Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 6 март 2002 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 12 став 1, член 13 став 1 и член 82 во делот “за мажи” од Законот за одбрана (“Службен весник на Република Македонија” бр.42/2001).
2. Александар Талески од Прилеп, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста на одредбите од Законот означени во точката 1 од ова решение, затоа што со нив се вршела поделба на граѓаните според полот, со тоа што се утврдува учество во силите за цивилна заштита како должност на сите граѓани на возраст од 18 до 60 години за мажи а за жени до 55 години предвидено со членот 12 став 1 од Законот за одбрана, потоа должноста за извршување на работните обврски во остварувањето на одбраната е утврдена за сите граѓани од 18 до 65 години за мажи а за жени до 60 години, ова согласно членот 13 став 1 од Законот, и се предвидува дека претседателот има право во воена состојба да ја продолжи обврската за служење во резервниот состав за мажи до 60 години, согласно членот 82 од Законот.
Според наводите во иницијативата оспорените законски одредби се спротивни на членот 9 од Уставот на Република Македонија со кој е утврдено дека граѓаните се еднакви во слободите и правата независно од полот и граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Исто така се наведува во иницијтивата дека оспорените законски одредби се спротивни и на членот 28 став 1 од Уставот, според кој одбраната на Република Македонија е право и должност на секој граѓанин.
3. Судот на седницата утврди дека според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба.
Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Според член 28 од Уставот, одбраната на Република Македонија е право и должност на секој граѓанин. Остварувањето на ова право и должност на граѓаните се уредува со закон.
Во членот 122 од Уставот е предвидено дека вооружените сили на Република Македонија го штитат територијалниот интегритет и независност на Републиката.
Одбраната на Републиката се уредува со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Според член 42 од Уставот, Републиката посебно го заштитува мајчинството, децата и малолетните лица. Малолетните лица и мајките имаат право на посебна заштита при работа.
Со Законот за одбрана, согласно членот 2, е предвидено дека во остварувањето на одбраната на Републиката граѓаните ги имаат следниве права и должности: 1) да извршуваат воена обврска; 2) да учествуваат во цивилната заштита; 3) да извршуваат работна обврска и 4) да извршуваат материјална обврска.
Во членот 12 став 1 од Законот е уредено прашањето за учеството во силите на цивилната заштита како должност на сите граѓани на возраст од 18 до 60 години живот за мажи, односно 55 години живот за жжени.
Во членот 13 став 1 од Законот, е уредено прашањето за извршување на работната обврска како должност на сите работоспособни граѓани на возраст од 18 до 65 години живот за мажи, односно 60 години живот за жени.
Во однос на обврската за служење во резервниот состав на Армијата, за време на воена состојба е предвидено со членот 82 од Законот, претседателот на Републиката да може да ја продолжи обврската за мажи до наполнувањето на 60 години.
Од уставните одредби кои се изнесени произлегува дека граѓаните се еднакви во слободите и правата независно меѓу другото, и од полот, меѓутоа жените како мајки посебно се заштитени и имаат посебни права врз основа на мајчинството.
Уставот определил дека правото на одбрана на Републиката не е само право туку е и должност на сите граѓани, што значи и мажи и жени, меѓутоа тој не ги утврдува формите и начините за остварување на одбраната на Републиката, туку целосно е препуштено ова прашање да се уреди со закон.
Уставот прокламира еднаквост меѓу граѓаните во слободите и правата, независно од полот, а не и во обврските предвидени со Уставот.
Ако се имаат во предвид одредбите од Законот за одбрана, поголема тежина добиваат обврските за сметка на правата и се диференцираат обврските во зависност од полот на граѓанинот со утврдување на поголеми обврски на мажот а помали за жената во остварувањето на одбраната на Републиката, меѓутоа тоа кореспондира со уставната определба еднаквоста на граѓаните да се изразува во слободите и правата но не и во обврските предвидени со Уставот.
Со Уставот не се утврдени воената обврска, цивилната заштита, работната обврска и материјалната обврска како посебно право и дол`ност на сите граѓани во одбраната на Републиката, туку тие се утврдени со Закон како форми низ кои се операционализира учеството на граѓаните во одбраната на Републиката.
Со Законот за одбрана, во членот 3 е утврдена воената обврска за сите граѓани на Републиката, од машки пол на возраст од 17 до 55 години живот, а само доброволно жените можат под истите услови да се пријават за воени обврзници. Во членот 4 од Законот е утврдено дека воената обврска на граѓаните се состои од регрутна обврска, обврска за служење на воен рок и обврска за служење во резервен состав.
Тргнувајќи од законски утврдената воена обврска само за мажите на возраст од 17 до 55 години живот, во која спаѓа и обврската за служење во резервниот состав, оттука произлегува и можноста на претседателот на Републиката за време на воена состојба да ја продолжи обврската за служење во резервниот состав која се однесува само за мажи, до наполнувањето 60 години, што е предвидено во членот 82 од Законот.
Со Законот за одбрана, е уредено учеството на граѓаните во облиците низ кои се операционализира системот на одбраната на Републиката, во зависност од нивната позиција и положба во општеството, при што како учесници во остварувањето на овие права и обврски се и мажите и жените.
Судот утврди дека според Законот како должност на сите граѓани од машки пол а како право за доброволно учество на жените е уредено изршувањето на воената обврска во која спаѓа и служењето во резервниот состав, на возраст од 17 до 55 години живот во кој контекст е и можноста на претседателот на Републиката за време на воена состојба да ја продолжи обврската за служење во резервниот состав само за мажи до наполнувањето 60 години, меѓутоа во однос на учеството во цивилната заштита и извршувањето на работните обврски, како и во извршувањето на материјалните обврски, е утврдено дека се тоа должности на сите граѓани, но со третирање на различни граници на возраст кај мажите и кај жените кога се во прашање цивилната заштита и работните обврски. Овие различни начини на вклучување на граѓаните во зависност од полот, во облиците на одбранбениот систем на Републиката, не претставуваат ограничување на слободите и правата и не создаваат нееднаквост меѓу мажот и жената, туку со Законот само се врши поделба на обврските во остварувањето на одбраната, меѓу различните субјекти, учесници во одбраната. Со Законот, жената не е исклучена од правата и должностите за одбрана на Републиката, таа е вклучена во сите облици на спроведувањето на одбраната со респект на нејзините физички и биолошки својства кои го детерминират и степенот на нејзиното учество да биде соодветен на нив. Со оглед на изнесеното, Судот смета дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените законски одреби со означените уставни одредби, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.
4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У.бр.19/2002
6 март 2002 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов