Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 17 април 2002 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на членовите 166, 167, 168, 169 и 170 став 1 во делот “друг пропис” од Кривичниот законик (“Службен весник на Република Македонија” бр.37/96, 80/99 и 4/02).
2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на членовите во делот “друг пропис” од Кривичниот законик означени во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата оспорениот дел од наведените одредби од Кривичниот законик не биле во согласност со одредбите на членовите 8 став 1 алинеја 3, 32 став 5, 34, 51 и 98 став 2 од Уставот на Република Македонија затоа што според овие уставни одредби извори на правото биле единствено Уставот, законите и колективните договори и дека судовите во случај на повреда на наведените одредби од Кривичниот законик можеле да судат само врз основа на Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот на што упатувал и членот 98 став 2 од Уставот.
3. Судот на седницата утврди дека сите наведени членови кои се оспоруваат во делот “друг пропис” се поместени во Глава седумнаесетта од Кривичниот законик која носи наслов “Кривични дела против работните односи”, и во нив всушност се утврдени инкриминираните дејствија што го сочинуваат битието, односно содржината на секое од кривичните дела од оваа група, (со исклучок на кривичното дело од член 171 кој што, исто така, спаѓа во наведената група, но овој член не е оспорен во иницијативата).
Имено, во членот 166 е утврдено битието на кривичното дело “Повреда на правото од работен однос”, во членот 167-на кривичното дело “Повреда на правото од социјално осигурување, во член 168-на кривичното дело “Злоупотреба на правата од социјалното осигурување, во член 168-на кривичното дело “Повреда на правата за време на привремена невработеност и на крај во членот 170 е утврдено битието, односно содржиината на кривичното дело “Непреземање мерки за заштита при работа”.
Од содржината на напред наведените членови произлегува дека инкриминацијата, односно казнивоста за сите кривични дела утврдени со нив во основа се однесува за свесното непридржување кон закон, друг пропис (оспорен дел) или колективен договор од различните сегменти од областа на работното право во поширока смисла со кое се повредува, одзема или ограничува право на работникот што му припаѓа според прописите од оваа област.
4. Во членот 8 алинеја 3 од Уставот, како една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија е утврден принципот на владеењето на правото.
Во членот 32 ставот 5 од Уставот е утврдено дека остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и колективни договори.
Исто така, и членот 34 од Уставот упатува дека правото на социјална сигурност и социјалното осигурување на граѓаните се утврдуваат со закон и колективен договор, а членот 51 пак ја содржи обврската дека законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.
И на крај, во членот 98 став 2 од Уставот, на кој се повикува подносителот на иницијативата се утврдува дека судовите судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот.
При тоа, од аспект на наводите во иницијативата, а како значајни за одлучување, Судот ги имаше предвид и следните одредби од Уставот.
Според член 14 став 1 од Уставот, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не биде утврдено со закон или со друг пропис и за кое не била предвидена казна.
Според членот 106 од Уставот јавното обвинителство е единствен и самостоен орган кој ги гони сторителите на кривични дела и на други со закон утврдени казниви дела и врши и други работи утврдени со закон. Овој член од Уставот е значаен по тоа што е единствен член во кој кривичните дела се дефинирани, односно определени како посебен вид на казниви дела и што инсистира овој вид на казниви дела единствено да можат да се утврдат со закон, а не и со друг пропис како што произлегува од формулацијата на веќе споменатиот член 14 став 1 од Уставот.
Токму во операционализација на овој и другите членови од Уставот, во Посебниот дел на Кривичниот законик, во чии рамки се и оспорените одредби, се определуваат кривичните дела и се пропишуваат кривичните санкции за секое од нив.
Во контекст на наведеното значаен е членот 7 од Кривичниот законик во кој е утврдено дека кривично дело е противправно дело што со закон е определено како кривично дело и чии обележја се определени со закон.
При тоа, самиот факт што при формулирањето, односно определувањето на битието на одделни кривични дела, како што е случајот и за конкретните кривични дела утврдени во оспорените членови, казнивоста е утврдена и во однос на непочитувањето, односно непридржувањето освен кон закон и кон друг пропис, според мислењето на Судот е ирелевантен и не е од влијание за неуставноста на овие одредби од овој законик. Ова особено од причини што во конкретниот случај е битно дека кривичните дела и нивните обележја се утврдени со закон, со што во целост е испочитувано, односно запазено уставното начело на законитост во определувањето на кривичните дела, при што законодавецот е сосема слободен, односно со ништо не е ограничен во тоа.
Понатаму, друга причина поради која пред Судот не се проблематизира уставноста на наведените членови од Кривичниот законик во оспорените делови е самата уставна и законска поставеност на органите на државната управа.
Имено, за Уставниот суд не е спорно дека уставната определба е правата и должностите на граѓаните да можат да се утврдуваат само со закон и колективни договори, како што тоа е утврдено впрочем и за правата од работен однос и од областа на социјалната сигурност и социјалното осигурување во членовите 32 став 5 и 34 од Уставот, на кои се повикува подносителот на оваа иницијатива. Меѓутоа, за Судот не е спорно и тоа дека Владата, органите на државната управа и институциите што вршат јавни овластувања, исто така, согласно Уставот можат да носат други прописи и општи акти со кои се разработуваат одделни законски одредби во функција само на нивно извршување, односно спроведување во рамките на со закон определеното овластување, а не и да утврдуваат нови права и обврски на граѓаните и правните лица.
Оттука, според Судот сосема логично, а и уставно оправдано е утврдувањето на непридржувањето и кон друг пропис да се санкционира како кривично дело, бидејќи инкриминирањето и на овие дејствија во крајна линија е во функција на гарантирање и заштита од злоупотреба на правата и слободите на граѓаните, утврдени со Уставот и закон, што е амбиција и една од целите на кривичното право воопшто.
Од друга страна, според мислењето на Судот, оспорените делови од наведените одредби на Кривичниот законик не ја доведуваат во прашање ниту уставната определба според која судовите судат, меѓу другото и врз основа на законите. Ова затоа што судовите при одлучувањето и изрекнувањето на кривичните санкции тие исклучиво се раководат и ги применуваат одредбите од Кривичниот законик, врз чија основа ги донесуваат и засноваат и своите одлуки. При тоа, поентата на употребата на терминот “друг пропис” на кои се упатува во овој законик, како и другите закони во кои се употребуваат овие термини, е судовите другите прописи да ги користат и проучуваат само при утврдување на фактот дали обинетото лице, во примената на тие прописи, кои се дел на правниот поредок, го сториле или не кривичното дело за кое се товари, од што зависи и пресудувањето во секој конкретен случај.
6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У.бр.239/2001
17 април 2002 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов