У.бр.173/2001-1, У.бр.148/2001-1 и У.бр.153/2001-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 6 март 2002 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА Одлуката за условите и начинот за сервисирање на солидарниот фонд на корисниците на пензија бр.02-3690/1 донесена од Управниот одбор на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на 13 јули 2001 година.

2. СЕ СТАВА ВОН СИЛА решението од 31 октомври 2001 година со кое се запираат од извршување дејствијата означени во точката 1 од оваа одлука.

3. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

4. Уставниот суд на Република Македонија, по иницијативите на Здружението на инвалидите на трудот Штип; Михаил Протогеров, Александар Гарвански, Младен Веселинов и Димитар Костадинов пензионери од Штип; Здружението на инвалиди на трудот Кичево; Здружението на инвалиди на трудот Гостивар; Здружението на инвалиди на трудот Струга; Благој Пендовски, Момчило Маркоски, Љубомир Ѓорѓиев и Димитрија Стојановски пензионери од Велес; Благоја Стојчевски од Скопје; Здружението на инвалиди на трудот Кочани; Сојузот на инвалиди на трудот на Република Македонија; Благој Гиновски, Киро Талевски, Панде Петковски, Танас Станковски, Никола Наумовски, Александар Марковски Ѓорѓи Зравевски пензионери од Битола; Здружението на пензионери Прилеп; Перо Стојановски, Цветко Митревски и Спасе Кузмановски пензионери од Кавадарци; Александар Нешковски претседател на Здружението на пензионери на општина Центар од името на здруженијата на пензионерите од Гази Баба, Кисела Вода, Карпош, Центар и Чаир; и Здружението на инвалиди на трудот Охрид, со решение У.бр.148/2001, 153/2001 и 173/2001 поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од оваа одлука бидејќи основано се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот и со закон.

5. Судот на седницата утврди дека оспорената одлука е донесена од Управниот одбор на Фондот за ПИО врз основа на член 163 став 1 точка 1 од ЗПИО на 13 јули 2001 година. Согласно член 1 од оспорената одлука се уредуваат условите и начинот на сервисирање на солидарниот фонд на корисниците на пензија од страна на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија. Според членот 2 од Одлуката, во услови на постоење на солидарен фонд основан од асоцијациите на корисниците на пензија, асоцијациите на инвалидите на трудот, асоцијациите на корисниците на инвалидска пензија и други асоцијации на ниво на општини, фондот сервисирањето ќе го врши на единствен начин. Членот 3 од Одлуката уредува дека Фондот при исплатата на пензија од секој корисник ќе врши задршка на единствен износ наменет за исплата на погребните трошоци што ќе се утврди во одлуките донесени од асоцијациите на корисниците на пензија од член 2 на оваа одлука, а во соработка со Координативното тело од член 5 на оваа одлука. Доколку корисникот на пензија не е согласен да му се врши задршка од пензијата за тоа писмено ќе го извести Фондот. Новите корисници на пензија согласноста за задршката од пензијата по писмен пат ќе ја дадат при поднесувањето на барањето за остварување право на пензија. Согласно членот 4 од Одлуката, собраните средства ќе се уплатуваат на посебна сметка одвоена од редовното финансиско рботење на Фондот со назнака “Средства за солидарен фонд на корисниците на пензија”. Средствата од став 1 на овој член преку акредитиви ќе бидат дозначувани до подрачните единици на Стручната служба на Фондот преку кои ќе се врши исплатата на погребните трошоци. Според членот 5 од Одлуката, за собраните и исплатените средства од солидарниот фонд и за други прашања во врска со сервисирањето на солидарниот фонд, се врши надзор и контрола од посебно координативно тело, составено од 5 члена и нивни заменици, односно по еден претставник од асоцијациите на корисниците на пензија, МТСП и Фондот. Членот 6 од Одлуката уредува дека дозначените, а неискористени средства за исплата на погребните трошоци за корисниците на пензија на денот на почетокот на примената на оваа Одлука, асоцијациите на корисниците на пензија, ќе ги повратат на посебната сметка. Неизвршени обврски за исплата на погребните трошоци настанати пред примената на оваа Одлука ќе ги исплатат подрачните единици од средствата за солидарниот фонд на корисниците на пензија, со исклучок на обврските настанти спрема брачните другари на корисниците на пензија. Според членот 7 од Одлуката, до донесување на одлуки за единствен износ на задршка од пензијата за солидарен фонд и до истекот на крајниот рок на склучени договори на асоцијациите на корисниците на пензија со осигурителните компании, Фондот задршкатаа ќе ја врши спроед постојните одлуки и склучените договори. Според членот 8 од Одлуката, работите во врска со задршките од пензиите на име членарина ќе ги сервисира Фондот под услови и начин што ќе се утврдат со договор со асоцијациите на корисниците на пензија. Со членот 9 од Одлуката се овластува директорот на Фондот, да донесе упатство со кое ќе ги уреди сите конкретни прашања во врска со сервисирањето на Солидарниот фонд. Според член 10 од Одлуката, оваа Одлука стапува во сила по нејзиното донесување, а ќе се применува од 1.11.2001 година.

6. Согласно член 8 став 1 алинеи 3, 6 и 8 од Уставот, владеењето на правото, правната заштитата на сопственоста и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Членот 30 од Уставот го гарантира правото на сопственост.

Според член 34 од Уставот, граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор.

Членот 52 од Уставот утврдува дека законите и другирте прописи се објавуваат пред да влезат во сила.

Според член 58 од Уставот, сопственоста и трудот се основа за управување и учество во одлучвуањето.

Согласно член 61 став 1 и 2 од Законот за здруженијата на граѓани и фондациите, Здруженијата и фондациите можат да стекнуваат предмети, парични средства и имотни права. Здруженијата на граѓани и фондациите средствата ги стекнуваат од членарина, прилози, донации, подароци и слично и со нив располагаат во согласност со статутот и со закон.

Членот 62 од овој закон, изрично определува дека средствата што здруженијата на граѓани и фондациите ги стекнуваат согласно членот 61 на овој закон се нивна сопственост.

Според членот 63 од овој закон, со статутот на здруженијата на граѓани и фодациите се утврдува органот кој врши контрола на наменско користење и располагање со средствата и приходите на здруженијата на граѓани и фондациите . Органот од ставот 1 на овој член е составен од членови, лица на здруженијата на граѓани и фондациите кои се избираат на начин предвиден со статутот. Секој член има право да бара да изврши увид во користењето на средствата и приходите на здруженијата на граѓани и фондациите на начин утврден со статутот.

Со Законот за пензиското и инвалидското осигурување се утврдени статусот, положбата и функцијата на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Фондот е посебен облик на организирање во кој се остваруваат правата и се обезбедуваат средства за пензиското и инвалидското осигурување, а дејноста на Фондот е од јавен интерес.

Орган на управување на Фондот е Управниот одбор.

Надлежностите на Управниот одбор се таксативно наброени во членот 163 од Законот, според кој Управниот одбор на фондот: 1) донесува статут и други општи акти на Фондот; 2) донесува програма и план за работа; 3) утврдува буџет и завршна сметка на фондот; 4) управува со средствата на Фондот; 4-а) се грижи за редовно уплатување на придонесот за пензиско и инвалидско осигурување; 5) одлучува за користење на средствата на Фондот; 6) се грижи за остварување на доброволно осигурување; 7) го следи остварувањето на меѓународните договори и меѓудржав-ните спогодби од областа на пензиското и инвалидското осигурување; 8) разгледува прашања, извештаи, информации и други материјали во врска со состојбите и проблемите од пензиското и инвалидското осигурување и други работи од надлежност на Фондот; 9) презема мерки за обезбедување и функционирање на информа-циониот систем на фондот; 10) основа комисии и други работни дела и 11) одлучува за други работи утврдени со закон и Статутот на Фондот.

Врз основа на наведените уставни одредби произлегува дека граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор. Доколку прибирањето на средства во солидарниот фонд кои служат за помош на семејствата во случај на смрт на осигуреникот се третира како еден вид социјална сигурност, потребно е како право да се утврди со закон или со колективен договор и со закон да се овласти Фондот или друг орган да ги уредува прашањата за начинот на користење на ова право. Меѓутоа, правото или обврската за издвојување на средства за погребни трошоци како еден вид социјална помош не е предвидено со ниеден закон ниту пак со колективен договор, туку за тоа одлучиле самите пензионери преку своите здруженија врз доброволна основа и за точно определени цели. Според тоа, Фондот како парадржавен орган и здруженијата можат да влегуваат во облигационен однос во таксативно наброени услови за собирање на средствата и за начинот на нивното исплаќање. Значи неспорно е правото на фондот врз основа на договор да врши и други работи. Меѓутоа, во овој случај нема договорен однос меѓу фондот и пензионерите. Имено, при формирањето и функционирањето на солидарниот фонд, како ретко каде на друго место, јасно доаѓаат до израз принципите на хуманоста, социјалната сигурност, взаемноста и солидарноста. Понатаму, со членот 10 од оспорената Одлука е предвидено дека истата стапува во сила по нејзиното донесување, и ќе се применува од 1 ноември 2001 година, што значи дека не е предвидено нејзино објавување иако се однесува на неограничен број субјекти. Поради тоа, Судот оцени дека оспорената одлука не е во согласност со членовите 8 став 1 алинеи 3 и 6, 30, 34 и 52 од Уставот.

Врз основа на наведените законски одредби, пак, произлегува дека овластувањата на Фондот и надлежностите на Управниот одбор на Фондот се уредени со Законот за пензиското и инвалидското осигурување, од што е видно дека Управниот одбор нема надлежност да го уредува прашањето во врска со начинот и условите за распределба и користење на доброволно издвоените средства на пензионерите.

Правен основ за донесување на оспорената одлука е членот 163 став 1 точка 3 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување. Меѓутоа, оваа законска одредба го уредува прашањето за видот на актите што може да ги донесе Управниот одбор, од што произлегува дека е неоспорно дека Управниот одбор може да носи одлуки како општи акти на Фондот, но само за прашања во рамките на законски наведените надлежности.

Фондот, може да одлучува и за други работи доколку се утврдени со закон и Статутот на Фондот. Меѓутоа, прибирањето на средства за покривање на погребните трошоци не е регулирано со ниеден закон, а оспорената одлука не се повикува ниту на вакво овластување утврдено со Статутот на Фондот.

Оттука, Судот оцени дека Управниот одбор ги пречекорил своите законски утврдени надлежности, поради што оцени дека оспорената Одлука не е во согласност со наведените законски одредби.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од оваа одлука.

8. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.148/2001
У.бр.153/2001
У.бр.173/2001
6 март 2002 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Тодор Џунов