопје.

Со Законот за концесија (“Службен весник на Република Македонија” бр.42/93 и 40/99) се уредуваат начинот и условите под кои добра од општ интерес за Републиката утврдени со закон можат да се дадат на користење со одобрение (концесија). Според член 4 од овој закон, давател на концесија (концедент) е Република Македонија. Во име на Република Македонија, а во согласност со концесискиот акт, концесија дава Владата на Република Македонија. Согласно член 12 став 1 од Законот, за изборот на концесионерите врз основа на јавен конкурс или врз основа на понуда одлучува Владата на Република Македонија со одлука, а според став 2 на овој член од Законот, во постапката за донесување на одлуката од став 1 на овој член, сите кандидати кои учествуваат во постапката на јавниот конкурс или кои поднеле понуда имаат својство на странка.

Тргнувајќи од содржината на наведените уставни и законски одредби јасно произлегува дека водата како природно богатство е добро од општ интерес за Републиката и ужива посебна заштита. Уставот упатува посебната заштита на добрата од општ интерес за Републиката да биде предмет на уредување со закон. Во таа смисла со закон се уредуваат начинот и условите под кои определени добра од општ интерес за Републиката можат да се отстапат на користење.

Режимот на водите, вклучувајќи ги тука и водите за пиење и отпадните води, е уреден со Законот за водите. Со овој закон, како што понапред е веќе нагласено, водите се третираат

како државна сопственост и тие можат да се дадат на користење со концесија (одобрение) на определено време на домашно и странско правно и физичко лице на начин и услови определени со овој закон и Законот за концесија, но само за дејности што се утврдени со самиот закон (производство на електрична енергија, за одгледување на риби во рибници и кафези, езерски сообраќај и туристички услуги – член 153 од Законот за водите). Според Законот за концесија, пак, се уредуваат начинот и условите под кои добра од општ интерес за Републиката утврдени со закон можат да се дадат на користење со одобрение (концесија) и за кои врз основа на јавен конкурс или врз основа на понуда одлучува Владата на Република Македонија.

Според постојната законска регулатива, исто така, е утврдено дека водоснабдувањето и одведувањето на отпадните и атмосферските води се комунални дејности кои можат да се вршат со основање на јавно претпријатие, со давање концесија на начин утврден со закон и со дозвола за вршење на дејноста, при што е утврдено дека единицата на локалната самоуправа може да основа јавно претпријатие само доколку на нејзиното подрачје, за вршење на таква дејност, не постои јавно претпријатие. Со членот 20 од Законот за комунални дејности, е дадена можност јавното претпријатие да се организира како друштво со ограничена одговорност или акционерско друштво, кога во него ќе се вложат средства на физички и правни лица на начин утврден со закон, меѓутоа таквата можност е предвидена за вршење на други дејности но не и на комуналните дејности за водоснабдување и одведување на отпадни води.

Врз основа на наведеното, според мислењето на Судот оспорената одредба според која како услов за користење на кредит од Светската банка е предвидено учество на меѓународен приватен оператор како давател на услуги во сферата на водоснабдувањето и одведувањето на отпадните и атмосферски води, ги повредува уставните принципи за слободата на пазарот и еднаквата положба на сите субјекти на пазарот, како и одредбите од законите со кои е уредена посебната заштита на водите како добро од општ интерес за Републиката, поради што Судот оцени дека оспорената одредба од Одлуката не е во согласност со напред наведените уставни и законски одредби.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.218/2001
24 април 2002 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов