Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 6 март 2002 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Меморандумот за согласност за развој на стандарди во примарната здравствена заштита, бр.03-8316 од 17 декември 1999 година, Втор меморандум за согласност за развој на стандарди за примарната здравствена заштита, бр.15-10768/1 од 26 декември 2001 година и Допис-известување од Министерството за здравство бр.09-254/2 од 25 јануари 2002 година.
2. Петар Арсовски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на материјалите означени во точката 1 од ова решение, затоа што според подносителот на иницијативата, наведените материјали имале карактер на пропис и со оглед на тоа што не биле објавени во “Службен весник на Република Македонија” се повредувал член 52 став 1 и 2 од Уставот, а со нивната содржина се повредувале повеќе одредби од Законот за здравствената заштита.
3. Судот на седницата утврди дека во оспорените меморандуми се наведуваат информативно-аналитички содржини за согласноста и подготвеноста, односно за намерите на Министерството за здравство, Медицинскиот факултет, Лекарската комора на Република Македонија и Македонското лекарско друштво во определбата за поддршка на Проектот за транзиција на здравствениот сектор, а со писмото на министерот за здравство, се известуваат здравствените организации за активностите што ги презема ова министерство во рамките на истиот проект.
Оспорените материјали по својот карактер не создаваат обврски за правните субјекти, туку ја изразуваат желбата и намерата на нивните потписници во процесот на промените во областа на здравствената заштита.
4. Според член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на колективните договори и другите прописи со Уставот и законите.
Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Тргнувајќи од содржината на наведените одредби, а имајќи ја предвид содржината на оспорените материјали, според мислењето на Судот, тие не претставуваат пропис во смисла на членовите 51, 52 и 110 од Уставот и не се подобни за уставно-судска оцена, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У.бр.20/2002
6 март 2002 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов