У.бр.205/2001

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 3 април 2002 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на:

а) поднасловот “Собрание на Република Македонија”,
б) Членот 17,
в) поднасловот “Учество на Армијата надвор од територијата на Републиката”,
г) членовите 41, 42, 43 и 44 во целост, а посебно членот 41 став 3 и
д) членот 119 став 2 од Законот за одбрана (“Службен весник на Република Македонија” бр.42/01).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста на одредбите означени под а), б), в), г) и д) од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорените одредби од Законот биле несогласни со Уставот, затоа што предвидувале: Собранието на Република Македонија само за себе да донесува закон; вооружените сили да можат да учествуваат надвор од територијата на Република Македонија и Армијата на Република Македонија да учествува во спроведувањет на заштитата од неексплодирани убојни средства, што не било согласно со Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека Собранието на Република Македонија, согласно членот 17 од Законот, во остварувањето на одбраната на Република Македонија ги има следните надлежности:

1) Врши надзор врз остварувањето на надлежностите на Владата во одбраната и ја следи подготвеноста за одбрана на Републиката;
2) утврдува постоење на непосредна воена опасност од напад врз Републиката;
3) прогласува настанување и престанување на воена состојба;
4) одлучува за висината на средствата за потребите на одбраната;
5) донесува буџет на Републикат за воена состојба;
6) донесува одлука за стапување во членство и за истапување на Републиката од членство од колективните системи за безбедност и одбрана;
7) ратификува меѓународни договори кои се однесуваат на влегување, поминување или престојување на странски вооружени сили на територијата на Републиката заради вежбовни активности, обука и учество во мировни или хуманитарни операции, како и за учество во тие активности и операции на единиците на Армијата на Републиката во странство;
8) донесува национална концепција за безбедност и одбрана на Републиката;
9) прогласува ден на Армијата и ден на цивилната заштита и
10) донесува заклучоци и резолуции во врска со остварувањето на системот на одбраната, плановите за развој на одбраната и борбената готовност на Армијата.

Извештај по актите наведени во точка 10 на овој член поднесува Владата по барање на Собранието или најмалку на две години.

Заради запознавање со активностите на Армијата, пратеник во Собранието може да побара од Министерството за одбрана да организира негова посета на единици, команди и штабови на Армијата”.

Исто така, Судот утврди дека учество на Армијата надвор од територијата на Републиката, согласно членот 41 од Законот се врши во согласност со ратификуваните меѓународни договори, единиците на Армијата или нивни делови од постојниот и резервниот состав, како и воени старешини и цивилни лица на служба во Армијата и вработени во Министерството за одбрана, кои учествуваат во вежбовни активности и обука и во хуманитарни или мировни операции и надвор од територијата на Републиката.

Одлука за испраќање на единици на Армијата надвор од територијата на Републиката за учество во вежбовни активности, обука и хуманитарни операции донесува Владата.

Одлука за испраќање на единици на Армијата надвор од територијата на Републиката за учество во мировни операции донесува Собранието на Републиката.

Одлука за испраќање на вработени од Министерството за одбрана навор од територијата на Републиката во случаите од став 1 на овој член, донесува министерот за одбрана.

Исто така, согласно членот 42 од Законот во единиците од постојниот состав на Армијата кои се испратени надвор од територијата на Републиката, заради учество во ве`бовни активности и обука и во хуманитарни или мировни операции не можат да учествуваат војници на отслужување на воениот рок”.

Членот 43 од Законот предвидува дека воените обврзници од резервниот состав на Армијата можат да бидат ангажирани во единиците на Армијата надвор од територијата на Републиката, доколку се согласат со тоа.

Додека се ангажирани надвор од територијата на Републиката, воените обврзници од резервниот состав на Армијата имаат статус на професионални војници, односно воени старешини од постојниот состав на Армијата”.

Во членот 44 од Законот е предвидено дека правата и обврските на воените обврзници од член 43 на овој закон и на вработените во Министерството за одбрана кои се испратени надвор од територијата на Републиката во случаите од член 41 став 1 на овој закон, се уредуваат со договор кој се склучува со Министерството за одбрана”.

На крај, во членот 119 од Законот е предвидено дека во спроведување на заштитата од неексплодирани убојни средства, меѓу другите субјекти, учествува и Армијата на Република Македонија.

4. Согласно членот 68 од Уставот на Република Македонија, Собранието на Република Македонија, меѓу другото, донесува закони и дава автентично толкување на законите; донесува републички буџет и завршна сметка на буџетот; ратификува меѓународни договори; одлучува за резервите на Републиката; врши политичка контрола и надзор над Владата и над другите носители на јавни функции што се одговорни пред Собранието; донесува одлуки, декларации, резолуции, препораки и заклучоци.

Членот 124 став 2 од Уставот, меѓу другото, предвидува дека воена состојба прогласува Собранието на Република Македонија со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници по предлог на претседателот на Републиката, Владата или најмалку 30 пратеници.

На крај, согласно член 92 став 1 од Уставот Владата и секој нејзин член, за својата работа одговарат пред Собранието.

Имајќи ги предвид наведениве уставни одредби вис а вис оспорениот наслов “Собрание на Република Македонија” во контекст на членот 17 од Законот за одбрана, при примената на принципот на поделба на власта на законодавна, извршна и судска, неспорно е дека Собранието на Република Македонија, како носител на законодавната власт, е овластено да донесува закони со кои ќе предвидува своја надлежност во смисла на вршење надзор врз остварувањето на надлежностите на Владата во одбраната и да ја следи подготвеноста за одбрана на Републиката, да утврдува постоење на непосредна воена опасност од напад врз Републиката; да прогласува настанување на престанување на воената состојба; да донесува буџет на Републиката за воена состојба; да донесува заклучоци и резолуции; да ратификува меѓународни договори што се однесуваат на влегување, поминување или престојување на странски вооружени сили на територијата на Републиката заради вежбовни активности, обука и учество во мировни хуманитарни операции како и за учество во тие активности, обука и учество во мировни или хуманитарни операции како и за учество во тие активности и операции на единиците на Армијата на Републиката во странство.

Во овој контекст, Судот смета за потребно да нагласи дека, независно од фактот што надлежноста на Собранието е уредена и определена со Уставот на Република Македонија, законодавецот со оспорениот закон се обидува да го регулира целокупниот систем на одбраната со прецизирање на уставните надлежности. Така, на пример во ставот 1 алинеја 6 од членот 68 од Уставот стои дека Собранието ги ратификува меѓународните договори.

Законот за одбрана во членот 17 точка 7 предвидува дека Собранието на Република Македонија ратификува меѓународни договори кои се однесуваат на влегување, поминување или престојување на странски вооружени сили на територијата на Република Македонија заради вежбовни активности, обука и учество во мировни и хуманитарни операции, како и за учество во тие активности и операции на единиците на Армијата на Републиката во странство.

Исто така, согласно ставот 2 на членот 68 од Уставот, Собранието на Република Македонија за вршење на работите од своја надлежност донесува одлуки, деларации, резолуции, препораки и заклучоци.

Оваа точка од надлежноста на Собранието на Република Македонија, предвидена во Уставот, во Законот за одбрана е конкретизирана во смисла што во точката 10 на членот 17 е предвидено дека Собранието донесува заклучоци и резолуции во врска со остварувањето на системот на одбраната, плановите за развој на одбраната, опременоста и борбената готовност на Армијата.

Со други зборови, Судот оцени дека предвидувањето на надлежностите на Собранието на Република Македонија во Законот за одбрна, е во улога на обезбедување на функционирањето на одбраната на Армијата на Република Македонија.

Што се однесува до одредбите од членовите 41, 42, 43 и 44 од Законот за одбрана, Судот оцени дека предвидувањето на учеството на единиците на АРМ (независно дали се од постојниот или од резервниот остав, дали се воени старешини или цивилни лица на служба во Армијата или се вработени во Министерството за одбрана) во вежбовни активности и обука и во хуманитарни или мировни операции надвор од територијата на Република Македонија, не се врши произволно туку во согласност со ратификуваните меѓународни договори при чија ратификација веќе се ценела нивната согласност со Уставот.

Во тој контекст, системот на одбраната на државата аспирира да се вклучи во глобалните одбранбени системи што, во крајна линија, е во функција на заштитата на територијалниот интегритет и независноста на Републиката, што е пак, основна задача на Армијата на Република Македонија.

Од тие причини, ваквото учество на единиците на АРМ надвор од територијата на Република Македонија, според Судот, е согласно со Уставот на Република Македонија.

Во однос на одредбата од членот 119 став 2 од Законот која предвидува во пронаоѓањето, собирањето и уништувањето на неексплодирани убојни средства, да учествуваат Армијата, силите на цивилната заштита што ги формира Републиката и стручни лица – пиротехничари, Судот оцени дека од содржината на оваа одредба се гледа дека во неа се само наброени субјектите што учествуваат во пронаоѓањето, собирањето и уништувањето на неексплодирани убојни средства, а Армијата е еден од тие субјекти. Имено, според Судот, оваа одредба не го третира прашањето во смисла дека Армијата, како таква, е дел од цивилната заштита туку, таа е само еден од субјектите што учествуваат во пронаоѓањето и уништувањето на неексплодирани убојни средства, како што е насловена и главата во која спаѓа членот 219 од Законот.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека не мо`е да се постави прашањето за нејзината уставност од овој аспект.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 на ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.205/2001
3 април 2002 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов