Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 17 април 2002 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на член 202 од Законот за општата управна постапка (“Службен лист на СФРЈ” бр.47/86-пречистен текст), кој согласно член 5 став 1 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија се презема како републички, со надлежности на органите утврдени со Уставот, и член 32 од Законот за судски такси (“Службен весник на Република Македонија” бр.46/90, 11/91-исправка, 65/92, 20/95 и 48/99).
2. Никола Митевски од Штип на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на одредби од законите означени во точката 1 од ова решение.
Во иницијативата се наведува дека Управата за јавни приходи, која е во состав на Министерството за финансии, носела решенија врз основа на член 202 од Законот за општата управна постапка и член 32 од Законот за судските такси, со кои странките се задолжувале да ги уплатат судските такси и казнена камата (такса), во рок од 15 дена од добивањето на решението, а во нивната правна поука, се предвидувало дека против овие решенија незадоволната странка има право на жалба во рок од 15 дена од денот на приемот на решението до Министерството за финансии.
Од правната поука на овие решенија според подносителот произлегувало дека еден ист орган, во конкретниот случај Министерството за финансии, одлучувал и во прв и во втор степен, што било во спротивност со членот 15 од Уставот, според чија суштина, по жалбата, која како право е гарантирана против поединечните акти донесени во постапка во прв степен пред
управен орган, требало да одлучува орган кој не учествувал во одлучувањето во прв степен.
Поради наведеното, во иницијативата се бара Судот да поведе постапка за оценување уставноста на одредбите од Законот за општата управна постапка и Законот за судски такси, но при тоа не се наведува кои членови од овие закони се оспоруваат од овој аспект, освен оние врз основа на кои Управата за јавни приходи ги донесувала решенијата за кои станува збор во иницијативата, а тоа се, како што и погоре е изнесено, член 202 од Законот за општата управна постапка и член 32 од Законот за судски такси.
3. Според член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд меѓу другото е надлежен да одлучува за согласноста на законите со Уставот, како и за согласноста на другите прописи со Уставот и со законите.
Според член 28 од Деловникот на Уставниот суд, пак, Судот ќе ја отфрли иницијативата доколку не е надлежен да одлучува по барањето или доколку постојат и други процесни пречки за тоа.
Имајќи во предвид дека членот 202 од Законот за општата управна постапка и членот 32 од Законот за судските такси, на кои се повикува подносителот и кои единствено се наведени во оваа иницијатива, воопшто не се однесуваат, односно не уредуваат прашања во врска со правото на жалба а во тој контекст ниту надле`носта за решавање по жалба, Судот утврди дека не може да се оценува нивната согласност со членот 15 од Уставот, со кој се гарантира правото на жалба.
Според тоа, прифаќајќи дека подносителот со иницијативата фактички оспорува конкретни управни акти (решенија) донесени во постапка во прв степен од Управата за јавни приходи, и тоа во делот што се однесува на правната поука, Судот утврди дека тие, според нивниот карактер и содржина се поединечни акти, а не прописи во смисла на членот 110 од Уставот на Република Македонија, поради што оцени дека и од овој аспект не е надлежен да постапува по барањето во иницијативата.
4. Врз основа на изнесеното, а согласно член 28 од Деловникот Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У.бр.227/2001
17 април 2002 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов