Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 3 април 2002 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ ПОНИШТУВААТ членовите 16, 17 и 19 од Одлуката бр.07-416/2 за усвојување на елаборат за измени и дополнување на одредбите за спроведување на Деталниот урбанистички план за шеста урбана единица, донесена од Советот на Општина Охрид на 14 август 2000 година.
2. СЕ СТАВА ВОН СИЛА забраната за донесување односно извршувањето на поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на одредбите од актот означен во точката 1 од оваа одлука.
3. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
4. Уставниот суд на Република Македонија по иницијатива на Јован и Јованка Баракоски од Охрид поднесена преку адвокатот Марјан Попески, со Решение У.бр.220/2001 од 20 февруари 2002 година поведе постапка за оценување законитоста на одредбите од актот означен во точката 1 од оваа одлука, бидејќи основано се постави прашањето за нејзината согласност со Законот за просторното и урбанистичкото планирање и Законот за локалната самоуправа.
5. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 16 од Одлуката, на урбанистичките проекти предвидени со оваа одлука, согласност дава Главниот архитект на градот. Во одделни случаи Главниот архитект може да побара мислење од стручна комисија. Стручната комисија ја именува Главниот архитект од стручни лица за соодветниот предмет.
Во оспорениот член 17 од Одлуката е предвидено дека урбанистичкиот проект од член 16 на оваа одлука на кого е дадена согласност, претставува измена на дел од Деталниот план за конкретниот објект и истиот е составен дел на Деталниот план за шеста урбана единица.
Според член 19, одредбите од овој елаборат се однесуваат за сите детални урбанистички планови и за нивните измени, кои со денот на донесувањето на оваа одлука се во сила и тоа: ДУП за прва урбана единица со измените, ДУП за ПЦГП Охрид со измените; ДУП за втора урбана единица со измените; ДУП за трета урбана единица со измените; ДУП за четврта урбана единица; ДУП за петта урбана единица; ДУП за шеста урбана единица со измените; ДУП за седма урбана единица со измените; ДУП за осма урбана единица; ДУП за девета урбана единица со измените; ДУП за десета урбана единица со измените; ДУП за единаесета урбана единица со измените; ДУП за населбата 15-ти корпус со измените; ДУП за населбата Железничка со измените; ДУП за Радојца Новичиќ со измените; Урбанистички проект за седма зона од ЦГП од седма урбана единица; Урбанистички проект за шеста зона од ЦГП од седма урбана единица; ДУП за населбата Пештани со измените; ДУП за населбата Трпејца со измените; ДУП Бејбунар 1; ДУП за населбата Чекоштина; ДУП за туристичкиот комплекс Свети Стефан со измените; ДУП за населбата Љубаништа; ДУП за потегот Лагадин-Пештани. Одредбите од овој елаборат ќе се применуваат поодделно за секој ДУП од став 1 на овој член.
6. Согласно членот 8 алинеја 10 од Уставот на Република Македонија темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата.
Според член 115 од Уставот на Република Македонија во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, а особено и во областа на урбанизмот.
Според член 2 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, просторното и урбанистичкото планирање е континуиран процес кој се обезбедува со изработувње, донесување и спроведување на просторни и урбанистички планови кои меѓусебно се усогласуваат.
Членот 7 од овој закон уредува дека во зависност од просторот кој е предмет на планирање се донесуваат просторен план на Републиката, генерален урбанистички план, детален урбанистички план, урбанистичка документација за населено место во општината и урбанистички план за граничен премин и локалитет со објекти од јавен интерес.
Според член 11 од Законот, детален урбанистички план се донесува за одделни делови на населените места и други подрачја за кои е донесен генерален урбанистички план.
Според ставот 2 на овој член од Законот деталниот урбанистички план содржи особено: меѓу другото, план на намена на просторот и објектите, план на градежни парцели и површина за изгрдба на објекти определени со регулациони и градежни линии, максимална висина на објектите и други поблиски услови за изгрдба и одредби за спроведување на планот.
Во членот 52 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.52/95 и 60/95), главниот архитект на градот покренува иницијатива за измена и дополнување на деталните урбанистички планови; покренува иницијатива за изработка на урбанистички и архитектонско-урбанистички планови, дава стручно мислење на деталните урбанистички планови и урбанистичките и архитектнско-урбанистичките проекти, дава насоки за изработка на архитектонски проекти за да се валоризираат вредностите во архитектурата и зачувување на амбиенталните вредности на одделни градски квартови; дава согласност на архитектонските проекти што се од големо значење за градот, а значењето се утрдува во правилникот за таков вид на објекти изготвени и усвоени во единициата на локалната самоуправа; дава согласност на проектите за просторно уредување на позначајни објекти или квартови во градот; му предлага на советот дополнување норми и правилници од областа на архитектурата; покренува иницијатива за ревитализација на одредени градски квартови; се грижи за сигурноста и архитектнското наследство и за архитектонско обликуваниот изглед на објектите во градот и учествува во работата на комисиите и телата надлежни за урбанизам и архитектура.
Од означената законска одредба произлегува дека надлежностите на главниот архитект на градот се децидно утврдени. При тоа, не е спорно дека главниот архитект во рамките на утврдените надлежности за одделни прашања дава и согласност на архитектонските проекти што се од големо значење за градот, а значењето се утврдува со правилник за таков вид објекти изготвен и усвоен во единицата на локалната самоуправа, како и согласност на проектите за партерно уредување на позначајни објекти или квартови во градот. Меѓутоа, во никој случај ваквото законско овластување на главниот архитект на градот не може да се поистовети со согласноста утврдена во оспорената одредба на членот 16 од Одлуката.
Тргнувајќи од законската определба дека и одредбите за спроведување на деталните планови се содржина на плановите, Судот смета дека овластувањето на главниот архитект на градот утврдено во оспорената одредба на членот 16 од Одлуката не е во рамките на законските овластувања поради што овој член не е во согласност со членот 11 од Законот за просторното и урбанистичкото планирање и со членот 52 од Законот за локалната самоуправа кој важел во времето на донесувањето на оспорената одлука.
Со оглед на тоа што оспорениот член 17 од Одлуката е во функција на членот 16, односно според овој член урбанистичкиот проект од член 16 на кого е дадена согласност претставува измена на дел од Деталниот урбанистички план за шеста урбана единица – Охрид за конкретниот објект и истиот е составен дел на Деталниот план, укажува на фактот дека е во прашање измена и дополнување на овој план, Судот оцени дека и овој член не е во согласност со означените законски одредби.
Во поглед на одредбата содржана во членот 19 од Одлуката, Судот оцени дека одредбите за реализација се составен дел на деталниот план, во случајов на Деталниот план за шеста урбана единица Охрид и со нивната измена не е допуштено да се уредуваат прашања и за други детални планови, поради што Судот оцени дека овој член не е во согласност со законските одредби.
7. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точките 1 и 2 од оваа одлука.
8. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У.бр.220/2001
3 април 2002 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов