Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 26 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 27 март 2002 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката за основање Јавно водостопанско претпријатие бр.23-978/3 од 4.05.1998 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.22/98 и 90/2001) донесена од Владата на Република Македонија.
2. Панче Докузов, адвокат од Штип, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 на ова решение. Според наводите во иницијативата наспроти законската обврска согласно членот 171 став 2 и 3 од Законот за води со овој основачки акт да се регулира статусот на одделни делови од постојните водостопански претпријатија, други правни лица и деловите од претпријатијата што ја вршат водостопанската дејност, кои не се во функција со дејноста на стопанисување со водите, и кои не се во склоп и не ја нарушуваат целината на објектот (системот) да можат да се издвојат и конституираат во посебни правни субјекти и да се трансформираат согласно Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал, како и да се уреди делбениот биланс, правата и обврските кои произлегуваат од заедничкото работење и бројот и статусот на вработените, сепак ниедно од овие прашања не било уредено со оспорената Одлука. Поради тоа, во иницијативата се наведува дека оспорената Одлука не била во согласност со Законот за води и е спротивна на членот 8 став 1 точка 3 од Уставот на Република Македонија, со кој владеењето на правото е втемелено како основна вредност на уставниот поредок.
3. На седницата Судот утврди дека согласно член 3 од Законот за јавните претпријатија (“Службен весник на РМ” бр.38/96, 9/97 и 6/2002), јавни претпријатија во име на Република Македонија основа Владата на Република Македонија.
Согласно членот 1 од овој закон, јавните претпријатија се основаат заради вршење на стопански дејности од јавен интерес а како такви, според членот 2 од Законот, меѓу другите, е предвидено и стопанисувањето со водите.
Во членот 4-а од Законот за измените и дополнувањата на Законот за јавни претпријатија (“Слу`бен весник на РМ” бр.6/2002) основачот на предлог на јавното претпријатие, може да донесе одлука за издвојување на подружница или дел од јавното претпријатие, под услов подружницата односно делот што се издвојува од јавното претпријатие да може непречено да продолжи со работа и да функционира посебно. Издвоената подружница, односно дел од јавното претпријатие се организира во друштво со ограничена одговорност или акционерско друштво во државна сопственост, односно сопственост на општината или градот Скопје или заедно со друг вложувач во друштво со учество на државата, односно општината или градот Скопје, а дејноста ќе ја вршат под услови и на начин утврдени со овој и друг закон.
Исто така, основачот, на предлог на јавното претпријатие, може да донесе одлука за издвојување на дел од јавното претпријатие и во случаите кога во делот што се издвојува не се врши основната дејност на јавното претпријатие, односно не се вршат стопански дејности кои со закон се утврдени како дејности од јавен интерес. Издвоениот дел се организира како друштво со ограничена одговорност, односно акционерско друштво и ќе се приватизира со соодветна примена на одредбите од Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал.
– Законот за води (“Слу`бен весник на РМ” бр.4/98 и 19/2000), во членот 171 став 2 и 3, предвидел Владата на Република Македонија при основање на јавно водостопанско претпријатие за стопанисување со водите од член 136 на овој закон, со актот за основање може да определи одделни делови од постојните водостопански претпријатија, други правни лица и деловите од претпријатијата што ја вршат водостопанската дејност, кои не се во функција со дејноста на стопанисувањето со водите, а кои не се во склоп и не ја нарушуваат целината на објектот (системот) да можат да се издвојат и конституираат во посебни правни субјекти и да се трансформираат согласно со Законот за трансформација на претпријатија со општествен капитал.
Со актот за издвојување, односно основање на јавно водостопанско претпријатие од ставот 2 на овој член, се уредуваат и прашата поврзани со делбениот биланс, правата и обврските кои произлегуваат од заедничкото работење и прашањата кои се однесуваат на бројот и статусот на вработените.
Од цитираните законски одредби на Законот за јавните претпријатија и Законот за води, неспорно произлегува дека основачот односно Владата на Република Македонија може веднаш со донесувањето на основачкиот акт на Ј.В.П. или продоцна со друг акт да одлучи за издвојување на одделни делови од постојните водостопански претпријатија, други правни лица и делови од претпријатија што ја вршат водостопанската дејност а кои не се во функција со дејноста на стопанисувањето со водите и не ја нарушуваат целината на објектот (системот).
Конкретно во случајов со оспорената Одлука, Владата не одлучувала за издвојување на посебни правни субјекти од Јавното водостопанско претпријатие и прашања врзани со издвојувањето, и оспорената одлука по својата содржина и карактер претставува само акт за основање на Јавното водостопанско претпријатие.
Со оглед на тоа што оспорената Одлука не претставува пропис, туку основачки акт, согласно член 110 од Уставот, Судот не е надлежен да ја оценува нејзината уставност и законитост.
4. Согласно член 28 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У.бр.27/2002
27 март 2002 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов